Спорт
Луда вечер во ЛЕ, Марсеј и Салцбург одат понатаму, а се „тресеа“ Арсенал и Атлетико (видео)
Иако се веруваше дека четврт-финалињата од Лигата на Европа се „речиси“ одлучени по првите мечеви минатата недела, неверојатна вечер во второто по квалитет европско натпреварување, донесе изненадувања во Франција и Австрија, но и „тесни“ моменти за гол…

Иако се веруваше дека четврт-финалињата од Лигата на Европа се „речиси“ одлучени по првите мечеви минатата недела, неверојатна вечер во второто по квалитет европско натпреварување, донесе изненадувања во Франција и Австрија, но и „тесни“ моменти за големите Атлетико Мадрид и Арсенал.
Најголемото изненадување го направи австрискиот Салцбург, кој со фантастични пет минути во второто полувреме успеа да го исфрли Лацио и покрај тоа што клубот од Рим имаше предност од 4:2 по првиот меч.
Чиро Имобиле во 55. минута донесе водство за гостите по што Италијанците помислија дека веќе се во полуфиналето, но само минута подоцна, Изралецот Мунас Дабур израмни за домаќините. Но, тогаш следуваше австриската „фурија“ – од 72. до 76. минута Лацио прими три гола (Хајдара, Хванг и Лаинер) за апсолутен пресврт на Салцбург со што обезбедија двомеч за пласман во финалето.
„Лудо“ беше на „Велодром“, каде што Марсеј успеа да ја надополни разликата од 0:1 против германскиот вице-шампион РБ Лајпциг, победувајќи со 5:2 во меч кој имаше „фуриозен“ почеток.
Лајпциг дојде во водство уште во втората минута преку Брума, но до деветтата минута беше 2:1 за Марсеј – прво Илзанкер си постигна автогол во шестата минута, пред Буна Сар да создаде делириум во француското пристаниште. Флоријан Тован во 38. минута зголеми на 3:1, резултат кој остана на полувреме и ги носеше Марсеј во полуфиналето.

Тука не завршија возбудувањата. Жан-Кевин Огистин во 55. минута го намали водството на Марсеј на 3:2 (резултат со кој Лајпциг одеше понатаму), пред Димитри Паје да зголеми на 4:2 само пет минути подоцна. Хироки Сакаи во 94. минута стави печат на импресивната европска ноќ на „Велодром“.
Главните фаворити Арсенал и Атлетико Мадрид се во полуфиналето, но воопшто не им беше едноставно.
„Топчиите“ на гостувањето кај ЦСКА Москва губеа со 2:0 сѐ до 75. минута и на Русите им беше потребен само уште еден гол да го елиминираат тимот на Арсен Венгер и покрај победата од 4:1 во Лондон. Чалов во 39. и Набабкин во 50. минута ги ставија навивачите на „топчиите“ во незгодна ситуација, пред Дени Велбек во 75. минута со гол да го „визира“ патот до полуфиналето, а Дени Велбек во 92. минута обезбеди Арсенал да си замине непоразен.
Се „тресеа“ и во тимот на Атлетико и покрај 2:0 предноста од првиот меч, откако Спортинг Лисабон, чиј претседател влезе во конфликт со фудбалерите по поразот во Шпанија, поведе со голот на Фреди Монтеро уште во 28. минута од мечот.
За разлика од првиот натпревар, овојпат во составот од стартот беше и македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски.
ЛИГА ЕВРОПА, 1/4 ФИНАЛЕ, 2.НАТПРЕВАРИ
ЦСКА Москва – Арсенал 2:2
Прв натпревар: 1:4, вкупен резултат 3:6
Марсеј – РБ Лајпциг 5:2
Прв натпревар 0:1, вкупен резултат 6:3
Салцбург – Лацио 4:1
Прв натпревар 2:4, вкупен резултат 6:5
Спортинг Лисабон – Атлетико Мадрид 1:0
Прв натпревар: 0:2, вкупен резултат 1:2
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Пресврт, Влаховиќ сега сака да остане во Јувентус
Душан Влаховиќ сериозно размислува за продолжување на договорот со Јувентус. Овие информации ги пренесоа неколку италијански медиуми.
По месеци шпекулации за неговото заминување, се чини дека српскиот репрезентативец се уште не донел одлука да го напушти Торино, напротив, сите опции сè уште се разгледуваат, а самиот играч покажал интерес да го продолжи договорот.
„Соработник близок до менаџерот на фудбалерот, открива дека Влаховиќ покажал интерес за продолжување на соработката“, вели италијанскиот новинар Даниеле Лонго, потврдувајќи дека самиот Влаховиќ ја разгледува опцијата за нов договор.
Оваа перспектива го менува претходниот наратив, дека напаѓачот нема намера да остане во Јувентус.
Влаховиќ во моментов с годишна плата од 12 милиони евра е најплатениот играч во клубот и еден од најплатените во Серија А. Јувентус му нуди нов, повеќе годишен договор, со помала плата, што барем досега играчот и неговиот менаџер го одбија.
Foto/ depositphotos
Спорт
Татко ја убил мајката на натпревар на нивниот син
Ужасни вести ни доаѓаат од хокеарски натпревар од Соединетите Американски Држави.
Според американските медиуми, на хокеарскиот натпревар во Род Ајленд се случила страшна пукотница во која три лица ги загубиле животите, а неколку лица биле хоспитализирани.
Натпреварот се одржал во Потакет, Род Ајленд, а се натпреварувале две средни училишта.
Инцидентот се случил на трибините за време на натпреварот кога таткото на еден од играчите дошол вооружен и ја застрелал мајката на своето дете, а во таа прилика тешко ранил уште четири лица.
Едно лице починало на пат кон болница, три лица биле хоспитализирани, а починал и напаѓачот, па иако не е наведено како, се верува дека станува збор за самоубиство.
Спорт
Сензација на ЗОИ, златен медал за 41-годишна Американка
Зимските олимписки игри во Милано и Кортина донесоа низа неверојатни моменти, а еден од најголемите се случи во понеделникот, во женскиот монобоб.
Американката Елана Мејерс Тејлор го освои златниот медал, со што се запиша во историјата како најтрофејна зимска олимпијка во историјата на американската репрезентација, но и како најстарата Американка со злато на Зимските олимписки игри.
Четириесет и едногодишната Мејерс Тејлор победи со вкупно време од 3:57,93. Во неизвесен финиш, таа беше побрза од Германката Лаура Нолте, која го освои среброто со разлика од само четири стотинки (3:57,97). Бронзениот медал ѝ припадна уште една Американка, Кајли Армбастер Хамфрис, чие време беше 3:58,05.
Со освојувањето на златниот медал, Мејерс Тејлор се израмни со легендарната брзолизгачка Бони Блер како најтрофејна американска спортистка на Зимските олимписки игри. Двете сега имаат по шест олимписки медали. Во исто време, Мејерс Тејлор стана најстарата Американка во историјата што освои златен медал на Зимските олимписки игри.
Мејерс Тејлор освои медали на сите Зимски олимписки игри на кои учествувала од 2010 година. Во Ванкувер 2010 година, таа освои бронза со Ерин Пак, а потоа две сребра во боб со две седишта – во Сочи 2014 година со Лорин Вилијамс и во Пјонгчанг 2018 година со Лорен Гибс. На Игрите во Пекинг во 2022 година, таа освои сребро во боб со едно седиште и бронза во боб со две седишта.
Foto/ EPA

