Македонија
„Аргентинецот“ вели дека ги вратил парите за летот со бизнис-класа
 
																								
												
												
											По речиси половина година, поранешниот директор на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Александар Донев, вели дека ги вратил парите што ги потрошил во октомври минатата година за лет до Аргентина со бизнис-класа. Средствата за службени патувања ги надоместил од свој џеб, вели Донев за „Макфакс“. Тој неколкупати повторуваше дека парите ќе ги донира за изградба на сензорна соба за лица со посебни потреби, со образложение дека чека Министерството за труд и социјална политика да ја заврши постапката, но сега вели дека не излегло ништо од тоа.
-Дел од трошоците за службени патувања ги покрив приватно, изјави Донев за „Макфакс“, без да прецизира точен износ на пари и за кои службени патувања станува збор.
За потврда на оваа информација, од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот нè упатија да се обратиме со барање за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Александар Донев ја налути јавноста која дозна дека тој во октомври 2017 службено патувал до Буенос Аирес во бизнис-класа со авионски билет за 220 000 денари, а летот со економска чинел 180 000 денари. Донев тогаш се извини и вети дека ќе ја надомести разликата од 40.000 денари од свој џеб. Но, според податоците до кои дојде „Макфакс“ од Агенцијата за туризам, вкупната сума патни трошоци за патувањето во Аргентина за авиобилети и патничко возило изнесува 433.950 денари или 7.056 евра. Донев тогаш се правдаше дека се работи за трошоци и за локален превоз, како и за уште еден авиобилет од Буенос Аирес до Салта, во економска класа, и дека во оваа сума се внесени и трошоците за сместување, иако во одговорот што го доби „Макфакс“ од Агенцијата стои дека сумата се однесува за авиобилети и патнички трошоци.
Донев беше разрешен со одлука на Владата во јануари, поради несовесно и невнимателно работење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Македонија
АВМУ: Сите медиуми од ноќеска на полноќ да ја прилагодат својата програма за изборниот молк
 
														Со денешниот ден завршува изборната кампања за вториот круг од Локалните избори 2025 година, односно од полноќ започнува изборниот молк кој трае до 19:00 часот на 2 ноември 2025 година. За време на молкот медиумите продолжуваат да известуваат за изборите и за текот на гласањето, но не смее да се емитува ниту еден од облиците на изборно медиумско претставување, извести АВМУ.
„При известувањето во деновите на изборниот молк ќе се смета дека медиумите го прекршиле изборниот молк доколку емитуваат, односно објават какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта“, соопшти АВМУ.
Агенцијата очекува сите медиуми, почнувајќи од ноќеска на полноќ, да ја прилагодат својата програма за изборниот молк.
Македонија
Мециновиќ: По првиот круг системот прокрваре – во вториот круг може да го добие конечниот удар, ако ние тоа го преточиме во одлука
 
														,,По првиот круг системот прокрваре. Во вториот круг може да го добие конечниот удар. Нормално, ако ние тоа го направиме, ако го преточиме во одлука. И сметам дека времето на одлуката е дојдено, затоа што мислам дека ни е на сите доста од вакви удбашки, бизнисменски, одвратни приказни кои ги живееме триесет и пет години. Системот е на нозе. Сега Скопје на нас е оставено”, порачува кандидатот за градоначалник од партијата Левица за Град Скопје, Амар Мециновиќ.
„Ова е класна борба. Класна борба кога имаш две спротивставени страни кои се потполно различни. Една која е наоружана со сите капацитети на државата и друга која сака да се ослободи од тие притисоци“, потенцира Мециновиќ.
Тој додава дека „во оваа кампања ги видовме сите можни лични напади, фабрикации, измислици, притисоци кои можевме да ги замислиме“.
„И зошто мислите дека за прв пат се случува вакво нешто во кампања? Тоа е затоа што за првпат после триесет и пет години им го оспоруваме статус-квото“, појаснува тој.
Македонија
Од почетокот на седмицата уапсени 12 лица за безобзирно управување на возило, вкупно 2.382 сообраќајни прекршоци
 
														Во периодот од 27 до 30 октомври како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 2.382 издадени платни налози, 443 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење, извести МВР.
„Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик се 12 лица сите за возење под дејство на алкохол.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, евидентирани се 733 прекршоци за неправилно паркирање, 306 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 32 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле 19 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и 14 пешаци. Исто така санкционирани се 174 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 81 возило било отстрането од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 43 заради техничка неисправност. Санкционирани се и 18 возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии)“, соопшти МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.


 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											