Македонија
Како странските медиуми ја пренесоа веста – доделен датум за ЕУ или одложена одлуката за Македонија?
Странските медиуми имаа многу поразличен пристап од домашните кога се работи за одлуката на Европската Унија за доделување датум за преговори за Македонија. Додека дел од домашните медиуми објавија дека на земјава ѝ е доделен датум за преговори во јуни 2019 година, дел, пак, објавија дека ѝ е доделен условен датум, а дел, пак, дека воопшто не ѝ е доделен датум за ЕУ, голем дел од познатите релевантни европски и американски медиуми објавија наслови со кои веста се пренесува со генерален впечаток дека одлуката за доделување конечен датум за Македонија и Албанија е одложена, но и покрај тоа земјава добила „претпазливо“ зелено светло за преговорите за една година доколку продолжат реформите.
„Фајненшл тајмс“ објави наслов со зборовите „Македонија се соочува со 12-месечно чекање за преговорите за прием во ЕУ“, додека во поднасловот се известува дека одложувањето може да го комплицира одобрувањето на Договорот со Грција за името на земјата.
Американскиот „Вашингтон пост“, кој пренесува вест од агенцијата „Асошиејтед прес“, објави наслов „Преговорите за членство во ЕУ за Албанија, Македонија закажани за јуни 2019 година“. Понатаму во текстот се вели дека Европската Унија се согласила да отвори разговори за членство во Унијата со Албанија и Македонија за една година доколку реформите во двете земји продолжат да се развиваат.

„Ројтерс“ известува дека „ЕУ ги одложила разговорите за балканско членство откако Франција бара реформи“. „Владите на Европската Унија во вторникот ја одложија одлуката за најмалку една година за дали да се дозволат преговори за членство со Македонија и Албанија откако Франција и Холандија не се согласија со Германија и бараа повеќе реформи. Неочекуваниот резултат и покрај широката поддршка во ЕУ, ја покажа одлучноста на францускиот претседател Емануел Макрон да ја одложи одлуката по изборите на Европскиот парламент во мај, поради стравот од антиимигрантско расположение, велат дипломатите“, пишува медиумот.

Германската „Дојче веле“ објави дека ЕУ ќе почне преговори за членство со Македонија и Албанија, а потоа пишува дека дел од земјите членки изразиле загриженост поради корупцијата и владеењето на правото во двете земји.

„Политико“ пренесе дека ЕУ ја одложила одлуката за пристап на Албанија и Македонија и дека двете земји треба да покажат прогрес во подобрувањето на владеењето на правото и борбата со организираниот криминал.
„Вратата за членство во ЕУ за Албанија и Македонија останува затворена барем до јуни 2019 година, но приемот е на понуда доколку земјите покажат прогрес во реформите“, известува медиумот. Тие пишуваат дека јазикот во декларацијата им дозволува на проевропските влади во Македонија и Албанија да им кажат на своите граѓани дека вратата до евентуално членство во ЕУ е отворена. „Но на Франција и Холандија, кои се внимателни во ширењето на ЕУ кон нови земји, им дозволува да соопштат дека не е донесена никаква финална одлука“, се вели во текстот.

„ЕУ обсервер“ објави наслов „ЕУ ги одложи разговорите за Македонија и Албанија“, додека „Еурактив“ исто така објави дека „ЕУ ги стави ‘Северна Македонија’ и Албанија на чекање до изборите во Европската Унија“.

„Вол стрит журнал“ исто така објави дека ЕУ ја таргетирала следната година за преговорите за пристап со Македонија, по промената на името, додека грчки „Катимерини“ објави наслов „ЕУ ги одложи разговорите за членство за ФИРОМ и Албанија до 2019 година“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.
Македонија
Слаб снег провејува на Попова Шапка, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Слаб снег провејува на Попова Шапка кој во моментов не се здржува на коловозот, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно време со дожд и ветер, на планините снег – МЕТЕО за следните денови
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно. Во делови од котлината ќе има повремен слаб дожд. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени, јавува УХМР.
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.

