Регион
Србија и Унгарија повторно го отворија граничниот премин Хоргош
Министрите за внатрешни работи на Србија и на Унгарија, Небојша Стефановиќ и Шандор Пинтер во неделата симболично отстранувајќи ја првата ограда повторно го отворија граничниот премин Хоргош 1 на српско-унгарската граница.
Од пладне во неделата овој граничен премин е повторно отворен за патнички и товарен сообраќај, додека на преминот Хоргош 2 ќе се спроведуваат постапките во врска со мигрантите.
Целта на отворањето на преминот Хоргош 1 е да се олесни патниот и товарен сообраќај меѓу двете земји, а Стефановиќ оцени дека приоритет ќе биде меѓународниот транзит, економската соработка и интересот на граѓаните на двете земји.
Договорот следеше по посетата на унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сјарто на Белград, кога беше најавено дека министерствата за внатрешни работи ќе ги усогласат условите за отворање на граничните премини, кои беа затворени минатата седмица по судирите на мигрантите со унгарската полиција.
Пинтер оцени дека „вонредните ситуации бараат и вонредни решенија“, како и дека притисокот кој двете земји го трпат поради мигрантите ја предизвика вонредната ситуација во која Србија и Унгарија успеале да постигнат договор кој е од заеднички интерес, пренесе Радиотелевизија Србија (РТС)
Граничниот премин Хоргош 1 беше затворен во четвртокот 17-ти септември, поради огромниот прилив бегалци и нивното задржување откако во Унгарија стапија на сила построгите закони за спечување на илегалното минување на нејзина територија, што илјадници бегалци ги принуди да ја променат рутата и да тргнат преку Хрватска и Словенија. Во хрватска од средата влегле повеќе од 25.000 луѓе, а најмногу притисок е кај преминот Товарник, каде што во неделата има околу 3.900 бегалци.
Претходно во средата во близина на Товарник избувнаа немири, откако унгарската полиција со солзавец и водени топови одговори на обидот на мигрантите да ја пробијат оградата и ги гаѓаа полицајците со камења. Во неделата на тој дел од српско-унгарската граница речиси и да нема бегалци пренесуваат агенциите, и одбележуваат дека за нивниот повеќедневен престој сведочат напуштените шатори и купиштата отпадоци./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Автомобил ја проби блокадата во Белград, удри студент и го носеше на хауба
Студенти на Економскиот факултет во Белград соопштија дека денеска за време на нивната акција на улицата Караѓорѓева возило ја пробило блокадата, удрило во студентот и го носело на хаубата.
По тој инцидент, соопштија, жената која го управувала автомобилот побегнала, а повредениот студент е пренесен во болница, пренесува Нова.рс.
„Студентот во моментов е во Ургентниот центар по интервенција на Брза помош. Нападот бил пријавен во полиција, која како сведоци повикала професор на Економскиот факултет и лице од студентската служба. Сведоците дадоа исказ во полициска станица“, велат студентите.
Регион
(Видео) Вучиќ: Зад мене ќе остане најдоброто време за Србија во нејзината историја
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на социјалните мрежи објави видео со порака:
„Јас живеам за Србија. Дали ме сакаат или не, резултатите кажуваат сè“, вели тој.
View this post on Instagram
„Зад мене ќе остане најдоброто време за Србија во нејзината историја. Србија реално ги има највисоките плати во својата историја. Србија реално ги има највисоките пензии во својата историја. Србија ја изгради својата патна и железничка инфраструктура како никогаш досега во својата историја. Дали е сето тоа точно, Србија ја изгради својата научна и технолошка инфраструктура, Србија никогаш во својата историја не давала толку пари како што дава денеска за земјоделството. И тоа е наследство од мојата политика, му се допаѓало тоа некому или не. Тоа се резултатите, сакале вие тоа да го признаете или не“, вели Вучиќ.
Регион
Во грчките пристаништа ветерот го запре поморскиот сообраќај – транспортот до многу острови е невозможен
Поморскиот сообраќај во многу пристаништа во Грција е во прекин поради силниот ветер.
Според грчката државна телевизија ЕРТ, поради силните ветрови на Егејското Море, воведена е забрана за пловидба во многу пристаништа, меѓу кои Пиреја, Лаврио, Рафина, Волос и Кавала.
Поради забраната, значително е во прекин поморскиот сообраќај во целата земја, а транспортот до многу острови во моментот не е можен, пренесуваат медиумите.
Според податоците на грчката метеоролошка служба, се проценува дека брзината на ветерот во регионот денеска ќе се зголеми, што значи дека би можел да достигне ниво на брзина на урагански ветер од 89 до 102 километра на час.