Македонија
(Видео) Могерини: Може да славите половина ден, а потоа да се вратите на работа
Се вративте назад на патеката. Може да славите половина ден, а потоа да се вратите на работа. Ова го порача високата претставничка за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, на заедничката прес-конференција со претседателот на Владата, Зоран Заев, по безусловната препорака во извештајот за напредокот на Македонија.
„Поминавте долг пат и драго ми е што се вративте на вистинската патека. По проценката што ја направија европските комесари, му препорачавме на Советот отпочнување на преговорите. Можете да славите половина ден, а потоа да се вратите на работа“, рече Могерини.
Таа потенцира дека безусловната препорака не е заслуга само на Владата, туку и на институциите и на граѓаните, а за резултатот, како што рече, подеднакво е заслужна и опозицијата.
„Власта и опозицијата треба да ги здружат силите и за следните чекори. Имајќи ги сите овие работи предвид, но и задачите кои следуваат, Владата има одговорност да ѝ ги отвори вратите на опозицијата, но и таа да учествува во процесите“, рече Могерини и изрази задоволство што опозицијата се врати во Собранието.
Процесот кон пристапувањето во ЕУ, Могерини го опиша како видеоигра, чијашто крајна цел е подобрување на стандардот и квалитетот на живот.
„Кога ќе завршите едно ниво добивате ново ниво, а на крајот од денот добивате екстра поени. Вистинската цел не се институциите, туку подобрување на стандардот на граѓаните и подобар квалитет на живот. Сето ова почна и ова се придобивки кои членството во ЕУ ги носи со себе. Следно ниво е спроведувањето на реформите. Во препораката има два магични збора – подобрување и продлабочување. Да се биде транспарентен, одлучен и строг значи дека ќе се остварат и вистинските резултати“, порача Могерини.
Таа ја пофали Македонија дека завршила одлична работа во дијалогот со преговорите со Грција и изрази надеж дека ќе биде пронајдено решение кое ќе биде заеднички прифатливо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На ден пред двојните избори гласаат болните и изнемоштените лица, затворениците и дијаспората
Денес своето право на глас први ќе го остварат болните и изнемоштените лица, како и затворениците во казено-поправните домови во државата.
Од Државната изборна комисија информираа дека за претседателските избори ќе гласаат 11.123 болни и немоќни лица, а за парламентарните избори бројката е поголема за 102 избирачи или ќе гласаат 11.225 болни и немоќни лица.
Освен изнемоштените и затворениците, денес своето право на глас ќе го остварат и пријавените македонски државјани од дијаспората, но единствено за претседателските избори. Гласање за парламентарните избори во дијаспората нема да се спроведе поради недоволен број пријавени.
На овие парламентарни избори поднесени се 17 кандидатски листи, за парламентарните избори од кои 16 на политички партии и коалиции и една од група избирачи. На изборите учествуваат 61 партија. Од нив, 11 самостојно, а 50 во пет коалиции.
На вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, а на парламентарните избори 1.815.350 избирачи. Разликата во гласовите е 1033, генерално поради граѓани кои стекнуваат полнолетство. Во посебните изводи од Избирачкиот список за лица кои поднеле пријава за гласање во дипломатско конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии се запишани 2.569 избирачи, а во затворите или во притвор 2.147 избирачи.
Македонија
Акредитирани 1078 домашни и 770 странски набљудувачи за изборите
За вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори на 8 мај акредитирани се вкупно 1999 набљудувачи, преведувачи и странски новинари. Најмногу акредитирани се домашни набљудувачи – 1078. Изборите ќе ги следат и 770 странски набљудувачи за чии потреби се ангажирани и 85 преведувачи.
За известување од изборите, акредитирани се 66 странски новинари, меѓу кои и од Ројтерс, Асошиејтед прес, Ал Џезира и Франс прес.
Најмногу домашни набљудувачи акредитирало Здружението за развој на општествено – социјални иновации „ВАКЕ УП“ Скопје – 752, потоа Фондација Ромите за демократија – 151, Цивил – 82, Центарот за безбедносни истражувања – 46, Институтот за меѓународни односи и стратегии Охрид – 20, Националниот ромски центар Куманово – 14, Здружението за промоција и развој инклузива Куманово – 12 и Македонскиот центар за културен развој – еден набљудувач.
Специјалната мисија за проценка на изборите на ОБСЕ/ОДИХР има акредитирано 410 набљудувачи, 14 експерти и 31 преведувач, најмногу од странските набљудувачи. Парламентарното собрание на ОБСЕ (OSCE PA) има акредитирано 138 набљудувачи, Амбасадата на Соединетите американски држави во Скопје – 68 набљудувачи и 33 преведувачи, Парламентарното собрание на Советот на Европа – ад хок комисијата за набљудување на претседателските избори во Република Северна Македонија – 33 набљудувачи и 20 преведувачи, Иницијативата за дијалог и демократија Силба 30, Централната изборна комисија – Република Косово – 13, Европскиот парламент – 12 и други.
Македонија
Бојан Јовановски: Повикан сум на информативен разговор во полиција, ова е директен притисок и обид за цензура
Бојан Јовановски – Боки 13 соопшти дека денеска во 10 часот е повикан на информативен разговор во П.С Кисела вода (Пролече) во врска со пријава за загрозување на безбедност согласно член 144 од КЗ.
„Ова го чувствувам за директен притисок и обид за цензура од страна на засегнатите лица во врска со мојот настап кај „Лазаров“!“, објави Бојан Јовановски.
Јовановски претходно вчера објави дека веќе неколку дена е цел на закани и притисоци со цел да го откаже второ гостување на поткастот.