Македонија
Невремето предизвика до 80 отсто штета врз јаболковите насади во Преспанскиот Регион
Претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и локалните власти излегоа на терен во увид на штетите врз земјоделските посеви од вчерашното невреме во Преспанскиот Регион.
Според првичните информации, поројниот дожд и град во регионот предизвикале најголеми штети во село Јанковец, Ресен, како и во делови од селата Златари и Сопотско. Општинската комисија веќе е излезена на терен и врши проценка на штетите, а првите прецизни проценки на оштетените јаболки ќе можат точно да се соопштат следната недела. Сепак, според првичните проценки, штетите врз насадите се од 70 до 80 отсто.
Почнувајќи од мај, Преспанскиот Регион е дури шест пати погоден од невреме, информираат од МЗШВ.
Штети од невремето се забележани и во Прилепскиот Регион, поточно во Големо и Мало Коњари. Општината Прилеп и таму формираше Комисија за проценки на штети, која ќе биде задолжена за проценка на материјалните штети на објекти и приватни имоти, по што ќе следува постапка за обештетување.
Владата на Република Македонија работи на усогласување на Законот за земјоделство и рурален развој и Законот за заштита и спасување, за да се унифицира постапката и да не се формираат повеќе комисии, со цел да се забрзат постапките и да се пратат до владината комисија, којашто ќе ја преземе целокупната работа во делот на обештетувањето.
„Општинските комисии се веќе формирани. Во меѓувреме МЗШВ работи на долгорочна стратегија, односно на сет мерки за заштита на земјоделството од временските непогоди предизвикани од климатските промени“, информираат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Потребни се субвенционирани квалитетни контрацептивни средства за жртвите на семејно насилство
Антифашистичкиот фронт на жените при Левица (АФЖ) сподели сведоштво од жена која, поради семејно и сексуално насилство, била принудена да користи евтина контрацептивна спирала, што довело до сериозни здравствени компликации и итна операција. Таа порачува дека многу жени-жртви немаат финансиски можности за поквалитетни медицински средства и апелира државата да ги субвенционира.
Жртвата нагласува дека поддршка добила главно од организации и од АФЖ – Левица, како и од пратеничката Јована Мојсоска, но не и од институциите.
Од АФЖ велат дека целосно застануваат зад иницијативата државата да обезбеди пристап до безбедни и квалитетни контрацептивни средства за жените-жртви, како дел од пошироката борба за нивните права.
Кампањата на АФЖ за 16-те дена активизам се одвива под слоганот: „Не трпи! Не молчи! Едуцирај се, охрабри се! Делувај!“
Организацијата вели дека работи на подигање на свеста, споделување сведоштва и онлајн едукација поврзана со Истанбулската конвенција.
АФЖ потсетува дека насилството врз жените во земјава расте и дека е неопходна институционална реакција. Од таму упатуваат апел: „Стоп за насилството!“
Македонија
Филипче: СДСМ напорно работеше за потребите на жените, со оваа власт сè паѓа во вода
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на работилница организирана од Форумот на жени на СДСМ во рамките на кампањата „16 дена активизам за борба против насилството врз жените и девојчињата“-„Гласни за живот без страв“, истакна дека СДСМ е партијата која системски ја постави борбата против родово базираното насилство како државен приоритет. Тој нагласи дека преку воспоставување закони, институционални реформи и услуги за заштита на жените и девојките, СДСМ создаде основи за долгорочни и одржливи политики за заштита на жените од насилство.
„Тоа што се направи во изминатиот период треба да продолжиме да го промовираме и преку сите инструменти кои што ни се на располагање, тој систем да го надградуваме. Ние сме и потписници на Истанбулската Конвенција, која е важен меѓународен документ за спречување и заштита од насилство врз жените“, рече Филипче.
Говорејќи за превенцијата како клучна во борбата против насилство врз жените, Филипче истакна дека животот на секоја жена мора да биде заштитен, а институциите да функционираат за граѓаните. Тој потсети на бројните мерки преземени во системот за заштита во периодот на владата на СДСМ, за разлика од сегашната влада на ВМРО-ДПМНЕ.

„Отворивме многу центри за рана детекција. Имаше центри за детекција во кои што мулти-дисциплинарно работеа социјален работник, психолог, гинеколог. Меѓутоа гледаме како е кога на власт ќе дојде еден авторитарен режим кој што не се грижи за ништо друго, освен за своите сопствени, тесни, теснопартиски интереси, а се друго паѓа во втор план“, рече Филипче.
Во своето обраќање Филипче потсети дека СДСМ е партијата што прва воведе квоти и мерки за вистинска застапеност на жените, обезбедувајќи простор за женско лидерство на сите нивоа.

„Напорно работевме да го промовираме женското лидерство и во тоа успеавме. Донесовме листи во кои што точно се знаеше колкав ќе биде процентот на жени, колкав ќе биде процентот на млади“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од булеварот Партизански Одреди бр. 95, општина Карпош.

