Македонија
Aпелација ја укина пресудата за Слободан Богоевски – Али Ахмети и Муса Џафери пак ќе треба да докажуваат клевета
Апелациониот суд во Скопје ја укина пресудата по тужбата за клевета и навреда против ексразузнавачот Слободан Богоевски, која ја поднесоа Али Ахмети и Муса Џафери, дознава „Макфакс“. Судиите од второстепениот суд предметот со насоки за натамошно постапување го вратиле на повторно судење. Тоа значи дека првите луѓе на ДУИ од почеток во граѓанскиот суд во Скопје ќе мора да докажуваат дека Слободан Богоевски ги наклеветил и дека со тоа им нанел штета на честа и угледот.
Според информациите до кои дојде „Макфакс“, апелационите судии утврдиле дека првостепениот суд сторил серија повреди на постапката. Констатирале дека фактичката состојба со која е донесена пресудата е нецелосна и дека тужбата на Ахмети и Џафери е нејасна.
Судот не се впуштил, а бил должен да се впушти во утврдување на евентуалната штета предизвикана од наводната клевета. Во решението на тројката судии од скопска Апелација пишува и дека иако тужениот не се согласил со повлеченото тужбено барање за надомест на штета, судот се впуштил во расправа и одлучил без да донесе решение.

Јавноста е запозната дека наместо судијката Јованка Спировска – Панева, која според распределбата на АКМИС-от, требаше да го суди предметот, судењето „падна“ во рацете на Нухи Рустеми. Медиумите објавија дека судијката Спировска – Панева навдно одбила да ги почитува насоките кои ги добила од претседателот на Основниот суд Скопје 2, Илир Сулејмани за како да постапува во предметот. Според тврдењето на Богоевски судијката им дала насоки на тужителите да достават дополнителни докази, бидејќи во спротивно ќе им ја отфрли тужбата.
Еден од адвокатите на Богоевски, Валентин Зафиров, пред новинарите изјави дека овој процес за клевета и навреда е димна завеса за да прикрие одговорноста за случајот „Маѓар телеком“. „Интересот тука е да застарат кривичните дела кои се водат во правосудните органи, пред обвинителството и пред судството, токму за овој скандал, кој никој во Македонија не го интересира“, рече пред новинарите Зафиров.
Али Ахмети и Муса Џафери го тужат ексразузнавачот Слободан Богоевски за навреда и клевета за неговото сведоштво пред Окружниот суд во Њујорк за случајот „Маѓар Телеком“. Како отштета во овој процес Ахмети побаруваше 3 милиони денари, а Џафери 2,5 милиони денари, но подоцна се откажаа од исплата на паричниот надомест како отштета и бараа извинување.
Според сведочењето на Богоески за Њујоршкиот суд, пак, вкупно 7,5 милиони евра биле внесени во Македонија со службен владин автомобил за поткуп на тројца политичари, експремиерот Владо Бучковски, Али Ахмети и Муса Џафери.
Американската Комисија за хартии од вредност го отвори за јавноста исказот на Богоевски во постапката што се водеше против тројцата поранешни менаџери на „Маѓар телеком“, Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Марваи, пред судот во Њујорк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фетаи: „Градиме поотворена и подоверлива администрација“
Владата на Република Северна Македонија го усвои официјалниот извештај за реализацијата на Стратегијата за транспарентност 2023–2026, кој сведочи за значителен напредок во отворањето на институциите кон граѓаните. Над 20 владини институции целосно ги објавиле информациите побарани од јавноста, додека 22 институции ги направиле транспарентни своите постапки за јавни набавки, конкретни чекори што ја зајакнуваат довербата на граѓаните во управувањето со јавните средства, соопштија од Кабинетот на заменик на претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење.
„На денешната седница, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за реализација на заклучоците од Стратегијата за транспарентност (2023–2026). Извештајот ги прикажува мерливите резултати постигнати од Кабинетот на заменик-претседателот на Владата за политики на добро владеење, министерствата и другите државни институции.
Клучни постигнувања наведени во извештајот:
• Активна транспарентност кон граѓаните 20 институции ги објавиле на своите официјални веб-страници сите одговори на барањата за пристап до информации од јавен карактер, анонимизирани, почнувајќи од 24.6.2024 година. Три институции делумно ја исполниле оваа обврска, додека уште 15 институции се во завршна фаза на објавување.
• Отворање на постапките за јавни набавки 22 институции ги објавиле своите внатрешни процедури за јавни набавки на официјалните веб-страници. По завршувањето на периодот на мониторинг, и Министерството за социјална политика, демографија и млади ја објави својата процедура, давајќи дополнителен позитивен пример. Во меѓувреме, уште 16 институции се во процес на финализирање на објавите.
• Унапредување на Акцискиот план Ревидиран и усвоен е Акцискиот план на Стратегијата за транспарентност 2023–2026, со пореални рокови и јасно утврдени одговорности за секоја мерка.
• Дигитални чекори и подготовка за иднината Министерството за дигитална трансформација работи на креирање посебни секции на владиниот портал за заменик-претседателите на Владата и министрите без ресор. Исто така, веќе е формирана меѓуинституционалната работна група за изработка на Нацрт-стратегијата за транспарентност 2027–2029, а во наредните денови се очекува Владата формално да ја одобри, со цел интензивната работа да започне во текот на март“.
Заменик-претседателот на Владата за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, истакна дека транспарентноста станува институционален стандард.
„Усвојувањето на овој извештај не е административен формалитет, туку доказ за реална посветеност да се обезбеди побрз и поцелосен пристап до информации. Преку меѓуинституционална соработка, градиме поотворена, поодговорна и подоверлива администрација за граѓаните“.
Македонија
Средба на градоначалниците на Битола и Пустец: разменети информации за состојбите во општините
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски и претседателот на Советот Бојан Бојкоски денеска имаа средба со градоначалникот на Пустец, Пали Колефски, кој е во посета на Општина Битола.
На средбата двајцата градоначалници разменија информации за состојбите во општините, за проектите кои ги реализираат, како и за продолжување на соработката во повеќе области.
Беше нагласена и иницијативата од двете страни, како општините да продолжат да соработуваат и преку прекугранични проекти со европски пари, за што и двете општини имаат искуство во таквата соработка.
Македонија
Николоски со претставници на Европската Комисија: бара изнаоѓање на долгорочни решенија за превозниците
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, заедно со министерот за внатреши работи, Панче Тошковски и заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков, денеска одржаа конференциски состанок со претставници на Европската Комисија како и директорката на Директоратот за проширување, Валентина Суперти. Исто така на состанокот беа вклучени и ресорните министри за транспорт, внатрешни работи и евроинтеграции од земјите од Западен Блакан, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија.
На состанок се разговараше за надминување на проблемите со кои се соочуваат транспортерите во земјите на Шенген зоната како и изнаоѓање на долгорочни решенија за превозниците.
Николоски ја поздрави иницијативата на ЕК за надминување на проблемот и преку аргументирани факти го истакна ставот на Владата преку кој се бара соодветно решение за овие категории на работници поради потребата од извршување на работните обврски во рамки на земјите од Шенген зоната.
Во очекување на трајно решение, Николоски додаде дека е потребно Европската Комисија реално да го идентифицира проблемот со транспортниот сектор и непречениот транспортен тек и во најскоро време да импелментира соодветни мерки кои ќе обезбедат предвидливост и непречена работа на транспортните компании кои работат во меѓународниот патен сообраќај.
Претставниците на Европската Комисија ја потврдија новата визна стратегија на ЕУ во која превозниците се прифатени како професионалци и беше истакнато дека ја разгледуваат можноста оваа категорија на работници да биде третирана исто како и пилотите и машиновозачите.
На состанокот беше потврдено дека биометриската евиденција преку електронскиот систем за влез и излез од/во земјите од Шенген зоната, наместо од почетокот од април, се одложува до септември оваа година.
Во меѓувреме се формира работна група на експертско ниво која веќе следната недела треба да се состане и да ги материјализира заклучоците од денешниот состанок на високо ниво.
На состанокот ЕК ја потенцираа важноста на транспортниот сектор и влијанието врз целокупната економија и најавија целосна посветеност во изнаоѓање на трајно прифатливо решенија кое е во интерес на сите засегнати страни.
Исто така на состанокот беше потенцирано дека ова е многу важна тема за Европската Унија и во наредниот период ќе се продолжи комуникацијата меѓу сите засегнати страни.
Од министерството информираат дека Владата веќе изрази целосна подршка на превозниците и во насока на изнаоѓање на прифатливо решение за истите ги презема сите мерки што и стојат на располагање со цел да се овозможи непречена работа во рамки на меѓународниот патен сообраќај.

