Економија
(Видео) Кривични пријави за стечајниот управник и за стечјаната судијка на „Фени“ поради договорот со швајцарски ГСОЛ

„Транспаренси интернешнл – Македонија“ поднесе кривични пријави за злоупотреба на службена должност против стечајниот управник Мирослав Анастасиевски и стечајната судијка Валентина Ѓорѓиевска поради нетранспарентност и други многубројни забележани неправилности кои ја карактеризираат стечајната постапка на „Фени индустри“ и укажуваат на оправдан сомнеж за коруптивно однесување.
„Стечајниот управник Мирослав Анастасиевски на 3.1.2018 година објавил оглас за прибирање писмени понуди за склучување договор за преработка на никелова руда, оглас што содржи недоволно одредени услови врз основа на кои би можела да се изврши селекција на понудите и избирање на најповолната, но содржи услови со кои за одредено правно лице понудувач се создава состојба на предодреденост и му се дава неоправдана предност. Потоа, врз основа на селективно профилираниот оглас, одреден е понудувач со кој подоцна склучил ветен договор како застапник на ‘Фени’. Стечајниот судија Валентина Ѓорѓиевска, иако во согласност со Законот за стечајот имала обврска да врши надзор над работата, а стечајниот управник постапил спротивно на своите надлежности, односно пропуштил да ги врши, и со тоа двајцата, без притоа да водат сметка за законските обврски при утврдување на идентитетот на втората договорна страна, ѝ овозможиле на фирмата ГСОЛ, регистрирана на Бахамите, да стекне нерамноправен договор кој ѝ овозможува значителна имотна корист, а е штетен за стечајниот должник и ги доведува во неповолна положба стечајните доверители“, објасни претседателката Тасева.
За работата на стечајната судијка, Тасева вели дека поднела претставка до Судскиот совет на Република Македонија со барање да се испита нејзиното работење. Во исто време „Транспаренси интернешнл“, заедно со доверителите, бара разрешување на стечајниот управник поради неажурно внесување податоци во системот на е-стечај и поништување на договорот со ГСОЛ.
Тасева вели дека и покрај изјавите дека се исплатени доверителите, во Централниот регистар состојбата на „Фени“ е иста како и пред еден месец. Како аргумент за нетранспарентаната постапка таа го наведува и податокот дека иако се изминати роковите за доставување на плановите за реорганизација на фабриката, кои напоредно со стечајната постапка требаше да ги подготват, и тоа еден банките и уште еден стечајниот управник, планови за реорганизација нема.
Стечајниот управник денес е недостапен да објасни за обвинувањата, а недостапна е и стечајната судијка.
Од ГСОЛ, пак, новите сопственици на „Фени“, велат дека не биле привилегирани и дека исти услови важеле за сите заинтересирани за купување на фабриката.
Тасева објасни дека почнале да ја следат стечајната постапка за „Фени“ кога добиле претставки од засегнати страни, меѓу кои и „Кунико рисорсис“, поранешниот сопственик на „Фени“.
Вработените во фабриката посочија дека токму „Кунико рисорсис“ како сопственик на „Фени“ направил долг од над 60 милиони евра поради кој фабриката лани во септември престана со производство. Против тогашниот генерален директор Јусуф Миракхмедов, Управата за финансиска полиција поднесе две кривични пријави, едната за незаконски отпис на незастарени побарувања на „Фени“ и за незаконско отуѓување фероникел и друга руда од фабриката врз кои банките имале заложно право. Кривична пријава против него поднесе и малцинскиот акционер БСГР во групацијата „Кунико рисорсис“. Миракхмедов, пак, ја напушти Македонија лани во ноември.
Правните застапници на „Кунико рисорсис“, два дена по рестартирањето на производството во фабриката во март годинава, соопштија дека ќе ја тужат Македонија на арбитражниот суд во Вашингтон оти продажбата на комбинатот била незаконска.
Вработените во „Фени“ велат дека токму овој судски спор е главната причина за обвинувањата што денес ги изнесе „Транспаренси“. Тие сметаат дека претставките до „Транспаренси“ се обид на „Кунико“ да ја зајакне изгубената позиција пред да почне судската постапка и прашуваат каде била „Транспаренси интернешнл“ кога „Кунико“ направил долг од над 60 милиони евра во фабриката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
За четири дена доставени повеќе од 2.500 пријави за самовработување

Во салата на киното „Манаки“ во Битола денеска беа презентирани мерките од оперативниот план за вработување за 2025 година.
Пред голем број граѓани претставниците од Министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемаштвото и Агенцијата за вработување ги презентираа мерките од оперативниот план, со акцент на трите подмерки од мерката за самовработување (претприемаштво), каде што јавните повици се објавени и сите заинтересирани може да се пријават до 20 јуни.
„Со мерките за самовработување на сите невработени лица им даваме финансиска поддршка за отворање сопствен бизнис, која се движи од 7.000 до 10.000 евра, а со здружување две лица од 14.000 до 20.000 евра. Имаме исклучително голем интерес за овој јавен повик и за само четири дена се пријавени повеќе од 2.500 лица. Ги повикувам сите лица што се заинтересирани да се пријават во кој било од 30-те центри за вработување при Агенцијата за вработување во државата“, рече заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
Во рамките на јавните повици од мерката 1, „Поддршка за самовработување (претприемаштво)“, во тек се три јавни повици, со кои им се дава можност на повеќе од 1.700 лица да отворат сопствен бизнис и со нив се предвидени:
– финансиска поддршка во форма на грант до 7.000 евра за основање и почнување бизнис за лица постари од 29 години;
– финансиска поддршка во форма на грант до 10.000 евра за основање и почнување бизнис за млади лица до 29 години;
– финансиска поддршка за здружување две лица во ДОО, каде што таа изнесува од 14.000 до 20.000 евра во зависност од целните групи.
Економија
Укинувањето на царините за стоките од САД не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, вели Стојанова

Со новите измени и дополнувања на Законот за царинските тарифи, Собранието ќе даде зелено светло на планот на Владата да се намалат царинските давачки на голем број суровини и репроматеријали што се користат во домашната индустрија и во енергетиката, изјави Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Списокот со 70-ина производи, кој е составен на транспарентен и инклузивен начин, во соработка со Стопанската комора, вклучува намалување до 50 % на царинските стапки што важат во ЕУ, како и укинување на царините за увоз од САД. Овие измени ќе значат пониски трошоци за домашното производство, а со тоа зголемена конкурентност на странските пазари, нови инвестиции и повеќе вработувања“, рече таа.
Укинувањето на царините за стоките по потекло од Соединетите Американски Држави, пак, додаде Стојаноска, не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, со кој испраќаме сигнал за зголемена подготвеност за соработка со нашите стратешки партнери и поддршка за слободната трговија.
„Со оваа законска измена македонските компании ќе станат поконкурентни, ќе се намалат цените за производство и ќе се зголеми извозот, со што директно ќе влијае на растот на економијата. Ова е само еден чекор од поширокиот план за економски раст. Клучна измена со која се посветуваме на економијата во пракса, а не само на хартија“, рече Стојаноска.
Економија
Цените на нафтата го забележаа најголемиот скок во последните неколку години поради стравот од војна

Глобалните цени на нафтата пораснаа за повеќе од 4 проценти забележувајќи го најголемиот дневен процентен пораст од март 2022 година поради стравувањата дека потенцијалното проширување на конфликтот на Блискиот Исток би можело да предизвика големи прекини во снабдувањето со енергија.
Цената на „Брент“, меѓународниот референтен стандард, се зголеми за 4,3 проценти, на 72,40 долара за барел, а американската референтна нафта West Texas Intermediate (WTI) скокна за 5 проценти, на 71,40 долар за барел.
Според „Ројтерс“, ова се најголемите еднодневни скокови за двете референтни цени на нафтата од март 2022 година кога почна војната во Украина.
„Остриот пораст на цените на ‘Брент’ ги одразува не само тековните ризици за снабдување туку и растечкото чувство дека потенцијалната ескалација на конфликтот би можела да трае за разлика од претходните краткотрајни епизоди меѓу Израел и Иран“, рече Ахмад Асири, истражувачки стратег во „Пеперстоун“.
Нервозата на пазарите дополнително се потврдува со движењата на американските берзи, пренесува „Танјуг“.