Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ бара половина влада да поднесе оставка за неспроведување на реформите
Министерот за надворешни работи Никола Димитров, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за финансии Драган Тевдовски и за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, како и министрите за здравство и економија Венко Филипче и Крешник Бектеши да поднесат оставки за неспроведување на реформите, барaат од ВМРО-ДПМНЕ.
Потпретседателот на партијата Александар Николоски денеска на прес-конференција рече дека „нон пејперот“ подготвен од земјите членки на ЕУ го потврдил тоа на што укажувале од опозицијата.
„Не треба да не чуди што влијателни земји како Франција, Холандија, Данска составуваат „нон пејпр“ во кој се спротивставуваат на давањето датум за почеток на преговори на Македонија во јуни. Овие земји се пријатели, а не непријатели на Македонија. Тие само го констатираат она што Европската Комисија претходно го напиша, а владата не сакаше да го прочита, нешто за што и не ни треба извештај од Европската Унија за да го видиме. Граѓаните тоа секојдневно го чувствуваат. Знаат добро граѓаните на Македонија дека реформи нема, дека напредок нема, дека економија тоне, криминал и рекет има на секој ќош, корупцијата цвета и има неформален брак помеѓу власта и нереформиораното судство каде власта на Заев ги пишува, а судот ги објавува политичките пресуди“, рече Николоски.
Во „нон-пејпер“ документот до кој дојде „Макфакс“, се наведува дека не се исполнети целосно условите за отпочнување преговори со ЕУ . Документот е подготвен од неколку земји членки на ЕУ, а забелешките освен на Македонија, се однесуваат и на Албанија.
„ За ПЈРМ, и покрај вистинските промени во општата атмосфера во земјата, извештајот не покажува јасен суштински напредок во спроведувањето на Итните реформски приоритети. Имплементацијата на новите судски реформи е “тукушто започната“ и треба долгорочен напредок и континуирана промена во однесувањето. Неопходни се повеќе напори за да се обезбеди регрутација врз основа на заслуги и деполитицизација на јавната администрација (“заробена држава“). Борбата против корупцијата и организираниот криминал се уште не даде задоволувачки резултати: и покрај поставената правна и институционалната рамка, корупцијата преовладува во многу области и продолжува да биде сериозен проблем, додека пак капацитетот на институциите за ефективно да се справат со корупцијата има покажано структурни и оперативни недостатоци, меѓу кои е и политичкото мешање“, пишува во негативната препорака.
Од Владата пак реагираат дека мнозинството земји членки на ЕУ го поддржуваат почетокот на преговорите со Македонија, по решавање на спорот со Грција.
„Факт е дека постои дебата во ЕУ околу подготвеноста за ново проширување. Македонија е на вистинскиот пат, а темелните реформи се признаени и препознаени од цела Европа и од сите земји членки на ЕУ. Сите земји членки на ЕУ сметаат дека Македонија треба да продолжи по овој пат и да го интензивира прогресот. За тоа говори и последната оценка на Европската Комисија со која Македонија е оценета за најдобра во регионот на Западниот Балкан и Турција за спроведување на препораките во економската програма за реформи“, велат од Владата и додаваат дека после решавање на спорот со името, македониај веднаш ќе стане членка на НАТО и со тоа уште позабрзано и поодлучно ќе ги отвори портите на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.

