Македонија
Владимир Пешевски го штител државниот интерес – побара да не се пушта бомба пред новинарите
На судењето за предметот „Траекторија” обвинетите преку своите адвокати бараат судот да ја исклучи јавноста при пуштањето на бомбите.
Во судницата се пуштаат бомби кои се докази во постапката, но не сите, туку оние за кои адвокатите на обвинетите дале согласност. Во сите разговори главен лик е ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Тој се договара со експремиерот Никола Груевски за потпишувањето меморандум и посетата на Кина. Во разговорите улога има и Оливер Шамбевски, кој интензивно комуницира со Миле Јанакиески за начинот на кој треба да биде договорена средбата во Кина. Вредноста на автопатот Штип – Миладиновци, како што му вели Јанакиески на Груевски, е 288 милиони евра, а проценетата вредност била 250 милиони евра со камата од 3 проценти и вклучен грејс-период.
Обвинителката Лиле Стефанова побара да се пушти една од бомбите редоследно, но на тоа се спротивставија обвинетите.
Обвинетиот Владимир Пешевски рече дека штителе државен интерес и затоа побараа пред да се произнесе судот со формално решение за исклучување на јавноста снимката да не се пушта пред новинарите. Судијата Горан Бошевски рече дека на крајот ќе се произнесе за сите бомби кои не биле репродуцирани, дали ќе бидат пуштени во присуство на јавноста.
Случајот „Траекторија“ се води против поранешни високи функционери кои се сомничат дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатните делници Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Тие, според СЈО, нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Центар
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради поврзување од стара на нова водоводна мрежа со пречник од ф-200 мм на улицата Тодор Александров бб, од 08:30 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од делови од улиците: Тодор Александров, Партениј Зографски и Периша Савелиќ, општина Центар.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 10:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Ловќенска, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно и студено со сончеви периоди, повремено ќе дува засилен северен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието и во источните делови повремено засилен ветер од северен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од -13 до -5, а максималната ќе достигне од -4 до 3 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, претпладне во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 2 степена.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно и суво време со студени утра и утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Во вторник наместа дневните температури ќе се задржат негативни, а од среда ќе бидат во постепен пораст. Од средината на седмицата по котлините ќе има услови за појава на магла.

