Црна хроника
Кривична пријава за членови на Комисијата за категоризација, кои овозможиле бањски објект да биде користен како хотел

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против членови на Комисија за категоризација бидејќи овозможиле објект наменет за бањски туризам да биде користен како хотел со 4 ѕвезди.
„Пријавените во својство на службени лица – членови на Комисијата за категоризација на угостителски објекти за сместување при Министерството за економија, искористувајќи ја својата службена положба и овластувањата, поттикнати од Т.Ќ., овластено лице и подносител на барањата за категоризација на Друштвото за бањски туризам и телесна рехабилитација „Дебарски бањи – Цапа“ АД Дебар, во текот на 2017 година за објект во село Бањиште и објект во село Долно Косоврасти, постапувајќи несовесно во вршењето на своите овластувања и должности, сториле сериозни пропусти“, се вели во соопштението од Управата за финансиска полиција.
Тие, иако законски биле обврзани да извршат должен надзор над документацијата приложена кон барањата за категоризација, во која на недвосмислен начин е нотирано дека објектите функционираат како стационари за бањски туризам, а не како угостителски објекти, тоа не го сториле, туку спротивно на процедурите изготвиле и своерачно завериле извештаи за категоризација на угостителски објекти со предлог за определена категорија и однеле предлог-решенија за утврдување категорија за угостителските објекти до Владата на Република Македонија.
За споменатите објекти, кои се во рамките на Приватната здравствена установа – Специјална болница по физикална медицина и рехабилитација „Дебарски бањи – Цапа“, Министерството за здравство има издадено решение според кое овие објекти со целиот свој капацитет вршат здравствена дејност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Претходно осудувано лице: скопјанецот кој го усмрти пешакот со мотоцикл, немал возачка дозвола

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 25-годишен скопјанец, осомничен за -Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1, но и за кривично дело – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 1 јули управувал мотоцикл „Кавасаки“ без истакната регистарска табличка на задниот дел, по пешачката патека покрај зграда на улицата „Јован Хаџи Константинов – Џинот“.
Возел преку површина наменета за движење на пешаци, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето. Иако бил свесен дека поради тоа може да настапи штетна последица, осомничениот се согласил со нејзино настапување и кога дошол во близина на зградата, брзината на движење на моторот не ја приспособил. Освен тоа, управувал без да поседува возачка дозвола и на недозволено место, па со левиот страничен дел од мотоциклот удрил во телото на пешакот Југослав Николовски, кој се движел по пешачката патека. При ударот, оштетениот останал да лежи повреден на патеката, а возачот и неговиот сопатник паднале на коловозот.
Пешакот се здобил со тешки телесни повреди поради кои следното утро починал, а полесно повреден бил и сопатникот на моторот. Наместо да укаже помош, осомничениот го оставил мотоциклот и другите двајца повредени и пеш го напуштил местото, соопшти обвинителството.
Фактот, како што велат надлежните, дека осомничениот веднаш по настанот избегал од местото на несреќата и извесен период бил недостапен за органите на прогонот, за јавниот обвинител е потврда за опасноста тој повторно да се даде во бегство доколку биде пуштен да се брани од слобода.
„Освен тоа, станува збор претходно осудувано лице, кое и на критичниот ден направило две кривични дела едно по друго, што упатува на опасноста тој да го повтори делото или да стори друго кривично дело.
На тие основи, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот“.
Топ
МНР со детали за несреќата во Србија: загинатиот Македонец има 39 години, тешко повреден е уште еден македонски државјанин

МНР соопшти дека до Амбасадата на Република Северна Македонија во Белград е доставена информација за сообраќајна незгода.
Според соопштението несреќата се случила во близина на Суботица, во која животот го загубил македонски државјанин, роден во 1986 година.
„Во незгодата е повредено уште едно лице, исто така македонски државјанин, кое со тешки повреди е хоспитализирано на одделението за реанимација во клиничкиот центар.
Амбасадата е во редовна комуникација со семејството на починатото лице, со цел навремено завршување на сите неопходни административни постапки за транспорт на посмртните останки во Република Северна Македонија“, информира МНР.
Црна хроника
Откриени околу шест килограми амфетамин при претрес во Скопје, уапсени шест лица

Основното јавно обвинителство Скопје денеска поведе постапка против шест лица, поради основано сомнение дека заеднички вршеле продолжено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 3 во врска со став 1 и во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Предистражната постапка на Основното јавно обвинителство Скопје во соработка со Министерството за внатрешни работи траеше неколку месеци, а дел од доказите беа обезбедени со примена на посебни истражни мерки.
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници врз основа на обезбедени судски наредби, извршија претреси на повеќе локации во Скопје и Куманово заради целосно разоткривање на лицата и нивните активности кои траеле подолг временски период.
Согласно обезбедените докази, постои сомнение дека тие заедно со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, така што претходно неовластено набавувале, држеле и продавале психотропна супстанца – амфетамин, кој е класифициран во Националната Листа II на контролирани психотропни супстанции, како и 3,4-метилен-диоксиметамфетамин (MDMA)-психотропна супстанца, класифициранa во Националната Листа I на контролирани психотропни супстанции.
При претресите на неколку локации беа пронајдени околу 6 килограми амфетамин, но и повеќе таблети, пакувања со растителна материја, како и други предмети кои се предмет на вештачење по наредба на јавниот обвинител.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје денеска достави предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа за сите шест лица лишени од слобода, временски период неопходен за прибирање докази, анализа на обемниот доказен материјал и за завршување на вештачењата.