Книги
Промоција на две обновени изданија на Лилјана Дирјан
Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје најавува промоцијата на две обновени изданија на Лилјана Дирјан – „Тешка свила“ и „Снег за двајца“, која ќе се одржи в сабота (16 јуни 2018 година) во „Цреша бар“, со почеток во 19.30 часот. На промоцијата ќе учествуваат: Оливера Ќорвезироска, Лидија Капушевска-Дракулевска, Ана Зафирова, Јовица Ивановски, Петар Андоновски и Јасмина Пакашки.
Двете обновени дела на Лилјана Дирјан излегоа во издание на „Антолог“ непосредно пред Саемот на книгата 2018 година.
„Тешка свила“ е поетска збирка, поделена во три целини; флуидна поетика на секојдневјето исполнета со носталгични сеќавања од детството, младоста, себеоткривањето преку очите на другиот, брачниот живот, мајчинството, патувањата… Ослободена од тривијална сентименталност и патетика оваа збирка ни дава слика за индивидуалното поетско доживување и сеќавања на некои минати времиња, фасцинацијата од ориенталната култура; со умерен еротизам, прикажен преку призма на (в)љубена жена, со целата нејзина нежност и потреба за допир…
„Снег за двајца“ е прозно дело на Лилјана Дирјан. Станува збор за експериментална проза со суптилни елементи на поезија, есеизација и романескна тенденција. Напишана е во форма на дневник меѓу два лика што некогаш биле во љубовна релација. Двата лика, Отсутниот и Присутната, ја читаат Марина Цветаева. Дирјан интегрира цитати, делови од писмо на Марина Цветаева напишано до поетот Евгениј Лозман зимата 1920 година. Секако, покрај Цветаева, Дирјан комуницира и со многу други врвни писатели како Кафка, Бродски, Песоа, Сабато, Бекет, Бела Хамваш, Даша Дрндиќ… Никогаш директно не го открива изворот, туку му препушта на читателот да се движи по оставените траги.
Лилјана Дирјан (1953-2017) е родена во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје. Била на студиски престој во Париз како стипендист на француската влада и Фондацијата „Губелкијан“. Поезијата на Дирјан е преведувана на многу јазици и е застапена во антологиите на македонската современа поезија. Со години работела како главен уредник на списанието „Жена“. Била еден од основачите и член на Друштвото на независните писатели на Македонија, како и уредник и еден од основачите на регионалното списание за литература „Сараевски тетратки“.
Нејзиниот творечки опус ги опфаќа книгите: Природна појава (1980), Жива мера (1985), Пелин поле (1989), Champs d’apsinthe (Est/Oust Internacionales, Париз, 1996), Тешка свила (1997), Cocoooons (Chatanooga Chapbooks, САД, 1999), Schwere Seide (Corvinus Presse, Берлин, 2000), Приватни светови (2007), Privatni svjetovi (OKF – Cetinje, 2009), колумни и патописи Саѓи врз снегот (2007), Светот мојот брат (2008), Со невидлив сокол на рамото (Софија, 2011), Снег за двајца (2011), Снег за двоје (ОКФ – Цетиње, 2013). За своето творештво е наградена со признанијата „Студентски збор“ и „Браќа Миладиновци“.
Со постхумното објавување на овие две обновени изданија „Антолог“ искрено се надева дека ќе придонесе кон зачувување од заборав на големото и многу значајно книжевно дело на Лилјана Дирјан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
„Матица“ ја заокружува иницијативата „Подари книга, подари свет“ со голема донација за Македонците во Албанија
Со голема донација од книги за Македонците во Албанија, издавачката куќа „Матица македонска“ денеска ќе ја заокружи иницијативата „Подари книга, подари свет“ по повод Меѓународниот ден на дарувањето книги и во рамките на чествувањето на 35-годишнината од нејзиното основање.
-Клучни книги за македонската историја, студии за македонскиот јазик, избрани дела од дел од најзначајните македонски поети и прозаисти, дела од и за македонската книжевна историја, монографски изданија за македонската култура и антологии се само дел од донацијата на „Матица македонска“ за Македонското друштво „Илинден“ од Тирана. Друштвото е формирано во 2009 година со цел да се заштити македонското национално малцинство во Република Албанија и е првото друштво на Македонци надвор од матичната држава што е рамноправен член со право на глас во Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Донацијата од „Матица македонска“ е најголемиот и највреден дар од книги на македонски јазик што досега е даден за Македонците во Албанија, соопшти „Матица“.
Издавачката куќа информира дека Македонско друштво „Илинден“ – Тирана упатува искрена благодарност за вредната донација со македонска литература.
-Оваа значајна иницијатива претставува силна поддршка и дополнителен поттик за зачувување, негување и афирмација на македонскиот јазик, култура и идентитет меѓу Македонците во Република Албанија. Со вакви дела на солидарност и соработка се зацврстуваат културните врски и се создаваат нови можности за понатамошна поддршка и заеднички активности. Гестот и заложбата на првата издавачка куќа во самостојна Македонија, Македонците од Албанија, вклучително и младите генерации да имаат можност да читаат и да се едуцираат на македонски јазик од вредни дела, притоа осознавајќи многу за македонскиот идентитет, е од суштинско значење за нас и за остварување на нашата цел, истакнува претседателот на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Никола Ѓурѓај.
Во соопштението е наведено дека донацијата од „Матица македонска“ содржи изданија што ќе можат да ги опфатат сите предели каде што живее македонското национално малцинство во Албанија и каде што Македонкото друштво „Илинден“ има активности, вклучително и преку органокот во Голо Брдо.
-Оваа акција на првата издавачка куќа во самостојна Македонија се случува во клучен период на предизвици за македонското национално малцинство во Албанија, а непосредно откако Македонското друштво „Илинден“, на 6 февруари, одбележа 17 години постоење, соопшти издавачката куќа.
Во текот на изминатите недели, во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“, „Матица македонска“ донираше книги и за Друштвото на иселениците од Македонија „Егемакгоч“ во Измир, Турција, за училиште во Света Недела, Хрватска, каде што се изучува македонскиот јазик, како и за Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана
-Во ова Друштво, покрај иселеници Турци, кои иако отселени во 1957 година сѐ уште со гордост го зборуваат македонскиот јазик, членуваат и нивните потомци – до најмладите генерации родени таму во 21 век, коишто имаат желба да го научат и да зборуваат, читаат и пишуваат на јазикот на земјата од којашто потекнуваат – македонскиот, и љубовта кон него и кон Македонија да се пренесува од генерација на генерација. Само еден ден откако беше објавено дека во уште едно училиште во Хрватска, во градот Света Недела во близина на Самобор, ќе се изучуваат македонскиот јазик и култура, веќе се случи првата донација од Македонија за училиштето. „Матица македонска“ испрати голема донација од книги во Хрватска, за учениците што ќе го учат предметот Македонски јазик и култура во Света Недела. На Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, заедно со „Алкалоид“, „Матица македонска’ донираше капитални дела за македонистиката на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана – првиот македонистички центар на универзитет надвор од Македонија. Во пресрет на јубилејот 65 години од отворањето на првиот лекторат по македонски јазик во светот, оваа донација е и првата поддршка во ваков формат упатена од Македонија до љубљанската македонистичка катедра по овој повод, соопшти „Матица македонска“.
Книги
Промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори
На 29 април во 18 часот во Студентскиот културен центар ќе се одржи промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори.
Двете изданија се резултат на соработката меѓу студентите и наставниот и соработничкиот кадар од Факултетот за ликовни уметности, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Издавањето на книгите е поддржано од Инситутот „Данте Алигиери“ во Скопје, Здружението Данте Алигиери во Рим и Министерството за култура и туризам.
Книги
Книгата „Мајсторот“ од Димитар Башевски објавена во Софија
Во издание на издавачката куќа „Изида“ од Софија, деновиве е објавена книгата раскази мајсторот од Димитар Башевски. Тоа е трета книга од Башевски објавена во Бугарија. Претходно објавени се неговите романи „Бунар“ и „Круг“. Преводот на книгата „Мајсторот“ од македонски на бугарски јазик е на Тања Попова.
Во текстот кон објавената книга се вели дека „Димитар Башевски го води читателот на книжевно патување низ длабоките слоеви на човечките емоции и вечните потраги. Со екстремна леснотија и чувство за јазични нијанси, авторот слика живописни слики на љубов, страст и копнеж кои се испреплетени со огромните прашања за смислата на животот и човечкото место во светот“.
Димитар Башевски е автор на дваесеттина книги проза и поезија. Добитник е на највисоките книжевни и општествени награди во земјата. Неговите книги се преведувани и објавувани на повеќе европски јазици.

