Македонија
Хелсиншки комитет: Говорот на омраза треба да се санкционира навреме за да се спречат трагични инциденти

Жалење за загубениот живот на дваесетгодишниот Никола Саздовски, кој на 29 јуни беше нападнат и брутално претепан од три лица, а вчера им подлегна на повредите, изразија од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.
„Најостро го осудуваме настанот и уште еднаш укажуваме на потребата од преземање сериозни мерки за спречување на делата од омраза, не само откако делото ќе се случи туку и превентивно, односно преку санкционирање на употребата и ширењето на говорот на омраза“, се наведува во соопштението.
Од Хелсиншкиот комитет додаваат дека несомнени се последиците од несправувањето со говорот на омраза, но, како што велат, за жал, не сме сведоци на бескомпромисноста во борбата против овие дела.
„ОЈО сè уште не постапува по допрен глас за случаи на говор на омраза иако јавноста редовно реагира и укажува на случаи на говор на омраза, особено на социјалните медиуми. Уште повеќе, нашите согледувања говорат дека органите на прогонот сè уште соодветно не ги третираат делата од омраза туку најчесто ги водат како полесни дела, односно прекршоци“, сметаат од Хелсиншки.
Во изминатите шест и пол години (заклучно со мај 2018), Комитетот регистрирал вкупно 443 инциденти и дела од омраза, кои во најголем процент се случиле помеѓу малолетници или млади луѓе поради етничката припадност на жртвата или сторителот.
„Статистиката за загрижувачкиот број на случаите како и основите, редовно се објавува со цел да се укаже дека не се доволни само декларативни заложби против говорот на омраза и делата од омраза туку дека е потребно полицијата и обвинителството најпрво да почнат со препознавање и регистрирање на делата од омраза за да можат понатаму соодветно да ги казнат сторителите“, истакнуваат од Комитетот.
На крајот од соопштението се наведува дека единствено со соодветното санкционирање на говорот на омраза и делата од омраза институциите на системот ќе испратат порака до граѓаните за својата сериозност и бескомпромисност во борбата против говорот на омраза и делата од омраза чиишто последици, како што се вели, најчесто ги трпат младите луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Викендов променливо облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд

Времето утре ќе биде претежно облачно и посвежо, со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни со услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 14 до 22 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 21 степени
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност до понеделник времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²). Потоа во следните два дена времето ќе биде претежно стабилно. Дневната температура во текот на прогнозираниот период ќе биде за 8 до 10 степени пониска во однос на претходниот.
Македонија
Меџити: Улицата „Максут Садик“ пред завршување, значајна инвестиција за Чаир

Денес, првиот Заменик премиер и воедно кандидат на коалицијата ВЛЕН за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити ги следеше работите за реконструкција на улицата „Максут Садик“ во Чаир, значаен инфраструктурен проект кој го поврзува овој дел на општината со булеварот „Никола Карев“ и со Универзитетот „Мајка Тереза“, каде што наскоро ќе се изгради современ универзитетски кампус.
Станува збор за инвестиција од околу 220.000 евра, која се реализира со поддршка на Владата во рамки на Програмата за инфраструктурни проекти во општините за 2025 година.
„Денес сум тука заедно со вас за да го следиме напредокот на реконструкцијата на улицата ‘Максут Садик’. Оваа улица не е само обична сообраќајница, туку важна артерија која го поврзува овој дел на Чаир со булеварот ‘Никола Карев’, со Универзитетот ‘Мајка Тереза’, каде што многу скоро ќе никне модерен универзитетски кампус. Ова е инвестиција од околу 220.000 евра, која се реализира со поддршка на Владата во рамки на Програмата за инфраструктурни проекти во општините за 2025 година“, изјави Меџити.
Работите, како што тој истакна, се одвиваат со брзо темпо и проектот се очекува да заврши за две недели.
„Ова значи дека жителите од ова населба, а особено ромската заедница, која со години чекала подобри услови за движење, конечно ќе добијат инфраструктура каква што заслужуваат“.
Меџити додаде дека овој проект не се однесува само на асфалтирање, туку и на конкретна посветеност кон заедницата.
„За мене ова е повеќе од асфалт и нова улица. Ова е потврда дека кога Владата и општината ќе застанат заедно, резултатите стигнуваат до луѓето. Ова е пример за тоа како конкретни дела ја менуваат секојдневната реалност“, нагласи тој.
Меџити уште еднаш го потенцираше своето лично залагање за развојот на општината.
„Како човек кој целиот свој живот го поминал во Чаир, добро ја знам секоја улица и секој проблем. Мојата посветеност е јасна: да обезбедиме нови инвестиции, нови услови и нова енергија за Чаир. Ова е само почеток. Чаир има потенцијал, има сила и ќе го има развојот што го заслужува“, оцени Меџити.
Македонија
Костовски: Мега проект во општина Бутел, потпишан договор за нова модерна поликлиника

Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, преку објава на социјалните мрежи извести дека е потпишан договор за нова ултра модерна поликлиника во општината.
„Денес во просториите на Министерството за здравство заедно со министерот Азир Алиу го потпишавме договорот за спроведување на групна набавка за изградба на нова поликлиника во општина Бутел.
Ви ветив и ќе остварам! Носител на овој мега проект е општина Бутел, додека Министерството за здравство партнерски ќе учествува во истиот.
Историски миг за граѓаните на општина Бутел. Би сакал да му се заблагодарам на премиерот Христијан Мицкоски кој стои зад овој мега проект.
Процесот започна со внимателно проектирање и дизајнирање на новата пликлиника. Здравствените центри мора да исполнуваат строги регулаторни и безбедносни стандарди.
Добиваме нова поликлиника која ќе овозможи подобро услови за давање на здравствена заштита.
На граѓаните на општина Бутел ќе им се овозможи широк спектар на здравствени услуги, со што повеќе не ќе мораат да патуваат по дваесеттина километри за да ги задоволат своите здравствени потреби.
Деталниот урбанистички план кој го донесовме, маркицата за новата поликлиника ја предвидува на местото на старата амбуланта.
Со изградба започнуваме наскоро и со цело срце го чекам денот кога ќе удриме камен темелник на новата поликлиника. Историски чекори за нашата Општина!“, напиша Костовски.