Надворешна политика
Попоски – Бартелс: Членството во НАТО останува врвен приоритет за Македонија
Министерот за надворешни работи Никола Попоски во петокот оствари средба со претседавачот на Воениот комитет на НАТО, генерал Кнуд Бартелс кој се наоѓа во дводневна работна посета на Македонија.
За време на посетата генерал Бартелс оствари средби и со претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, министерот за одбрана Зоран Јолевски и началникот на Генералштабот на АРМ, Горанчо Котески.
На средбата Попоски ја реафирмираше определбата на Владата на Република Македонија за што поскоро зачленување во НАТО, како еден од врвните приоритети на надворешната политика на Македонија. Ја истакна континуираната посветеност на Владата на Република Македонија во спроведувањето на националните реформски процеси содржани во Годишната национална програма за членство на РМ во НАТО 2014-2015 во рамки на 16-от циклус на Акциониот план за членство.
Истовремено беше нагласен досегашниот ангажман на Македонија во меѓународните мировни мисии. Во оваа насока беше реафирмирана заложбата на РМ за учество во новата мисија во Авганистан за обука, тренирање и помагање на авганистанските безбедносни сили „Решителна поддршка“, согласно потребите на Алијансата, мандатот на мисијата и можностите на Македонија.
На состанокот двајцата соговорници разменија мислења и во однос на опасностите од тероризмот и новите безбедносни ризици поврзани со пролиферацијата на ОМУ. Во овој контекст се согласија дека градењето на партнерска соработка претставува заеднички интерес и определба, што истовремено придонесува кон зајакнување на регионалната и глобалната безбедност и претставува дополнителна вредност во прилог на нашето што поскоро зачленување во НАТО./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.