Македонија
Судењето за расипаните пилиња и полутки, од кое државата 11 години не може да наплати 20 милиони евра, одложено за октомври
Поради промена на адвокатот на обвинетиот и неприсуството на јавниот обвинител, судијката Оља Ристова за 30 октомври го презакажа судењето за расипаните пилиња и полутки, од кое државата 11 години не може да наплати 20 милиони евра, соопштија од кривичниот суд за „Макфакс“. На денешното рочиште обвинетиот Ванчо Пеловски, ексдиректор на Бирото за стокови резерви, пред судот изјавил дека ќе го застапува друг бранител и дека поради подготовката на одбраната му е потребно време. Причината поради која е закажано рочиште по речиси 4 месеци е што по судската ферија, термините за судење на судијката биле исполнети и ова бил најблизок слободен термин за судење. Судијката го презеде предметот од неодамна од нејзината колешка Џенета Бектовиќ.
Во обвинението на скопското обвинителство пишува дека обвинетите префрлале пари на сметки на домашни и странски фирми, иако стоката не била целосно испорачувана. Сега пензионираната обвинителка Драгица Михајлоска во март 2005 година до кривичниот суд во Скопје поднела обвинение за злоупотреба на службената положба и овластување против тогашниот директор на Бирото за стокови резерви, Ванчо Пеловски, и против Димитар Марковски, директор на ТД „Рудине“, како и против Методија Смиленски, кој тогаш не им бил достапен на органите на прогонот. Според обвинението, Пеловски и Марковски им овозможиле на странски и домашни фирми од 1999 година до крајот на 2002 година противзаконски да заработат приближно 1 милијарда и 200 милиони евра.
Во 1999 година првообвинетиот Пеловски донираната хуманитарна помош – смрзнати пилиња од Грција во Македонија во количина од 1500 тони, која Бирото требало да ја дистрибуира, ја продал на фирмата ТД „Рудине“ по принципот „видено-продадено“. Откако Димитар Марковски, директорот на ТД „Рудине“, му доставил записници за извршена контрола, бил избришан долгот кон Бирото за стокови резерви, за пилињата кои биле пријавени како расипани. Во одбраната, Пеловски тврдел дека било пракса да не се вршат проверки дали е примена целата количина месо.

Во серијата од 6 точки на обвинението е наведено и дека во 2002 година Пеловски склучил договор со австриска фирма за набавка на 1000 тони смрзанти свински полутки за потребите на Бирото за стокови резерви. Биле склучени дополнителни договори според кои исплатата се врши директно до добавувачот. Обвинетиот уплатил аванс на австриската фирма, но биле испорачани само 467 килограми свинско место, а до Бирото биле доставени фактури за целата авансно платена количина месо. За неа, во светиниколската фирма „Фриго-Мак“ биле сочинети фиктивни приемници. Пеловски дал налог да се исплати целиот износ, иако фирмата ја нема испорачано целата количина свинско месо.
Првообвинетиот Пеловски за „Макфакс“ пред неколку месеци не сакаше да коментира ништо за судскиот процес. Изјави дека се смениле многу судии и обвинители и дека додека не биде донесена правосилна судска пресуда, не сака да коментира.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

