Економија
(Видео) Политичката криза во земјата причина за 0% раст на економијата за минатата година
Република Македонија во 2017 година забележала 0% раст во економијата и заедно со Србија е главната причина за намалување на регионалниот БДП од 3,1% во 2016 на 2,4% во 2017а, стои во регионалниот извештај на Светска банка за Западен Балкан.
Според економистот Бојан Шимбов, главна причина за ова е политичката криза и долгата и ладна зима. Од Светска банка очекуваат раст на БДП како во Македонија така и во целиот регион оваа година, со оглед на позитивните оценки на почетокот на годината.
Спред извештајот на Светска банка, во 2017 година била зголемена вработеноста во Република Македонија, а забележан е и раст на платите и пензиите, но изоставени се инвестициите во државата.
„Долготрајната политичка криза во Република Македонија го забави растот на БДП и го доведе до 0%. Ова се одрази на значителниот пад на инвестициите“, рече Шимбов.
Според Извештајот од 2017 година партиципацијата на пазар на труд во РМ се зголемил, додека, пак, невработеноста се намалила.
Според Шимбов и Светската банка, партиципацијата на пазар на труд достигнала 57,2%, додека, пак, невработеноста се намалила до историски најниско ниво од 22,4%.
Република Македонија во 2015 година забележала најголем раст на емиграцијата паралелно со целиот регион. Конкретно во нашата држава емиграцијата достигнала до 25%.
Директните странски инвестиции во 2017 година се намалени во однос на 2016 година од 3,2% на 2,3%. Сепак, и овие странски инвестиции придонеле за финансирање на надворешниот дефицит.
Минатата година кредитниот раст во РМ продолжил, но главно е насочен кон домаќинствата. Кредитирањето на домаќинствата е зголемено за 9,2%, корпоративното кредитирање останало релативно ниско, со раст од 2,6%.
Од Светска банка, како за оваа година така и за наредната очекуваат пораст на БДП во Република Македонија и оваа проценка се заснова на евентуалното членство на државата во ЕУ и НАТО, забрзаниот раст кој се очекува во иднина, поддржан од инвестициите во ЕУ, повисок раст на глобалната трговија и поволни услови за финансирање релативно ниски камати.
Во врска со предвидените промени во одданочувањето и прагот од илјада евра, од Светска банка велат дека тоа детално треба да се разгледа, но сметаат дека може да биде поддржан.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.
Економија
Славески: Во септември депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари
Штедењето е системска неопходност и важен фактор за одржлив економски раст и за финансиска стабилност, порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на настанот по повод Светскиот ден на штедењето, којшто се одржа во организација на Македонската банкарска асоцијација, во присуство на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, директорот на Фондот за осигурување депозити, Бехар Емини, претседателката на МБА, Маја Стевкова-Штериева и претставници од банкарскиот сектор.
Во своето обраќање, гувернерот нагласи дека во време на светска неизвесност и последователни кризи, штедењето претставува темел на отпорноста на економијата и на стабилноста на финансискиот систем.
„Отпорноста не е реакција, туку прашање на претходна подготвеност – градење простор за справување со кризите пред да се случат“, истакна Славески.
Тој посочи дека и покрај бројните шокови во последните години, кај граѓаните е задржана склоноста кон штедење и довербата во банкарскиот систем. Според податоците, во септември 2025 година, депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари, што претставува раст од над 50% од почетокот на пандемијата. Зголемен е и уделот на денарските и на долгорочните депозити, што придонесува за стабилност и ја зајакнува отпорноста на економијата.
Гувернерот нагласи дека поттикнувањето на штедењето е од суштинско значење за зголемување на потенцијалот за раст и за намалување на зависноста од надворешни извори на финансирање, особено во контекст на светски економски промени, геополитички тензии и структурни предизвици. Според него, економиите во регионот мора повеќе да се потпираат на сопствените заштеди како двигател на инвестициите и долгорочната стабилност.
„Во свет полн со неизвесност, претпазливоста е најкредибилната константа, а штедењето е системска неопходност“, истакна Славески, додавајќи дека негувањето на културата на штедење и финансиска одговорност во рамки на семејствата, институциите и општеството е вложување не само во личната сигурност, туку и во економската сила на државата.

