Македонија
Ефикасна саморегулација и медиумски писмени граѓани за одговорно комуницирање онлајн
Поттикнување на критичкото размислување и медиумската писменост кај корисниците на социјалните мрежи, подигнување на политичката култура на комуницирање, ефективна и независна саморегулација онлајн и доследна примена на законите се некои од предлозите во однос на решавањето на проблемите во комуникацијата во интернет-просторот, што беа истакнати на конференцијата „Права и обврски при комуницирање на интернет“. Настанот го организира МИМ во рамките на заедничкиот проект на Европската Унија и на Советот на Европа, со наслов „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа.
„Социјалните мрежи стануваат нов вид јавност со свои позитивни и негативни страни, но човечкиот фактор е пресуден во оваа комуникација“, истакна Сеад Џигал, експерт за медиумска писменост и социјални медиуми. „Проблемот е тоа што корисниците на социјалните мрежи имаат неограничени права, но не и обврски, особено во локалниот контекст каде што законската легислатива или не се применува или се применува селективно и недоволно“, вели тој.
Според него, треба да се подобрува комуникациската, медиумската и политичката култура во општеството, а решенијата на проблемите треба да се бараат во едукацијата, односно вклучување на овие теми во формалното и во неформалното образование, но и во етичкото лидерство, што подразбира истакнување влијателни поединци и јавни личности како примери за одговорно однесување за помладите генерации.
Надија Беларди, независна експертка, ги претстави стандардите на Советот на Европа и Европската конвенција за човекови права и слободи што се однесуваат на слободата на изразување, како и почитување на приватниот и семејниот живот и приватноста на информациите, истакнувајќи ја важноста од одржување рамнотежа меѓу нив. Таа се осврна на повеќе релевантни препораки на Комитетот на министри во однос на претставување на насилството во електронските медиуми, новото значење на медиумите, заштитата на човековите права во поглед на социјалните мрежи, слободата на интернет, како и на медиумскиот плурализам и транспаренстноста на медиумската сопственост, со акцент на влијанието на онлајн-платформите.
Според Беларди, дезинформациите и говорот на омраза генерираат корисници колку и вестите или висококвалитетните содржини, пропагандата побргу се шири и прави повеќе штета, законите што го регулираат говорот на омраза може лесно да се злоупотребат и да ја ограничат слободата на говор, а медиумските организации не можат да направат доволно да ги заштитат новинарите од говорот на омраза. Некои од лековите за овие проблеми Беларди ги гледа во поттикнување на критичкото мислење и информациската писменост, препознавање на веродостојните извори, разликување на промотивните содржини од фактите, имплементирање високи етички стандарди во новинарството и ефективна и независна саморегулација на социјалните медиуми.
Заеднички заклучок од конференцијата беше дека за говорот на омраза треба отворено да се зборува со цел да се разобличи овој феномен и последиците од него. Корисниците на социјалните мрежи треба почесто да реагираат до саморегулаторното тело и до надлежните институции со цел проблемот да стане повидлив и тие да се поттикнат да ги процесираат случаите. Од друга страна, проблемот може ефикасно да се адресира само преку спрега на институциите, односно граѓанскиот сектор, регулаторот, судството и институциите што имаат надлежност да се справуваат со проблемите на интернет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манасиевски: Вториот стожер на стратегијата „Македонија 2030“ е економска конкурентност и нов модел на раст
Вториот стожер на Стратегијата Македонија 2030 е економска конкурентност и нов модел на раст, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Стратегијата „Ново поглавје – Македонија 2030“ поставува јасна цел за создавање на модерна и просперитетна држава што се потпира на работа, знаење и стабилни институции. Нашата економија мора да премине кон систем што создава вредност, а не зависност. Вториот стожер кој денес го претставуваме е економска конкурентност и нов модел на раст. Нашиот фокус е структурна трансформација, односно од економија базирана на ниски плати во минатото, да се стремиме кон економија базирана на знаење, иновации и висококвалификуван кадар“, рече тој.
Манасиевски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ има конкретни чекори и план како да стигнат до оваа реализација.
„Развој на индустрии со висока додадена вредност, како модерна технологија, ИКТ, биотехнологија, фармација и инженеринг да бидат нашите двигатели на новата економија. Следен чекор е дигитализација и автоматизација во бизнис-секторот. Само модерни компании можат да влезат во европските производствени и технолошки синџири. Планираме голема поддршка за домашните претпријатија. Домашниот бизнис е мотор на економијата. Затоа, обезбедуваме подобри услови за инвестиции, пристап до капитал и намалени административни бариери. Стабилен и предвидлив даночен систем. Ниту една компанија не би инвестирала во држава која ги менува правилата според дневна политика, затоа стабилноста е суштинска“, рече Манасиевски.
Додаде дека последен чекор во овој стожер, но и многу важен е зелена транзиција и енергетска независност.
„Работиме на зголемени инвестиции во обновливи извори, модернизација на енергетските мрежи и развој на зелени технологии“, рече Манасиевски.
Македонија
Ѓорѓиевски и францускиот амбасадор разговараа за развојот на Скопје и за партнерството со Дижон
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер. На состанокот беше претставена визијата за долгорочен развој на Скопје, заснована на одржливи политики, европски стандарди и продлабочена меѓународна соработка.
Разговорот опфати и унапредување на партнерството со збратимениот град Дижон, како и можности за нови заеднички проекти и иницијативи од интерес за граѓаните на главниот град.
Градоначалникот Ѓорѓиевски во својата изјава го нагласи стремежот Скопје целосно да ги интегрира европските стандарди во економскиот развој, културата и зелените политики. Амбасадорот Ле Риголер ја изрази подготвеноста на Франција да сподели искуства и иницијативи, кои може да придонесат за подобрување на инфраструктурата и на квалитетот на живот во Скопје.
Двете страни ја истакнаа важноста од континуирана институционална комуникација и координација, со цел отворање нови можности за партнерства и долгорочни проекти.
Ѓорѓиевски оцени дека соработката ќе придонесе Скопје да продолжи да се развива како современ европски град, ориентиран кон иновативни решенија и меѓународна отвореност.
Македонија
Повторно блокиран граничниот премин Богородица
Од 11 часот сообраќајот на ГП Евзони (Богородица) е блокиран за влез и излез, информира АМСМ. Преминот беше блокиран и вчера поради штрајк на земјоделците.
Од 9 до 13 часот на ГП Ники (Меџитлија) сообраќајот е блокиран само за товарни возила и автобуси.
На ГП Дојран сообраќајот се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

