Економија
Обвинувањата од „Транспаренси“ се неосновани, тврди стечајниот управник на „Фени“

Нема незаконски постапки во водењето на стечајната постапка за „Фени“, тврди стечајниот управник Мирослав Анастасиевски против кого вчера „Транспаренси интернешнл – Македонија“ поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената должност. „Транспаренси“ почнала да го следи стечајот за „Фени“ кога добила претставки од засегнати страни и утврдила дека постапката е нетранспарентна и со низа незаконитости поради што вчера поднесе кривична пријава и против стечајната судијка Валентина Ѓоргиевска од велешкиот суд.
„Сите досегашни постапувања се во согласност со Законот за стечајот и врз основа на одлуките донесени од страна на Одборот на доверители и Собранието на доверители.
За неоснованите и тенденциозни обвинувања од страна на ‘Трансперенси интернешнл – Македонија’ официјално не сум запознаен и по однос на нив ќе дадам целосни и исцрпни објаснувања, поткрепени со докази и аргументи, пред надлежните државни органи доколку тоа биде побарано од мене“, изјави за „Макфакс“ стечајниот управител Мирослав Анастасиевски.
Од „Транспаренси“ кривичните пријави ги темелат на незаконски склучен договор со швајацарски ГСОЛ за преработка на руда врз основа на кој фабриката беше рестартирана на крајот на февруари годинава. Антикорупционерите тврдат дека не е утврден идентитетот на втората договорна страна и бараат да биде прогласен за ништовен. Во исто време банките и стечајниот управник беа задолжени да направат планови за реструктурирање на фабриката за кои „Транспаренси“ утврди дека роковите се истечени, а плановите не се презентирани. Стечајниот управник Анастасиевски вели дека веќе имаат закажано седница за претставување на плановите.
„Стечајната постапка на ‘Фени индустри’ е во фаза на разгледување на планот за реорганизација од страна на членовите на Одбор на доверители, кои на закажаната седница на 10.5.2018 година треба да дадат мислење на Собранието на доверители, кое гласа по планот за реорганизација“, вели стечајниот управник Анастасиевски.
Став дека постапката е законска има и стечајната судијка Валентина Ѓоргиевска за која „Транспаренси“ утврдила дека ја злоупотребила службената должност и дозволила швајцарската фирма заинтересирана за „Фени“ да добие неоправдана предност.
„Јас како стечаен судија во Основниот суд Велес, во согласност со моите законски овластувања, одговорно и совесно постапувам во стечајната постапка отворена над имотот на стечајниот должник Друштво за ископ на руди, производство на метали, трговија и услуги „Фени индустри“ АД од с. Возарци, Кавадарци, во стечај пред Основниот суд Велес. Органите на стечајната постапка во текот на отворената стечајна постапка над стечајниот должник постапуваат во согласност со надлежностите и овластувањата утврдени во законот за стечај. Стечајната постапка над имотот на стечајниот должник е во фаза на постапка за реорганизација на стечајниот должник во согласност со одредбите од Законот за стечајот“, вели стечајната судијка Ѓоргиевска за „Макфакс“.
На обвинувањата за оркестирање на стечајот за „Фени“ денес одговори и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, кој ги охрабри антикорупционерите да направат подлабока истрага, која ќе ги доведе и до причините што ја довеле фабриката до стечај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.