Скопје
Се проширува улицата „Васил Чакаларов“ пред крстосницата со улица „Московска“
Почна проширувањето на улицата „Васил Чакаларов“ во делот пред крстосницата со улицата „Московска“, а на почетокот од градежните работи присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски и директорот на ЈП „Улици и патишта“.
Со реализацијата на овој проект, на кој ќе работат екипите на ЈП „Улици и патишта“, ќе се овозможи растоварување на сообраќајниот метеж што се создава на оваа раскрсница. „Наредниов период улицата „Васил Чакаларов“ ќе се прошири за една сообраќајна лента во должина од 100 метри, од страната на Студентскиот дом „Гоце Делчев“, односно од крстосницата со улицата „Московска“ во насока кон Ѓорче Петров. Исто така, улицата „Васил Чакаларов“ ќе се прошири за една сообраќајна лента во должина од 200 метри, во правец од Ѓорче Петров до крстосницата со улицата „Московска“. Со проширувањето, ќе се овозможи непречено вртење во десно во посебна лента на возилата што сега чекаат на крстосницата и прво ги пропуштаат возилата што се движат право, па поради што се создава метеж. Овој проект ќе придонесе за побрзо и побезбедно одвивање на сообраќајот по оваа улица која е продолжение на булеварот „Митропотил Теодосиј Гологанов“ и претставува една од најважните сообраќајни артерии во овој дел на Скопје“, рече градоначалникот Трајановски.Градоначалникот на Општина Карпош Јакимовски кажа дека овој проект е важен за подобрување на проточноста на сообраќајот по овој важен булевар и ќе придонесе за подобрување на животната средина во овој дел на градот.По проширувањето на улицата „Васил Чакаларов“ со по една сообраќајна лента од двете страни, ќе се оформат и пешачка и велосипедска патека.За овој градежен зафат Градот Скопје одвои околу 3,5 милиони денари./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Казни за четири градилишта во Центар, нулта толеранција за прекршување на прописите, порача Герасимовски
Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот, извести Општината.
Во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвија записници и издадоа прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, информираат од општина Центар.

Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека надзорите продолжуваат со несмален интензитет.
„Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор“, рече Герасимовски.

Инспекциските контроли на градилиштата продолжуваат како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор, додаваат од општина Центар.
Македонија
Ѓорѓиевски: Работевме посветено, секој ден, секоја ноќ, она што го постигнавме е само почеток
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска ќе го презентира отчетот за сработеното во првите 100 дена од преземањето на функцијата.
„Отчетноста и транспарентноста се должност кон граѓаните. Токму затоа, по првите 100 дена од мандатот, излегуваме пред вас со јасен и отворен приказ на сработеното. Во изминатиот период работевме многу. Работевме посветено. Секој ден. Секоја ноќ. Она што го постигнавме е само почеток“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи.
„Го поставивме темелот врз кој ќе ја градиме иднината на Скопје како модерен, просперитетен и достоинствен град, по мерка на граѓаните. Ова не е само мој успех.
Ова е успех на сите скопјани кои веруваа дека Скопје мора и може поинаку. Ова е доказ дека кога се работи со срце, со визија а не од личен интерес, резултатите не изостануваат. И да, пред нас има уште многу работа. Ќе има и предизвици. Но ние не се откажуваме! Ќе продолжиме да работиме уште посилно, уште поодлучно“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.

