Црна хроника
Спречен нелегален влез на мигранти и запленета стока
Минатата недела и викендот, царинските службеници открија повеќе обиди за шверц на стока, при што привремено се задржани девизи, аквариумски риби и желки, цигари, мобилни телефони, текстилн, парфеми, возило, храна и фалсификати, а во неделата бил откриен и обид за нелегален влез на мигранти.
Од страна на мобилните царински тимови, при заедничка контрола со припадници на Министерството за внатрешни работи, на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, извршена во близина на Неготино, биле откриени 825 аквариумски риби (златни риби, чистач, скалар, барбус и сом), 475 желки, 25 делови за аквариуми (аквариуми, распрскувачи и пумпи) и 20 паковки храна за риби.
Животните и другите производи се пронајдени во повеќе кеси, картонски кутии и торби, сместени во возилото и багажниот простор. Возачот не поседувал никакви документи за потекло и платени увозни давачки.
Во два одвоени случаи пак, на скопскиот аеродром „Александар Велики“, при контрола на двајца патници биле одземени 7.295 евра.
Во првиот случај, при контрола на македонски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Цирих, во неговиот паричник биле пронајдени 5.685 евра и 750 швајцарски франци кои не ги пријавил и за кои не поседувал доказ за потекло. Согласно законските прописи, на патникот му се вратени девизи во противвредност на 2.000 евра (1.390 евра и 750 швајцарски франци), износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а 4.295 евра се привремено задржани.
Во вториот случај, косовски државјанин кој допатувал со лет од Дизелдорф, пријавил дека со себе носи 9.000 евра, но при извршената контрола, во коверт сместен во рачна ташничка, пронајдени се 13.000 евра. Согласно законските прописи, на патникот му се вратени 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, а 3.000 евра биле привремено задржани.
Во неделата пак, на граничниот премин Богородица за влез во државата се пријавило германско возило „пежо 607“, управувано од германски државјанин, а при контрола на возилото, зад задното седиште е откриен специјално изработениот бункер, во кое се криеле двајца сиријски државјани, кои поседувале документи од грчкиот центар за азиланти.
Мигрантите, возилото и возачот беа предадени на Министерството за внатершни работи за понатамошна постапка./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

