Култура
Две детски театарски претстави на „Бабец театар“ на Бит фест
„Патувањето на еден облак“ и „Приказна за тркалото“ се двете театарски претстави на „Бабец театар“ кои публиката, во рамките на Битолското културно лето, ќе има можност да ги гледа денес и утре.
Денеска со почеток од 20:00 часот на Нова сцена во НУ Центар за култура ќе се одигра претставата „Патувањето на еден облак“, чиј автор е Роберто Фрабети (Италија), уметничкото оформување е на Јулијана Мирчевска, а играат: Соња Ошавкова и Веда Мавровска.

„Како потврда на сериозноста и нашата посветеност кон театарот за деца, со гордост ви ја најавуваме најновата соработка на ‘Бабец театар’ со италијанскиот автор Роберто Фрабети за претставата ‘Патувањето на еден облак’. Оваа претстава станува дел од нашиот проект ‘Театар од пелени’. Авторот Роберто Фрабети уште во далечната 1976 години го создава својот театар La Baracca во Болоња, Италија, а неколку години подоцна го започнува проектот ‘Театар за деца од најмала возраст’. Напишал 58 драмски текстови од кои 31 се текстови за претстави од најмала возраст, во моментот е дел од Извршниот комитет на Светската асоцијација на детски театри каде што членува и ‘Бабец театар’ како единствен македонски детски театар“, велат од „Бабец театар“.
Утре со почеток од 20:00 часот, на истата локација, Нова сцена – НУ Центар за култура, на програмата е претставата „Приказна за тркалото“, чиј автор е Ивица Шимич од Хрватска, уметничкото оформување е на Јулијана Мирчевска, а игра актерот Васко Мавровски.

„Успеавме да склучиме договор за соработка со театарот ‘Мала сцена’ од Загреб, Хрватска, со кој ги добивме авторските права за реализација на две театарски претстави за деца ‘Приказна за тркалото’ и ‘Приказна за светлото’ со цел реализација на долго најавуваниот проект ‘Театар од пелени’. Претставите се наменети за деца од 1,5 години до 8 години, автор на двете претстави е Ивица Шимич, кој во моментот живее и предава драматургија на престижниот универзитет во Хјуан, Кина.
„Приказна за тркалото“ и „Приказна за светлото“ ќе бидат првите и единствени претстави во Македонија за деца помали од 2 години. Со овие две претстави ќе докажеме дека театарот за најмалите не само што е возможен туку е и неопходен. Малите деца не разбираат се во целост, но со сите сетила ја доживуваат убавата слика и зборовите со кои им раскажуваме за светот што ги опкружува. На овој начин, всадуваме во нив естетски вредности за цел живот, а непосредно и потсвесно им помагаме да го разберат светот околу нив“, додаваат од „Бабец театар“, кој годинава го одбележува својот осми роденден.
Интересот на публиката и за двете театарски претстави е голем. Поради ограничениот капацитет на просторот на кој ќе бидат одиграни двете претстави, иако влезот е слободен, испечатени се бесплатни билети, кои се резервирани во првите три часа по објавата на информацијата за театарските претстави.
Билетите за двете претстави се резервирани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Ремек-делото од Џакомо Пучини, операта „Тоска“, во Националната опера и балет
На 6 март со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Италија, Џанлука Мартиненги ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во насловната улога (Флорија Тоска) ќе настапи Злата Тошевска Димовска, во улогата на Каварадоси – Миша Шешаберидзе (Грузија), во улогата на Скарпија – Леон Ким (Јужна Кореја), во останатите улоги настапуваат: Игор Дурловски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Tоска е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 г. во Рим, Италија. Повеќе од еден век подоцна, оваа опера останува еден од најизведуваните и највпечатливи наслови на светските сцени – дело во кое интимната човечка драма се издигнува до трагедија со универзална сила и актуелност.
Култура
„Јас сум Невенка“, победник на San Sebastián International Film Festival, ќе се прикажува во Кинотека
Кинотека на Македонија го најавува шпанскиот филм „Јас сум Невенка“, победник на фестивалот San Sebastián International Film Festival во категорија: Euskadi Basque Country 2030 Agenda Award – won 2024
Настанот е во организација на Амбасада на Кралството Шпанија во Северна Македонија и Кинотека на Македонија.
„Јас сум Невенка“ е филм на режисерката Исијар Бољаин од 2024 година, инспириран од вистинска приказна чие дејство се одвива на крајот на минатиот и почетокот на овој век.
Дваесет и четиригодишната Невенка Фернандез, советничка во градското собрание на Понферада, е сексуално вознемирувана од градоначалникот – моќен човек навикнат да ја наметнува својата волја и на политички и на личен план. Кога младата жена поднесува тужба против својот претпоставен, иако свесна за цената што ќе ја плати, се соочува со жестока осуда од средината која го поткопува нејзиното достоинство.
Нејзината истрајност подоцна ќе стане пример за многу жени во нивната борба против злоупотребите на работното место во Шпанија.
Проекцијата ќе се одржи на 7 март, со почеток во 20:00 часот. Влезот е слободен.
Книги
Единаесет романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“
Единаесет романи останаа во конкуренција за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Жири комисијата во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), во втората селекција ги одбраа 11-те романи што остануваат во трката за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа 46 романи. Во првата селекција беа одбрани 22 наслова.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 13 март што ќе се одржи во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, годинава се доделува 27-ми пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.

