Топ
(Видео) Уапсени дилери од Аеродром кои во викендица во Морани имале лабораторија за производство на марихуана

Поради сомнение дека извршиле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“, скопската полиција поднесе кривични пријави против С.К. (25) и Г.К. (28).
Како што информираат од МВР, пријавените во текот на годинава нелегално набавиле и вградиле систем–лабораторија за одгледување и производство на канабис, од кој преку процес на сушење, дробење и ситнење на врвните делови се добива дрогата марихуана и истата ја пакувале за понатамошно препродавање на зависници на подрачјето на Скопје.
При претресите, кај пријавените пронајдени биле 6,4 килограми марихуана и 203 саксии со стебла од растението канабис.
Според податоците од МВР, на 25 месецов по претходно добиени сознанија дека пријавените, инаку регистрирани сторители и на други кривични дела, се занимаваат со производство и продажба на марихуана била издадена судска наредба за претрес во домот на С.К. во скопската населба Аеродром. При спроведениот претрес, на самото место бил пронајден и второпријавениот, а покрај тоа полицијата пронашла и одзела една паковка со марихуана, еден пластичен сад со засадени три садници од растението канабис, картонска кутија во која имало девет палети за производство на садници, осум прскалки, два рефлектори и други предмети.
Поради сомнение дека С.К. за своите активности ги користел и заедничките простории во подрумскиот дел, полициски претрес бил направен и во тој дел, при што пронајдена била торба во која имало пет поголеми пресувани пакувања со марихуана, најлонска ќеса со поголемо пресувано пакување со марихуана и уште една најлонска ќеса со три пакувања со марихуана.
Со судска наредба претрес бил извршен и во викендичката во сопственост на таткото на С.К, лоцирана во село Морани во Скопје, која извесно време ја користел синот. При претресот, во викендичката биле пронајдени 202 саксии со засадени растенија канабис со различна висина, 5 пластични туби со течност, како и инсталиран систем, односно лабораторија за одгледување на наркотична дрога – два дигитални апарати (мерачи), пумпа за прскање, прима клима, 20 електрични трафа за лампи, три тајмери, две ламби со лед диоди, ролна – фолија, метален вентилатор, алуминиумско растегливо црево и два пластични сада со капак. С.К. и Г.К. биле лишени од слобода и пренесени во полициската станица Гази Баба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Кремљ: Договорен распоредот за разговорите Путин – Трамп, ќе има и прес-конференција

Договорен е распоредот за разговорите меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, изјави советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков.
Тој рече дека тоа ќе биде приватна средба, со преведувачи, за време на која ќе се дискутираат чувствителни прашања.
Централна тема на состанокот ќе биде решавањето на кризата во Украина, но двајцата лидери ќе разговараат и за трговската и за економската соработка, рече Ушаков.
Средбата ќе почне во 11.30 часот по локално време, а времетраењето на разговорите ќе зависи од тоа како ќе се одвива дискусијата, рече Ушаков.
На крајот од самитот двајцата ќе одржат заедничка прес-конференција. Трамп и Путин ќе имаат и поширок состанок со делегациите и работен појадок, објави „Скај њуз“.
Македонија
„Филипче да одговори дали јахтата на која плови со Заев е купена со пари од државни тендери“, прашува ВМРО-ДПМНЕ

„На лицемерието на СДС му нема крај. Додека на прес-конференции и преку соопштенија глумат загрижени за стандардот на граѓаните, нивниот сегашен и поранешен претседател, крстарат со луксузна јахта низ Егејското море“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Цела македонска јавност ги виде сликите од Венко Филипче и Зоран Заев како безгрижно, раскомотени со скапи пијалаци и луксузна (како што впрочем и тие ја нарекоа) храна, тераат ќефови на сред Егејско.
После приватната журка со Харис Џиновиќ во Дубаи, дуото Заев и Филипче своето уживање во луксуз го покажаа со јахтата во Грција, кој ретко кој бизнисмен, не само од Македонија, туку и од регионот може да си го дозволи.
Таков луксуз не може да се постигне со чиновничка плата, макар тоа премиерска, министерска, пратеничка, ниту пак со докторска.
Затоа прашуваме и очекуваме одговори, дали јахтата со која пловат Филипче и Заев е на Заев од марката Рива и истата чини 850 илјади евра?
На која фирма ја регистрирал и дали за нејзиното купување се употребени пари од државни тендери?
И додека СДС глумат душегрижништво за стандардот и платите во државата, Филипче и Заев за неколку часа пловење со луксузната јахта, само за гориво трошат една просечна плата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Активни два пожара на територијата на Македонија, под контрола ставени три

Центарот за управување со кризи извести дека во последното деноноќие, до 7 часот утрово на територијата на Македонија имало вкупно 25 пожари на отворен простор, од кои два се се уште активни.
Се уште гори во подрачјето „Јасен“, во општина Македонски Брод, и во општина Струга, Октишка краста, каде што гори ниска вегетација.
Под контрола се ставени три пожари: oпштина Сарај 2: село Радуша кон село Дворце каде што гори ниска вегетација, општина Арачиново (гори ниска вегетација) и општина Демир Хисар, село Мало Илино (гори дабова шума).
Како што соопшти ЦУК изгаснати се 20 пожари.