Економија
Анѓушев ја повика Тасева на состанок и аргументирана дискусија за „Фени“
Вицепремерот за еконоски прашања, Кочо Анѓушев, преку медиумите ја повика претседателката на „Трансшаренси интернешнл – Македонија“, Слаѓана Тасева, на работна средба. Кабинетот на вицепремиерот испрати соопштение до медиумите преку кое ја повикува Тасева на состанок. Од кабинетот не ги коментираат изјавите на Тасева за добиени закани од вицепремиерот.
„Во однос на објавите во медиумите поврзани со изјавата на Слаѓана Тасева, претседател на ‘Транспаренси интернешнл Македонија’, посочуваме дека вицепремирот Анѓушев немаше намера и нема да води негативна комункација. Напротив, вицепремиерот ја искажува подготвеноста да ги презентира аргументите и фактите, со кои располага Владата и кои се во нејзина надлежност, за начинот на кој се овозможи Фени повторно да работи успешно и поради тоа ја повикува г-ѓа Тасева на работен состанок и аргументирана дискусија“, стои во соопштението од кабинетот на вицепремиерот.
Од кабинетот утврдиле дека по обвинувањата на Тасева за нетранспарентна и незаконска стечајна постапка за „Фени“ оркестрирана од вицепремиерот, има потреба да објаснат за „Фени“ за јавноста да добие реална слика за моменталната состојба во комбинатот.
„ Од информациите со кои располагаме, стечајната постапка во врска со оваа компанија е во завршна фаза, а резултат на досегашната постапка е дека над 700 работници редовно одат на работа и добиваат плата. Станува збор за постапка во согласност со Законот за стечај што ја водат надлежните органи. Владата во овој случај внимателно ги следи состојбите во согласност со своите законски ингеренции, поради тоa што ‘Фени индустри’, како еден од најголемите работодавачи во регионот и еден од најголемите металопреработувачки капацитети во државата е од особена важност за локалниот, како и за целокупниот економски развој на Република Македонија“, соопштија од кабинетот.
Од таму потсетуваат дека вицепремиерот Анѓушев водејќи се од јавниот интерес во повеќе наврати повикал на темелна истрага од страна на невладините организација што работат токму на овие теми.
„Особено е важно јавноста да биде информирана и за причините поради кои ‘Фени’ е доведен во стечај, поради кои се доведе во прашање егзистенцијата на компанијата и на над 700 семејства. Во рамките на своите законски ингеренции и овластувања соодветните државни органи веќе поведоа постапки кон одговорните за оваа ситуација, а помошта на невладините организации е повеќе од добредојдена. Во име на транспарентноста укажуваме дека е потребно да се слушнат сите страни и да се провери веродостојноста на сите информации пред да се споделат во јавноста. Ги замолуваме сите страни вклучени во процесот, вклучително и ‘Транспаренси интернешнл Македонија’, како сериозна и реномирана невладина организација, пред да дава јавни квалификации да ги земе во предвид сите страни во процесот и да ја согледа целосната ситуација“, стои во соопштението.
Претседателката Тасева утрово пријави дека вицепремиерот ѝ се заканувал и агресивно се однесувал со неа на приемот на британскиот амбасадор поради истражувањето на стечајот за „Фени“. Заканите ги објави на „Фејсбук“. Во објавата таа му одговара на вицепремиерот на барањето да ги истражи и причините кои довеле до стечај во „Фени“.
„Господа, криминалот и работењето пред стечајот нека го истражат и докажат институциите. Ние правиме мониторинг на тоа како се води стечајот денеска. А таму има проблем, стечајот не се води добро. И затоа има паника“, објави Тасева на „Фејсбук“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Државниот завод за статистика излезе со извештај за инфлацијата и какви се очекувањата за оваа година, изјави:
„Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка“, „јануарска кошничка“ и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата.
Инаку што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме.“
Економија
Дурмиши: Со системски мерки и партнерство ја намалуваме неформалната економија и го јакнеме формалниот сектор
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, посветена на системските мерки и заедничките политики за намалување на сивата економија и јакнење на формалниот сектор.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека неформалната економија е сложен и долгорочен предизвик кој ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државата.
Тој нагласи дека за дел од граѓаните непријавената работа не е избор, туку нужност, што бара одговор преку креирање пристојни и стабилни работни места.
„Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија“, потенцираше министерот.
Економија
Божиновска – Рама: Гасното поврзување на државата е клучен чекор кон енергетска стабилност и регионална интеграција
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со извршниот директор на НОМАГАС АД Скопје, Недим Рама, на која беа разгледани тековните активности и следните чекори за развој на гасната инфраструктура во државата.
Во фокусот на разговорите беше изградбата на интерконекторот со Грција, како еден од најзначајните стратешки енергетски проекти во земјата. На средбата беше направен пресек на досегашната динамика на реализација, текот на градежните активности и координацијата меѓу институциите и изведувачите, со цел проектот да се реализира согласно предвидените рокови.
Посебно внимание беше посветено и на подготовките за реализација на интерконекторот со Србија, при што беше разгледан напредокот во техничките и административните активности, како и тековната комуникација и координација со српската страна. Двете страни оценија дека регионалното гасно поврзување претставува значаен чекор кон диверзификација на изворите на снабдување и зголемување на енергетската сигурност.
На состанокот се разговараше и за долгорочните планови за развој и проширување на националната гасоводна мрежа, со цел овозможување поголема достапност на природниот гас за индустријата, општините и домаќинствата, како и поддршка на енергетската транзиција и намалување на загадувањето преку почисти енергетски решенија.
Министерката Божиновска ја истакна важноста од забрзана реализација на инфраструктурните проекти, нагласувајќи дека развојот на гасната мрежа е стратешки приоритет кој директно влијае врз економската стабилност, конкурентноста на стопанството и сигурноста во снабдувањето со енергија.
Соговорниците се согласија дека координираниот институционален пристап и засилената регионална соработка се клучни за успешно позиционирање на државата како стабилен енергетски јазол во регионот.

