Култура
Европски филмски ден на млада публика, ќе гласаат за најдобар филм за деца

Агенцијата за филм на РМ во соработка со Европската филмска академија – ЕФА, на 6 мај четврти пат во Скопје го организираат седмото издание на Европскиот филмски ден на млада публика, на кој ќе се избира најдобриот европски филм за деца.
Во жирито ќе бидат млади на возраст од 12 до 14 години, кои во текот на целодневниот настан ќе ги проследат трите номинирани филма, ќе имаат можност да дискутираат за нив и директно да комуницираат со своите врсници од Европа преку пренос во живо.
Европската филмска академија оваа година ги селектира филмовите Girl in Flight („Девојка во бегство“) во режија на Sandra Vannucchi, Hobbyhorse Revolution („Револуција на дрвените коњчиња“) во режија на Selma Vilhunen и Wallay („Волеј“) во режија на Berni Goldblat, кои ќе се прикажуваат истовремено во 45 града во цела Европа.
По проследување на филмовите, младите преку гласање ќе треба да го изберат најдобриот европски филм кој свечено ќе биде прогласен за победник на официјалната церемонија што се одржува во Ерфурт, Германија.
За време на настанот младите од сите земји ќе бидат поврзани меѓу себе преку пренос во живо, ќе имаат можност да бидат дел од официјалната церемонија, а преку комуникациска платформа ќе имаат можност, освен да комуницираат меѓу себе, воедно и да им поставуваат прашања на режисерите, актерите и продуцентите на филмовите.
Номинираните филмови се достапни онлајн за јавноста и може да се гледаат во текот на целата година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Започнаа пробите на претставата „Лов на дива свиња“

Македонскиот народен театар од Скопје и Градското позориште од Подгорица потпишаа Меморандум за соработка за продлабочување на културната и уметничката размена меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Претставувани од директорите Никола Кимовски и Сандра Вујовиќ, двете институции ја изразија својата подготвеност за заедничка работа во областа на театарот, културата и уметноста.
Меморандумот предвидува размена на театарски претстави, реализирање заеднички копродукции, спроведување едукативни програми, како и соработка во областа на техничката и логистичката поддршка, маркетингот и промоцијата на заеднички проекти. Целта е воспоставување долгорочна и одржлива соработка, со редовна комуникација и координација при реализацијата на предвидените активности.
Овој документ претставува значаен чекор кон унапредување на регионалната културна поврзаност и зацврстување на меѓународната соработка во уметничката сфера.
„Македонскиот народен театар и натаму продолжува да создава во духот на мојата визија и стратегија – создавање театар отворен за сите, современ театар кој постојано вмрежување, остварува институционални и меѓународни соработки, со цел развој на современиот театар во Македонија и регионот“, изјави директорот Никола Кимовски.
Првата меѓународна соработка започнува со реализацијата на претставата „Лов на дива свиња“, чиј автор е црногорската современа писателка Марија Сарап, а режијата е на македонската режисерка Наташа Поплавска.
Претставата ќе се реализира во копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште од Подгорица и Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје.
Во претставата учествува актерска екипа од двете земји: Ана Стојановска, Искра Ветерова и Мина Јелушиќ Јериниќ од Македонија, како и Ѓорѓе Татиќ и Вукан Пејовиќ од Црна Гора.
Претставата „Лов на дива свиња“ премиерно ќе биде изведена на 19 јули во рамки на фестивалот „Скопско лето“, а премиера во Подгорица, Црна Гора, е планирана за септември.
Претставата е дел од Националната програма за култура за 2025 година и финансиски е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и од Градот Подгорица, Црна Гора, како и од компаниите: „Виталиа“ од Скопје, хотелот „Мериот“ и рестораните „Дистрикт“, „Тренд“ и „Шпајз“.
Култура
Изложба на пастели од Илија Спасов-Чендо

На 19 јуни, во 13 часот, во Културно-информативниот центар – Скопје, ќе биде отворена изложбата на слики изработени во техниката пастел од академскиот сликар Илија Спасов Чендо
Илија Спасов – Чендо
Роден е во Неготино. Дипломирал на ФЛУ Скопје. Член е на ДЛУМ. Добитник е на наградата за сликарство „Лазар Личеновски„ 2011. Самостојно изложувал во Скопје, Софија, Битола , Белград, Нови Сад, Дубровник, Кавадарци и Неготино. Учесник е на повеќе групни изложби. На изложбата авторот ќе се претстави со 25 пастели изработени во последните две години.
Изложбата ќе биде отворена до 01.07.2025 година.
Култура
Промоција на поетската книга „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков

Поетската книга „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков во издание на „Фуснота“ ќе биде промовирана денеска во кафе-книжарница „Буква“ со почеток во 19:00 часот.
Промоторка на книгата е проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, главен уредник е Маја Којчева Величкова, лектура: Елизабета Коневска, дизајнот на корицата изработи Мите Спасовски, а извадоци од романот ќе чита Светла Јакшиќ.
Книгата е објавена со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.