Култура
Руичи Сакамото во фокусот на летното издание на „Скопје синема сити“
Од 6 до 10 јуни во Кинотеката на Македонија ќе се одржи летното издание на фестивалот „Скопје синема сити“. Оваа година фестивалот се одржува четвртипат и по тој повод во текот на годината ќе бидат организирани четири филмски настани. Централно место во програмата на „Синема сити“ зазема музиката и нејзиното филмско претставување.
„Фестивалот е обединувачката платформа, каде што се застапени повеќе содржини и компоненти преку филмската програма. Тој нема натпреварувачки карактер, односно изборот на филмови не се прави само од поновата продукција, туку се селектираат филмови од разни години на продукција, земји и автори, со цел да се прикажат ширината и богатството на музиката и светот што таа го инспирира или кој е инспириран од неа“, изјави Ненад Георгиевски, директор на фестивалот.
Во изминатите години фестивалот им оддаде почит на Дејвид Боуви, на Леонард Коен и на „Крафтверк“, а оваа година ќе му оддаде почит на големиот јапонски филмски композитор Руичи Сакамото преку прикажување на филмот „Кода“ во режија на Стивен Номура Шибле. Филмот се прикажа премиерно на филмскиот фестивал во Венеција во 2017, а се прикажа и на Берлиналето во февруари оваа година.
Руичи Сакамото е познат како сестран уметник и неговите достигнувања во музиката се светски познати почнувајќи од поп-изданијата и соработките со уметници, како Дејвид Силвијан, Бил Ласвел, Иги Поп, Лори Андерсон, Хектор Зазу, па до многуте филмски проекти, како „Среќен Божиќ, г. Лоренс“, серијата филмови во соработка со реномираниот режисер Бернардо Бертолучи „Последниот кинески цар“, „Чај во Сахара“ и „Малиот Буда“. Неодамна тој беше актуелен и со музиката за филмот на Алехандро Инариту, „Повратникот“.
Фестивалот ја продолжува традицијата, во 2015 година му додели признание на Дејвид Боуви за достигнувањата во областа на филмот и музиката, а оваа година со истото признание ќе се закити и Руичи Сакамото.
На некаков начин филмот „Кода“ и неговите поттеми, како активизам, креативност, и животните приказни што придонеле за да се создаде таа музика и случувања, ги обојуваат темите на филмовите што ќе се прикажат на годинешниот „Скопје синема сити“.
Фестивалот е организиран со поддршка од страна на Агенцијата за филм, а одделни компоненти се поддржани и од Министерството за култура на Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.



