Економија
„Пуцко петрол“ и „Бауер БГ“ ги добиле највредните договори за јавни набавки со општините

Нафтениот дистрибутер „Пуцко петрол“ и градежните компании „Бауер БГ“ од Скопје и „НБ-компани“ од Тетово се на врвот на листата според вредноста на добиените тендери од општините, покажа базата податоци која ја изработи Центарот за граѓански комуникации.
На прво место според вредноста на склучените договори во текот на 2017 година е компанијата „Пуцко петрол“ од Пласница, која склучила 29 договори за продажба на нафтени деривати на општините во вкупна вредност од околу 3 милиони евра. Во споредба со претходната година произлегува дека „Пуцко петрол“ ја дуплирал вредноста на јавните набавки (во 2016 година вредноста на договорите на овој трговец на нафтени деривати изнесувала 1,5 милион евра).
На второ место според вредноста е градежната компанија „Бауер БГ“, која во 2016 година беше прва. Третото место ѝ припадна на тетовската градежна компанија „НБ-компани“, која во 2016 година беше на деветтото место според вредност на договорите за јавни набавки.
Според податоците, општините и Градот Скопје во 2017 година склучиле 2 737 договори за јавни набавки во вкупна вредност од приближно 80 милиони евра. Вредноста на набавките на стоки, услуги и работи од единиците на локална самоуправа во 2017 година е помала од претходната година за 62 милиони евра.
Градот Скопје е на врвот и според бројот и според вредноста на договорите. Притоа, во 2017 година Скопје склучило 153 договори за јавна набавка во вредност од околу 10 милиони евра, што е за 6 милиони евра помалку од претходната година.
Втора на листата според вредноста на склучените договори за јавни набавки лани е скопската општина Аеродром со потрошени 4,7 милиони евра или 5,9% од вредноста на сите општински тендери. На третото место, пак, според вредноста на тендерите во 2017 година е општина Куманово со потрошени околу 4,4 милиони евра, што е за 20,7% помалку од 2016 година.
На дното, пак, според бројот на договори е општина Градско, а според вредноста на договорите општина Пласница. Градско има склучено само 3 договори во вредност од околу 56 илјади евра, а Пласница, пак ,има 4 договори, но во вредност од само 21 илјада евра. Притоа две општини, Ранковце и Шуто Оризари, немале ниту еден договор за јавна набавка.
Дури 58% од парите за јавни набавки во 2017 година се потрошени за работи, потоа 26% за услуги и само 16% за набавка на стоки.
Сиве овие податоци произлегуваат од Базата на податоци за јавните набавки на општините во 2017 година изработена од Центарот за граѓански комуникации, во која се вклучени вкупно 2 737 договори на општините склучени со 1 048 фирми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Од полноќ нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,83 % во однос на одлуката од 6.10.2025 година.
Од 14.10.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,661 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,001 ден/кг и сега изнесува 36,661 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 3,358% и кај дизелот за 2,566%, кај екстра лесното масло за 2,450% и кај мазутот намалувањето е за 0,645%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5110%.
Економија
Халкбанк со промотивна понуда за потрошувачки кредит

Халкбанк АД Скопје им овозможува на своите клиенти нова можност да ги реализираат своите желби и планови под поволни услови, преку промотивната понуда за Промо потрошувачки кредит, со фиксна каматна стапка за целиот период на отплата.
Новиот производ на Халкбанк е со максимален износ до 2 500 000 денари, со можност за отплата до 120 месеци, и камата што останува непроменета во текот на целиот период на отплата. За кредити со рок до 95 месеци, каматната стапка изнесува 5% фиксна, а за кредити со рок до 120 месеци – 5,7% фиксна, со вклучено осигурување (CPI или Живот + Незгода).
Кредитната способност за вработени лица изнесува до 50% од месечните примања, додека пензионерите можат да користат кредит до 600 000 денари, по фиксна камата од 5%, со рок на отплата до 120 месеци, и кредитна способност до 40% од износот на пензијата.
Покрај поволните услови, Промо потрошувачкиот кредит овозможува висок степен на заштита и сигурност, благодарение на вклучените осигурителни полиси за случај на несреќа, боледување или невработеност, издадени од Халк Осигурување АД Скопје или Триглав Осигурување – Живот АД Скопје.
Со вкупна стапка на трошок (СВТ) од 5,78% за кредити со рок на отплата до 95 месеци и 6,53% за кредити до 120 месеци, оваа промотивна понуда претставува една од најповолните и најсигурни можности на пазарот за реализација на лични цели и финансиски планови.
Промоцијата е со важност до 30 ноември 2025 година.
(ПР)
Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.