Македонија
Јанушев: Заев и Димитров сакаат со пенкало да ја избришат цела нација
Денес Атина со помош на Зоран Заев го завршува тоа што не успеа цели 100 години, вели генералниот секретар на ВМРО – ДПМНЕ Игор Јанушев. Тој смета дека наскоро по вина исклучиво на Зоран Заев и СДСМ, идните граѓани на Македонија, учениците, ќе учат историја напишана од грчки научници.
„Во членот 8 од капитулантскиот Договор се предвидува да биде откорнат, ископан, отстранет семакедонскиот симбол – Македонско сонце, предвидено е дека криминалната Влада на Заев ги прифаќа сите географски имиња –историски македонските имиња и топоними – да ги нарекува со грчки. Истиот член, прифатен со пенкалото на Заев, предвидува формирање на таканаречен ‘заеднички интердисциплинарен комитет’, кој што ќе изврши ревизија на било кои учебници и помошни наставни материјали – како историски карти, атласи, наставни упатства за да обезбеди, како што се вели ‘нити еден учебник да не содржи какви било иредентистички односно ревизионистички упатувања’“, рече Јанушев.
Според него комитетот исто така ќе ги проучи и новите изданија на учебниците и помошните наставни материјали.
„Зоран Заев и Никола Димитров со овој договор сакаат со пенкало да ја избришат цела македонска нација, целата нејзина историја, се атакува на нејзино културно наследство, целосно на нејзината државност, прикажувајќи ја како целосно нова вештачки измислена творба. Иако тоа не беше дел од преговорите, сега со добрата волја на Заев, од македонската меморија ќе треба да се избришат Солун, Кукуш, Лерин“, вели Јанушев.
Тој тврди дека за почеток, тие ќе исчезнат од македонските учебници, македонските патокази од сите документи. Грчките географски поими ќе мора да ги користиме онака како што ги нарекува јужниот сосед. Според Јанушев, откажувањето од топонимите е бришење на дел од културата и историјата на еден народ, а Македонија ќе биде единствена која се откажува од своите егзоними.
Солун, како што вели Јанушев, ќе биде Тесалоники, Кукуш, родниот Кукуш на Гоце Делчев, за учениците од Северна Македонија ќе биде Килкис, Воден – Едеса, Кутлеш – станува Вергина, Костур – Касториа, Сер – Серес. Со овој договор, предупреди Јанушев, се врши бришење на културното наследство на Македонија што е нераскинлив дел од нашиот идентитет.
„Зоране, со потписот на Димитров на твојот личен капитулантски Договор ја отуѓуваш сета македонска историја која се поврзува со делувањето на македонските дејци пред, за време и по Илинденското востание, дејци чие делување и мисла продолжува и до формирањето на македонската држава, па се’ до ден денес. Во овој Договор, во овој капитулантски Договор како гаранција за спроведувањето ќе биде формирано и тело од министри, предводено од премиерите, каде ќе се решаваат евентуалните проблеми. Доколку се појави спор, тогаш надлежен е Меѓународниот суд во Хаг. Но сите знаеме дека до спор нема да дојде, се додека Зоран прифаќа се’ што побараат од Атина!“, рече генералниот секретар Јанушев.
Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се поколеба нити милиметар во своите ставови во однос на срамениот и капитулантски Договор за името и оти тој за нив е неприфатлив.
ВМРО-ДПМНЕ останува на страната на народот и во одбрана на Уставот, интересите на државата и македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија.
„Повеќе нема сомнеж дека Зоран Заев ќе падне и ќе одговара, а Македонија ќе победи!“ рече Јанушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Парите на граѓаните кои ваделе пасош си ги ставал во џеб, кривична пријава за вработен во одделот за издавање документи во Штип
Вработен во Одделението за управни работи Штип ги лажел граѓаните кои ваделе пасош дека не работи пост терминалот за наплата со картичка и им барал кеш. Наместо да ги уплаќа парите на жиро сметка на МВР, тој си ги земал за себе.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство Штип поднесе кривична пријава против М.С. на работно место советник за управни работи за Штип во Одделението за управни работи Штип при Одделот за граѓански работи, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „проневера во служба“.
Според информациите на МВР, пријавениот М.С. во период од 01.01.2025 до 30.06.2025 присвоил пари доверени во службата, така што во повеќе наврати од граѓаните-баратели на услуги за издавање на патна исправа, искористувајќи го нивното непознавање на законските прописи во МВР, барал од истите да му дадат пари на рака при поднесување на барање за патна исправа, под изговор дека можноста за плаќање на пост терминалот со платежна картица во моментот не е во функција и дека е потребно да платат пари во кеш.
Граѓаните на рака му давале пари во износ колку што чини услугата, а дадените пари подоцна пријавениот требало да ги уплати на жиро сметка на МВР, како и да изврши уплата за административна такса на жиро сметка на Буџетот на РСМ, но пријавениот иако ја завршил постапката и на граѓаните им издал лични документи-пасоши, во наведениот период не ги уплаќал доверените пари, туку си ги присвоил за себе.
Одделот за внатрешна контрола криминалистички истраги и професионални стандарди против М.С. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка.
Македонија
СДСМ: Кампањата против предметите на СЈО е дел од операција за враќање на Груевски
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, изјави дека е во тек координирана политичка операција чија цел е враќање на поранешниот премиер Никола Груевски и целосно уривање на правниот систем во државата.
„Откако ги видовме резултатите од истражувањата во Унгарија, станува извесно дека блискиот пријател на Мицкоски, Виктор Орбан, може да се соочи со пораз на изборите. Тоа го виде и Никола Груевски“, рече Кузеска.
Според неа, наместо да одговара пред правосудните органи, ВМРО-ДПМНЕ му подготвува враќање на Груевски „во Белата палата“.
„Така изгледаат реформите во ВМРО. Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренција – се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски. Мицкоски е само чувар на фотелјата“, рече таа.
Кузеска посочи дека клучниот чекор во ова сценарио е нападот врз Специјалното јавно обвинителство и пресудите кои произлегоа од неговата работа.
„Преку орбановите медиуми во Македонија, особено преку телевизијата Алфа, веќе се води црна кампања со наратив за ‘политички прогон’ и ‘монтирани случаи’. Целта е јасна – дискредитација на предметите, релативизирање на пресудите и подготовка на терен за нивно поништување“, изјави Кузеска.
Таа додаде дека не станува збор за случајна медиумска офанзива, туку за организиран обид да се избрише одговорноста за криминалот на поранешната власт и бегалецот Груевски да се прикаже како жртва.
„Истовремено, се носат решенија во правосудството спротивни на европските препораки, се поставуваат партиски луѓе на клучни позиции и се слабее институционалната независност. Сè со една цел – да се обезбеди безбеден терен за враќање на ’газдата‘“, порача таа.
„Ова не е внатрепартиска работа на ВМРО. Ова е директен напад врз владеењето на правото и европската перспектива на државата“, додаде Кузеска.
Македонија
Нови возила и опрема за „Јасен“ во рамки на проектот за превенција од шумски пожари
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со заменик претседателот на Владата за политички систем, Љупчо Димовски и директорот на Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје „Јасен” – Скопје, Ангеле Сотировски, извршија увид во активностите на проектот WILD-A – Превенција и управување со шумски пожари во прекуграничната област како средство за адаптација кон климатските промени.
Проектот се спроведува во рамките на првиот повик од ИПА III – Програмата за прекугранична соработка со Република Грција, како соработка меѓу четири организации од двете земји. Партнери од македонска страна се ЈПУЗПП „Јасен“ и Балканската фондација за одржлив развој.
Вкупниот буџет за македонските партнери изнесува 458.370 евра, од кои 91.674 евра се обезбедени како национално кофинансирање од Министерството за локална самоуправа.
„Пожарите, особено во летниот период, кои оставаат пустош зад себе, како што сведочевме и минатата година во „Јасен“, предизвикуваат големи еколошки и економски штети. Нашата обврска е навремено да инвестираме во превенција и подготвеност за ваквите штети да ги спречиме, а не само да ги санираме.“, посочи министерот Перински во рамки на посетата.
Преку проектот во областа „Јасен“ се зајакнуваат мерките за противпожарна заштита со набавка на специјализирани возила и опрема, вклучително противпожарно возило со голем капацитет за вода, две теренски возила со интегрирани пумпи, возило за интервенции во мала инфраструктура за заштита од пожари (багер со лопата), оптички систем за надзор со долг дострел како и опрема за мали инфраструктурни интервенции. Како дел од активностите се предвидува и обезбедување научна експертиза, спроведување истражувања за мерки за заштита од пожари и поддршка на кампањи за подигање на јавната свест.
„Со заедничка соработка, знаење, технологија и посветеност, ние не само што ги намалуваме ризиците од шумски пожари, туку ја поттикнуваме интеграцијата, одговорноста и активното учество на локалната заедница.“ истакна Ангеле Сотировски, директор на „Јасен“.
Шумските пожари се сè поголем предизвик во услови на климатски промени, а овој проект носи конкретни решенија за превенција, рана детекција и заштита на биодиверзитетот.

