Економија
ССК ќе изготвува каталог на бизнис-поддршка и услуги во Македонија

Каталогот на бизнис-поддршка и услуги во Република Македонија, развиен од страна на Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка, имплементиран од Свисконтакт, кој на едно место содржи корисни информации за достапните услуги за финансиска поддршка и за поддршка на развој на бизнисите, од годинава ќе го изготвува Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК) за потребите на компаниите членови.
23 мерки за поддршка од владини институции, комерцијални финансиски инструменти од 17 финансиски институции и мерки за поддршка кои се нудат од 14 граѓански и организации од приватниот сектор се претставени во второто издание достапно за сите заинтересирани бизниси.
„Сојузот континуирано обезбедува поддршка за пристап до финансии и други механизми во функција на раст и развој на компаниите членови со цел зголемување на нивната конкурентност и реализација на инвестициските проекти. Конкретно, преку Каталогот на бизнис-поддршка и услуги во Република Македонија до компаниите доставуваме сублимирани и обработени податоци за сите достапни програми за бизнис-поддршка и финансирање во РМ. Дополнително во изминатиот период од страна на ССК беа објавени два повици каде аплицираа повеќе компании заинтересирани за користење на програмите од првата верзија на каталогот, каде што беше обезбедена експертска помош во соработка со ИМЕ-програмата во процесот на аплицирање за одредена програма при што имаме повеќе успешни приказни позади нас. ССК продолжува самостојно во иднина да врши ажурирање на информациите во каталогот и навремено да ги информира компаниите“, вели Александар Зарков, извршен директор на Сојузот на стопански комори на Македонија.
Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост го изготви првото издание на Каталогот во јуни 2016, како и втората ажурирана верзија во март 2018.
„Пристапот до информации за достапната поддршка е клучен за отпочнување бизнис, како и за поддршка на постојните компании. Преку изготвување на овој каталог, сите заинтересирани имаат можност за лесен пристап до информации за развој на бизнисите, преку алатка која содржи детали за видот на достапните мерки и финансиски услуги, за кого се наменети, начинот на нивна апликација, потребните документи и контакт информации“, изјави Стефан Томажан, заменик-шеф на Амбасадата на Швајцарија во Македонија.
Жаклина Гештаковска Алексовска, експерт за родови прашања во ИМЕ-програмата, смета дека е од огромно значење идното ажурирање на каталогот од Сојузот на стопански комори.
„На пазарот постојано се воведуваат нови финансиски инструменти и услуги за развој на бизнисите. Од огромно значење за секој бизнис е да има можност да добие навремени и релевантни информации, а преземањето на обврската за годишно ажурирање на каталогот преку Сојузот на стопански комори ќе обезбеди компаниите да ги имаат на увид сите мерки за поддршка, и да можат да направат информирана одлука која мерка е најсоодветна за нивната компанија“, кажа Гештаковска-Алексовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
СДСМ: Инфлација од 4,4 проценти беснее и во август, власта не носи ниту една мерка

Растот на трошоците за живот не запира, статистиката повторно регистрира зголемување на инфлацијата и цените на мало, реагираат од СДСМ.
Како што истакнуваат, според најновите податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата на годишно ниво, односно август 2025 година споредено со август 2024 година, бележи зголемување од 4,4%. Најголемо зголемување има на трошоците за храна и безалкохолни пијалаци од 6,2 %.
„Во истиот период, цените на мало поскапеле за 4,1%. Дури за 6,7% се зголемени цените на мало за прехранбени производи.
Ова е реалноста која ја живеат македонските граѓани – животот станува сѐ поскап, инфлацијата ја јаде куповната моќ.
Ова е резултатот од погрешните и аматерски економски политики на владата предводена од Христијан Мицкоски.
Колку и да сака премиерот Мицкоски да прикаже дека во државата добро се живее, статистиката не лаже, граѓаните ја чувствуваат сиромаштијата на свој грб.
Оваа влада покажа дека ниту има стратегија, ниту капацитет да ја заузда растечката инфлација. Жално е што владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека нема желба да им помогне на граѓаните и да преземе конкретни мерки за заштита на животниот стандард“.
Според опозициската партија, додека граѓаните прават математики како да го протуркаат месецот, власта се расфрла со народни пари за свои луксузи и партиски интереси.
„Нема пари за повисоки плати, но има пари за милионски тендер за скапа опрема за промоција и организирање на настани.
СДСМ постојано предупредува на растечкиот тренд на инфлацијата и понуди конкретни решенија за раст на платите и намалување на цените, кои владејачкото мнозинство не ги прифати. Сега повторно бараме владата да преземе итни мерки за заштита на животниот стандард, граѓаните не смеат да бидат жртва на погубните политики на оваа власт“.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот

Од ноќеска на полноќ цените на бензините и на дизелот ќе се зголемат за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 10.9.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 37,148 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,245 ден/кг и сега изнесува 37,148 ден/кг.
Економија
Славески на средба со извршниот директор на АФИ: Поттикнување на финансиската вклученост како предуслов за економскиот развој

За време на Глобалниот форум на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), кој се одржува во Намибија, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со извршниот директор на АФИ, Алфред Ханиг. На средбата се разговараше за напорите на Народната банка за подобрување на пристапот до финансиски услуги, зголемување на финансиската писменост и промовирање на дигиталните финансиски канали.
„Финансиската вклученост е клучен предуслов за повисока економска активност и доход. Народната банка континуирано работи на олеснување на пристапот до финансии, заштитата на потрошувачите и промовирaњето на дигиталните и зелените финансии,“ истакна гувернерот Славески.
Според последните податоци од Светската банка, 84% од населението над 15 години во земјава поседува сметка, што претставува највисоко ниво во регионот на Западен Балкан. Користењето дебитни и кредитни картички расте, при што 76% од граѓаните ги користат за плаќања, а 62% од сопствениците на сметка вршат онлајн плаќања.
На средбата беше истакнато дека натамошното унапредување на финансиската вклученост, особено кај младите, жените и ранливите групи, е од стратегиско значење за економскиот развој и стабилноста на земјата.
Гувернерот Славески и извршниот директор на АФИ, Ханиг се согласија дека размената на искуствата и соработката меѓу централните банки и меѓународните институции ќе придонесе за натамошно зајакнување на финансиската вклученост и зголемување на довербата на населението во финансискиот систем.
АФИ е глобална мрежа за финансиска вклученост, која опфаќа централни банки и финансиски регулатори од 84 земји во светот, овозможувајќи размена на знаење и искуства, како и развој на ефективни политики за финансиска вклученост.