Македонија
Таневски демантира дека од блокираната сметка Општина Охрид му исплатила 1,5 милион денари

Љупчо Таневски, сопственик на порталот „Охрид 1“, демантира дека Општина Охрид исплатила 1,5 милион денари на двете негови фирми „Мегастар продукција“ ДООЕЛ Охрид и „ЛТ трејд“. „Макфакс“ денес објави текст со наслов „Со блокирана сметка Бакрачески се рекламирал за 1,5 милион денари на порталот ’Охрид 1“ врз основа на официјални податоци од Општина Охрид.
„Ја демантираме информацијата дека за услуги на порталот се фактурирани 1.989.560 и ве информираме дека во мандатот на Никола Бакрачески за услуги на ’Охрид 1’ месечно никогаш фактурираниот износ не надминал повеќе од 10 000 денари, а информацијата за која тврдите дека е доставена од службите на Општина Охрид и е објавена на вашиот медиум е целосно неточна. Воедно, за да не се доведува јавноста во заблуда, да не се нарушува угледот на медиумот ’Охрид 1’, како и фирмата издавач и маркетинг-агенцијата ’Мегастар продукција’, но пред сè угледот на Никола Бакрачески, јавноста ја информираме дека порталот при секое потпишување договор со локалната самоуправа додека беше градоначалник Никола Бакрачески, со посебен член кој беше вметнуван во секој потпишан договор беше обврзан да не фактурира износи повисоки од 10 000 денари, што прави невозможно за услуги на порталот да се фактурира износот кој тврдите дека Општината го дала во одговорот до вашиот медиум. Воедно го демантирам и делот од текстот и насловот во кој тврдите дека Никола Бакрачески се рекламирал на ’Охрид 1’ и за да не се доведува јавноста во заблуда, ве известуваме дека ниту Никола Бакрачески , ниту Општина Охрид никогаш не се рекламирале на ’Охрид 1’ и таа ваша констатација е целосно неточна. ’Охрид 1’ објавувал соопштенија и огласи, исто како и останатите локални медиуми од кои три медиуми во мандатот на Никола Бакрачески фактурирале кон општината повисоки износи од порталот ’Охрид1’, стои во демантот од Таневски.
Во податоците до кои дојде „Макфакс“ по пат на барање за пристап до информации од јавен карактер, прецизно се покажани сумите кои од сметката на Општина Охрид му биле фактурирани на Таневски во рок од пет години.

Сумите кои што му биле префлани на Таневски во период од пет години. – Документот што Општина Охрид го испрати на „Мaкфакс“
Со ново барање за пристап до информации од јавен карактер „Макфакс“ побара детален преглед за префрлените пари од сметка на Општината на фирмите на Таневски за секој месец одделно заедно со објаснување на кој начин е прикажано трошењето со оглед на блокираната сметка, а побаравме и примероци од објавите и промотивните видеа. Одговор на второто барање не добивме и покрај истекот на законскиот рок од еден месец. Од Општината нема ниту објаснување зошто ги кријат месечните извештаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Викендов променливо облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд

Времето утре ќе биде претежно облачно и посвежо, со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни со услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 14 до 22 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 21 степени
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност до понеделник времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²). Потоа во следните два дена времето ќе биде претежно стабилно. Дневната температура во текот на прогнозираниот период ќе биде за 8 до 10 степени пониска во однос на претходниот.
Македонија
Меџити: Улицата „Максут Садик“ пред завршување, значајна инвестиција за Чаир

Денес, првиот Заменик премиер и воедно кандидат на коалицијата ВЛЕН за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити ги следеше работите за реконструкција на улицата „Максут Садик“ во Чаир, значаен инфраструктурен проект кој го поврзува овој дел на општината со булеварот „Никола Карев“ и со Универзитетот „Мајка Тереза“, каде што наскоро ќе се изгради современ универзитетски кампус.
Станува збор за инвестиција од околу 220.000 евра, која се реализира со поддршка на Владата во рамки на Програмата за инфраструктурни проекти во општините за 2025 година.
„Денес сум тука заедно со вас за да го следиме напредокот на реконструкцијата на улицата ‘Максут Садик’. Оваа улица не е само обична сообраќајница, туку важна артерија која го поврзува овој дел на Чаир со булеварот ‘Никола Карев’, со Универзитетот ‘Мајка Тереза’, каде што многу скоро ќе никне модерен универзитетски кампус. Ова е инвестиција од околу 220.000 евра, која се реализира со поддршка на Владата во рамки на Програмата за инфраструктурни проекти во општините за 2025 година“, изјави Меџити.
Работите, како што тој истакна, се одвиваат со брзо темпо и проектот се очекува да заврши за две недели.
„Ова значи дека жителите од ова населба, а особено ромската заедница, која со години чекала подобри услови за движење, конечно ќе добијат инфраструктура каква што заслужуваат“.
Меџити додаде дека овој проект не се однесува само на асфалтирање, туку и на конкретна посветеност кон заедницата.
„За мене ова е повеќе од асфалт и нова улица. Ова е потврда дека кога Владата и општината ќе застанат заедно, резултатите стигнуваат до луѓето. Ова е пример за тоа како конкретни дела ја менуваат секојдневната реалност“, нагласи тој.
Меџити уште еднаш го потенцираше своето лично залагање за развојот на општината.
„Како човек кој целиот свој живот го поминал во Чаир, добро ја знам секоја улица и секој проблем. Мојата посветеност е јасна: да обезбедиме нови инвестиции, нови услови и нова енергија за Чаир. Ова е само почеток. Чаир има потенцијал, има сила и ќе го има развојот што го заслужува“, оцени Меџити.
Македонија
Костовски: Мега проект во општина Бутел, потпишан договор за нова модерна поликлиника

Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, преку објава на социјалните мрежи извести дека е потпишан договор за нова ултра модерна поликлиника во општината.
„Денес во просториите на Министерството за здравство заедно со министерот Азир Алиу го потпишавме договорот за спроведување на групна набавка за изградба на нова поликлиника во општина Бутел.
Ви ветив и ќе остварам! Носител на овој мега проект е општина Бутел, додека Министерството за здравство партнерски ќе учествува во истиот.
Историски миг за граѓаните на општина Бутел. Би сакал да му се заблагодарам на премиерот Христијан Мицкоски кој стои зад овој мега проект.
Процесот започна со внимателно проектирање и дизајнирање на новата пликлиника. Здравствените центри мора да исполнуваат строги регулаторни и безбедносни стандарди.
Добиваме нова поликлиника која ќе овозможи подобро услови за давање на здравствена заштита.
На граѓаните на општина Бутел ќе им се овозможи широк спектар на здравствени услуги, со што повеќе не ќе мораат да патуваат по дваесеттина километри за да ги задоволат своите здравствени потреби.
Деталниот урбанистички план кој го донесовме, маркицата за новата поликлиника ја предвидува на местото на старата амбуланта.
Со изградба започнуваме наскоро и со цело срце го чекам денот кога ќе удриме камен темелник на новата поликлиника. Историски чекори за нашата Општина!“, напиша Костовски.