концерти
(Видео) Концертна претпромоција на новиот албум на скопскиот енергичен бенд „Темпера“
Во ноќниот клуб „Станица 26“, утревечер, со почеток во 21 часот, концерт ќе одржи македонската група „Темпера“ . Овој скопски бенд е познат по својата енергична и урбана музика и музичари кои зад себе имаат сериозен професионален багаж, како Мите Димовски на тапани, Ѓоле Максимовски на бас, Драган Гиновски на гитара и вокалистката со разорен глас, Тања Тас. Концертот е во организација на „3 гонга“.
Тие ветуваат одлична свирка на која ќе ги отсвират песните од својот албум „Играј“, премиерно ќе ја изведат во живо новата песна „Не застанувај“ за која неодамна направија и видеозапис, како и песни од нивниот нов албум, кој е во подготовка.
„’Темпера’ создава музика полна со енергија и емоции. Песните се создаваат постепено со секој тон, збор, со секој риф, идеја. Тие се дефинираат, вообличуваат од нас како глината под прстите на вајарот. Звукот на нашата музика е рефлексија, сублимат на нашите личности, кои некако се поврзуваат низ неа, прават целина. Целина што е составена од нашата експресија, збир на нашите искуства, интереси“, велат членовите на бендот.

Својата музика ја опишуваат како пропорционално измешани стилови со уникатна целина.
„Од латински ‘темпераре’ – значи да се измеша, да се добие нешто од елементи во одредена пропорција или вистинска мерка како вистински сооднос на квалитети што образуваат, создаваат уникатна целина со сопствен живот, мирис, пулс, како детето, како билките, како ние самите, како светов околу нас, како и сè што произлегува од секој од нас. По „Тивка река“ и „Ѕвер“, сега ја промовираме песната „Не застанувај“. Првиот албум е карактеристичен по различноста на стиловите на песните. Такви се и песните што ќе се најдат на вториот. Тивки сме како „Тивка река“, а енергични како „Ѕвер“. Сите се обоени со нашиот препознатлив звук. Нашиот нов албум е во подготовка и голем дел од него ќе биде отсвирен на нашиот концерт утревечер“, велат членовите на бендот.

Гитаристот и композитор Драган Гиновски – Гино од 1998 година, па сè до 2011 година беше дел од култниот бенд „Архангел“ и многу музички критичари го прогласија за еден од најдобрите рок-гитаристи во земјата. Ѓоле Максимовски е музички активен од средината на 90-тите, тој е басист и композитор на албумите на „Тилт“, „Сет“, „Беневентан трио“, „Мозаик“ и „Кабадајас“. Од 1998 до 2005 година беше член и на „Архангел“. Учесник во снимањето на албумите на „Алшар“, „Мугер фугер“ и 18 години е дел од „Влатко Стефановски трио“ со кого заедно има остварено успешни соработки со неколку светски реномирани музичари како Јан Акерман, Теодосиј Спасов и Стефан Миленковиќ.
Мите Димовски е тапанар, композитор, аранжер и продуцент. Својата музичка кариера ја започнува на 12 години во групата „Цилиндер“ како најмлад тапанар во поранешните југословенски простори. Најголемиот дел од својот музички пат го има поминато во групата „Архангел“. Низ својата досегашна 20-годишна кариера има учествувано на над 400 проекти како продуцент, а покрај многуте музички имиња, соработувал и со „Мизар“, „Анастасија“, „Фолтин“, Кирил Џајковски, Влатко Стефановски… Вокалистката и текстописец Тања Тас е ликовна уметница по вокација, а својата музичка кариера ја започнала на 16 години како вокал на македонскиот блуз бенд Wild Bunch. Континуирано од тогаш учествува во многу музички проекти заедно со „Кисмет“, „Лилит“, Горан Трајкоски Готра, „Аутмајнд“, Игор Атанасовски -Харе, „Мугер фугер“ и проектот „Фем фатал“ со Александар Ристовски – Принц.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
концерти
„Медитеранска магија“: Концерт за две пијана и четирирачно пијано на дуото Аврамовска–Мариновски
Во Салон 19 19, на 26 ноември 2025 година со почеток во 19:19 часот, ќе се одржи концертот „Медитеранска магија“ — музичка вечер посветена на јужниот медитерански дух, во изведба на дуото Аврамовска–Мариновски. Наратор на концертот ќе биде Мимоза Рајл.
Публиката ќе има можност да доживее ретко музичко патување исполнето со сончеви ритми, страст и виртуозност. На програмата се дела од италијански, француски и шпански автори, како и премиерни изведби и специјално подготвени аранжмани.
Програма:
Жорж Бизе – Свита „Арлезијанка“ бр. 2
Жорж Бизе – Свита „Арлезијанка“ бр. 1
Ернесто де Куртис – Non ti scordar di me (солист: Илија Белистојановски)
Rodolfo Falvo – Dicitebcelli (солист: Илија Белистојановски)
Г. Росини – Увертира „Крадливата страчка“
Исаак Албениз – Rapsodia Española
Дуото, активно веќе девет години, има бројни настапи во Македонија и во странство — меѓу кои Турција, Бугарија и САД. Нивната работа е посветена на спојот меѓу македонската традиција и современиот музички израз, со концертни програми што ја освојуваат публиката со емоција и уметничка длабочина.
„Медитеранска магија“ ветува вечер исполнета со топлина, енергија и дух на јужниот Медитеран — музика која ги надминува границите и допира директно до публиката.
концерти
Почна фестивалот „Виноскоп 2023“
Со настапи на Стефан Петановски, Пајак, „Офчестра“, „Брас брадрс“ и „Фолтин“ вчера беше отворен фестивалот „Виноксоп“, кој веќе тринаесет години по ред ја промовира македонската винска култура.
![]()
Со учество на над 40 винарници и гурмански катчиња фестивалот продолжува до сабота, а денеска концертни настапи ќе имаат „Баклава“, Нино Величковски, Сале Певац, Дани Димитровска и „Куку леле’.
![]()
Програмата почнува во 17 ч со „афтер ворк“ забава, а до 19 ч на секои две купени вина, посетителите ќе добијат едно гратис.
концерти
Петтото издание на музичкиот фестивал „Андерфест“ Скопје
Музичкиот фестивал „Андерфест“ ќе се одржи петти пат на 13 октомври во Младинскиот културен центар (МКЦ).
На овој јубилеј публиката ќе може да ужива во музиката од алтернативната, рок, панк-рок, метал, хардкор-сцената од нашата држава, која ќе покаже дека е одлична и има што да понуди.
Од најавените бендови, сите ѝ се одлично познати на македонската публика. Се работи за актуелни музички имиња за кои организаторите очекуваат многу публика и ветуваат забава.
На „Андерфест 5“ ќе настапат: Преку ред, Ред 18, Конспираси, Луфтанза, Пич Ваис и Последен удар.
Продажбата на билети за концертот e почната и можете да ги набавите преку следниот линк.

