Македонија
Обвинителството не нашло кривична одговорност за Андреа Јосифовски и осомничените во „Макпетрол“
Јавното обвинителство ја отфрли кривичната пријава за раководството на „Макпетрол“. Обвинителството ја отфрли кривичната пријава од полицијата покрената против нафтената компанија, за Андреја Јосифовски, првиот човек на фирмата, но и уште против други 20 лица членови на Управниот и Надзорниот одбор, како и лица од Централниот регистар, Централниот депозитар за хартии од вредност и од Комисијата за хартии, сите пријавени за злоупотреба на службена должност и овластување.
Станува збор за случајот со формирањето на друштвото со акции „Оилко“. Полицијата ги товареше осомничените за незаконско прелевање капитал од едната во другата фирма. Во 2015 година, кога беше поднесена пријавата, МВР имаше проценето дека наводната штета што ја предизвикале пријавените изнесувала околу шест милиони евра. Во пријавата пишуваше дека по формирањето на „Оилко“, меѓу фирмата „мајка“ „Макпетрол“ и фирмата ќерка „Оилко“ се склучени поголем број договори од кои според годишните биланси, целиот профит оди на страната на „Оилко“, додека „Макпетрол“ бележел загуби. Имено, при извршената анализа полицијата утврдила дека во периодот од 2002 до 2007 година „Макпетрол АД“ Скопје работи со добивка и oстварило нето-добивка во вкупен износ од 1.128.185.175 денари, а, пак, за период од 2007 до 2014 година „Макпетрол АД“ Скопје остварува нето-загуба во вкупен износ од 446.626.307 денари. „Оилко“ во овој период работи со добивка и остварува нето-добивка во вкупен износ од 230.408.250 денари, што претставува сомнеж дека средствата од „Макпетрол АД-Скопје“ се слеваат на сметка на „Оилко“.
Според наодите на полицијата, првоосомничениот, Јосифовски, кој се јавува во својство на претседател на Управен одбор во „Макетрол“ и комплементар и управител во командитно друштво со акции за транспорт „Оилко“ Скопје, второосомнилениот С. Л. (60), како член на Управен одбор и комплементар и управител во „Оилко“, заедно со останатите осомничени, искористувајќи ја службената положба и овластување им нанеле штета на акционерите на „Макпетрол“ во износ од 375 милиони денари (приближно 6,1 милиони евра), притоа овозможувајќи им на комплементарите да се стекнат со право да располагаат и одлучуваат за акционерски капитал и права на глас во „Макпетрол“ во износ од 19.95 отсто, а, пак, на командиторите да се стекнат со капитална добивка во вкупен износ од 304.193.176 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Судии и обвинители како Наќе Ѓорѓиев и Иџет Мемети кои земаат мито и влијаат врз судски пресуди, бараат плати и до 6.000 евра
Судиите и обвинителите како Наќе Ѓорѓиев и Иџет Мемети кои земаат мито и влијаат врз судски пресуди, бараат плати и до 6.000 евра со само 2% доверба. Македонската јавност заслужува да знае кој се овие поединци од судската и обвинителската фела, кои се имплицирани во вакви судски пресуди со своите влијанија, а од друга страна со 2% доверба сакаат зголемување на платите, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Група на поединци како Наќе Ѓорѓиев и Иџет Мемети, тогашни високи функционери во правосудството, беа фатени како земаат мито за да влијаат врз пресуда во вредност од 10.000 евра, а за ова кривично дело и двајцата се спогодија со судот, односно ја надиграа правдата.
Со кое лице и како очекуваат од народот и граѓаните, луѓе како Ѓорѓиев и Мемети, да бараат зголемување на и онака високите плати? Како народот да очекува правда, кога истите овие луѓе кои земаа по 10тина илјади евра мито, се спогодија со судовите? Како може народот да очекува правда и одговорност кога кој е тој што ја гарантира независноста на оние судии и обвинители кои се спогодиле со Ѓорѓиев и Мемети? Кој гарантира дека нема да влијаат истите и врз некои други предмети“, прашува Манасиевски.
Оценува дека на македонското правосудство му е потребен ремонт.
„Во судството и обвинителството не смее да има остатоци од оние кои ги бираа СДС и ДУИ. Корумпирани и криминални. Заради оваа група на поединци, чесни и транспарентни судии и обвинители не можат да дојдат до израз“.
Македонија
Зајкова назначена за шефица на набљудувачката мисија на ПС на ОБСЕ на предвремените парламентарни избори во Киргистан
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, е назначена за шефица на делегацијата на набљудувачи на Парламентарното собрание (ПС) на ОБСЕ на претстојните предвремени парламентарни избори во Киргистан, закажани за 30-ти ноември.
Зајкова, која воедно е и шефица на македонската парламентарна делегација која ќе ги набљудува изборите, ќе ја извршува својата должност заедно со Клод Хаген, пратеник од Луксембург и специјален координатор и водач на краткорочната мисија за набљудување на изборите на ОБСЕ и со уште 80 други набљудувачи на ПС на ОБСЕ од 28 земји.
Во текот на изборите, Зајкова и тимот на ПС на ОБСЕ ќе соработуваат со Мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР, предводена од Тамас Мезерич (Унгарија) и партнерската делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), предводена од Георгиос Стаматис (Грција).
Парламентарците на ОБСЕ ќе бидат сразмерно распоредени на територијата на Киргистан за да извршат проценка на сите фази од изборниот процес и нивните наоди ќе бидат собрани и анализирани. Податоците ќе се искористат во прелиминарните заклучоци на меѓународната мисија за набљудување на изборите, кои подоцна ќе бидат презентирани на заедничка прес-конференција.
„Ова е дванаесетти пат како ПС на ОБСЕ ги набљудува изборите во Киргистан. Заедно со нашите колеги од ОДИХР и ПССЕ ќе извршиме проценка на сите фази од изборниот процес. Киргистан влегува во овие избори со изменат законска рамка, нов систем на гласање, нови изборни единици, нови правила за кандидирање на кандидати и финансирање на кампањата. Ова ќе бидат првите национални избори во Киргистан на кои ќе се користи новата опрема за гласање и ќе се понуди гласање од далечина, а луѓето разбирливо обрнуваат големо внимание на тоа како ова ќе функционира во пракса. Со нетрпение очекуваме да ги набљудуваме овие случувања на терен и тесно да соработуваме со ОДИХР и нашите партнери од ПССЕ низ целата земја“, истакна претседателката и ЛДП и шефица на делегацијата на ПС на ОБСЕ, Зајкова.
На денот на изборите, Зајкова и набљудувачите на ПС на ОБСЕ ќе посетат гласачки места низ цела територија на Киргистан за лично да извршат проценка на процедурите, технологиите за гласање и целокупното спроведување на процесот. Изборите ќе бидат оценети во однос на демократските обврски содржани во Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990-та година.
Македонија
Од четврток снег на планините и пад на температурите
Под влијание на циклонска активност од утре до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во текот на утрешниот ден и во четврток, информира УХМР.
Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, во четврток на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а дневните температури ќе опаднат за 4-6 степени во споредба со утрешните.
Стабилизирање на времето се очекува од недела.
Во Скопје, до сабота времето ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината повремено врнежите ќе бидат пообилни и се очекува да наврнат над 15 l/m2 за 24 часа.

