Топ
Со дрска измама одземени пари од двaјца скопски пензионери

Двајца пензионери од Скопје, на 30 април, на две локации, биле дрско измамени, при што од страна на измамниците им биле одземени парите што претходно ги подигнале од банка.
Во првиот случај, 76-годишна скопјанка пријавила измама што се случила на булеварот Јане Сандански. Додека таа седела на клупа во паркот, ѝ пришло момче кое ѝ рекло дека парите што претходно ги подигнала од банка не се во ред и дека треба да се вратат за да ги заменат. Потоа младиот измамник, водејќи ја под рака старицата, ѝ помогнал да ја премине улицата по што побарал да му ги даде парите за да изврши нивна замена во банката и потоа да ѝ ги врти. Жената му дала 9.000 денари и се договориле да го почека кај тениското игралиште во близина, но тој не се вратил.
Уште еден ваков случај истиот ден бил регистриран во Карпош, во близина на поликлиниката „Букурешт“. Измамата била ивршена врз 78-годишен скопјанец, кој во полиција изјавил дека лицето што му пришло било на возраст од 40 години. Имено, измамникот му пришол на старецот додека тој чекал на автобуска станица и му рекол дека настанала некоја грешка во банката каде што претходно ги подигнал парите од пензијата. Потоа тој го повикал пензионерот да појде со него за да ја исправат грешката. Двајцата заедно тргнале кон банката, по што лицето му рекло да му ги даде парите, а кога старецот му дал 8.000 денари, измамникот почнал да разговара на телефон и му рекол да оди во банка за да земе други пари, а тој го напуштил местото. Кога И.М. стигнал во банката, на вработените им кажал за настанот и од нивна страна му било кажано дека бил измамен по што го упатиле случајот да го пријави во полиција.
Полицијата презема мерки за расчистување на овие две измами.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Над 500.000 лица се вратиле во градот Газа откако стапи во сила прекинот на огнот

Агенцијата за цивилна заштита на Газа, која е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500.000 лица се вратиле во градот Газа откако првата фаза на прекинот на огнот стапи во сила претходниот ден.
– Повеќе од половина милион лица се вратиле во Газа (Сити) од вчера, изјави Махмуд Басал, портпарол на цивилната одбрана, службата за спасување која работи под надлежност на Хамас.
На снимки објавени од светските медиуми се гледаат Палестинци кои се враќаат во градот Газа, многумина од нив веејќи палестински и египетски знамиња.
Македонија
Од утре секој ден по 15 часот ќе има блокади за загинатите во дискотеката „Пулс“

Од утре, ќе има мирни јавни собири и блокади на кружниот тек кај двојниот мостот на улицата „Стево Теодосиевски“ во Кочани. Блокадите ќе траат по еден час секој ден, во периодот од 15:15 до 16:15 часот, се додека не започне судењето.
Ова го најавија родителите на загинатите во пожарот во „Пулс“ од 16 март, од 26. „Марш за ангелите“ одржан денеска пред Основниот суд во Кочани, испровоцирани од тоа што, според нив, адвокати на осомничените изјавиле дека судењето ќе трае 10 до 15 години.
– Оваа изјава е срамна и понижувачка за семејствата чии деца ги загубија животите во трагедијата. Таквите зборови звучат како обид да се подготви јавноста за бавно одолговлекување и заборавање. Ние тоа нема да го дозволиме, рече мајка на загинато девоче пред новинарите.
Родителите на настраданите бараат да се зголеми капацитетот на судскиот состав со дополнителни судии и судски соработници за да не се одолговлекува процесот поради недостаток на ресурси. Исто така, нагласија, рочиштата мораат да добијат приоритет и постојано темпо, со цел постапката да тече непречено и без непотребни одложувања. Тие се сомневаат во манипулации или скриено забавување на судскиот процес, бараат јавно и транспарентно следење на сите процесни активности.
-Правдата не смее да се влече. Ќе бидеме тука – на кружниот тек, се додека не почне судењето, а за понатаму зависи како ќе се одвиваат работите. Животот на едно дете вреди повеќе од нечии интереси и адвокатски игри, порачаа членови на семејства што загубија свои блиски во мартовскиот пожар во „Пулс“.
Денешниот 26-ти „Марш за ангелите“ во Кочани, вообичаено започна од „Паркот на Револуцијата“ каде и заврши. Попатно, петнаесетина минути беше блокиран сообраќајот на кружниот тек пред двојниот мост, токму на местото каде што од утре па натаму се најавуваат јавни собири и блокади.
Топ
18 килограми злато украле разбојниците снимени додека ја ограбуваат златарницата во Гостивар

Министерството за внатрешни работи денеска информираше дека од златарницата во Гостивар се украдени околу 18 килограми злато во вредност од околу 1,8 милиони евра.
Разбојниците по кражбата побегнале со патничко возило БМВ без регистарски таблички кое потоа е пронајдено опожарено на регионалниот пат Мавровска крстосница – село Маврово.
– Пожарот е изгаснат од Територијалната протившпожарна единица Гостивар и при вршење на увидот во возилото е пронајдена автоматска пушка со бајонет. По наредба на јавен обвинител возилото е однесено во кругот на Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гостивар. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот, велат од Министерството за внатрешни работи.
Кражбата е пријавена во полиција вчера во 18:45 часот.