Европа
Москва: Санкциите на ЕУ се на штета на соработката во безбедноста
Европската унија со воведувањето на новите насочени секторски санкции против Русија и со вклучување на уште 15 руски високи функционери на ткн ’црна листа’, всушност ја загрозува меѓународната безбедносна соработка, оцени во саботата руското министерство за надворешни работи, остро критикувајќи ја ЕУ како исполнувач на желбите на САД.
Европската унија со воведувањето на новите насочени секторски санкции против Русија и со вклучување на уште 15 руски високи функционери на ткн ’црна листа’, всушност ја загрозува меѓународната безбедносна соработка, оцени во саботата руското министерство за надворешни работи, остро критикувајќи ја ЕУ како исполнувач на желбите на САД.
„Уште еднаш одејќи му на рака на Вашингтон во поглед на дополнителните антируски санкции, Европската унија во улога на ’подофицерска вдовица’ (термин за омаловажување), фактички ја загрозува меѓународната соработка во областа на безбедноста“, се истакнува во изјавата на руската дипломатија.
Од министерството за надворешни работи на Руската Федерација, исто така, истакнуваат дека дополнителната листа за санкции „е директно сведоштво дека земјите членки на ЕУ го прифатиле курсот на целосно прекинување на соработката со Русија по прашањата на меѓународната и регионалната безбедност, вклучително и во борбата против распространувањето на оружјата за масовно уништување, тероризмот, организираниот криминал и другите видови нови предизвици и закани“.
На проширениот список санкции, во смисла на замрзнување на активите и забрана за издавање влезни визи, ЕУ стави уште 15 лица од Русија, меѓу кои и директорот на Федералната служба за безбедност (ФСБ), Александар Бортников, директорот на Службата за надворешно разузнавање на Русија, Михаил Фрадков, секретарот на Советот за безбедност на Русија, Николај Патрушев, претседателот на Чеченската Република, Рамзан Кадиров, гувернерот на Кубан, Алексадар Ткачев итн… Претходно ЕУ соопшти дека лицата ставени под санкциите се сметаат за одговорни за поткопувањето на територијалниот интегритет на Украина.
„Убедени сме дека таквите одлуки со многу ентузијазам ќе бидат дочекани од страна на меѓународната терористичка интернационала. Тоа што не им успеа во текот на последната деценија, да се забие клинец во светската заедница, со многу леснотија го направи Брисел. И токму Брисел ја презема врз себе целата одговорноста за овој чекор, направен во период кога има остро нарушување на меѓународната ситуација, вклучително во Авганистан, на Блискиот и на Средниот исток, Северна Африка и на други места во светот“, се вели уште во соопштението на руската дипломатија што го цитира РИА Новости.
„Истовремено ЕУ конечно наседна на ’иглата’ на Вашингтон и киевските приказни во однос на случувањата во Украина, лишувајќи се себеси од алтернативен, и притоа пообјективен, извор на информации. Дали разбираат во престолнините на Европската унија, до што можат да доведат овие неодговорни потези, без разлика дали станува збор за политичката или економската сфера“, заклучува министерството за надворешни работи на Русија.
Пакетот санкции подготвен од Европската комисија, кој ноќта кон саботата го најави претседателот на Комисијата, Жозе Мануел Баросо, според дипломатски извори од Брисел, вклучува и времено ограничување на достапот на Русија до одредени видови финансиски и банкарски услуги, склучување нови договори во сферата на одбраната и продажба на технологии со двојна намена, иновациски технологии, како и забрана за продажба на нови технологии и хај-тек опрема во сферата на производството и испораката на нафта и гас. Во меѓувреме токму санкционирањето на сферата на гасот предизвика бројни приговори на последното заседание на Комитетот на ЕУ на ниво на постојани претставници на земјите членки, бидејќи многу од нив се многу зависни од испораките на рускиот гас, а на ниво на целата Унија тоа се движи од најмалку третина од севкупните потреби.
Баросо истакна притоа дека „се очекува конечната одлука на земјите членки на Европската унија“. „Се надевам дека земјите членки ќе постигнат согласноста за овој пакет рестриктивни мерки следната седмица“, изјави претседателот на Европската комисија.
Како што се истакнува уште во соопштението, Комитетот на постојаните претставници (амбасадори) на земјите членки на Европската унија (Coreper) ќе разговараат за овој предлог на средбата на 29-ти јули, вторник./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Висок руски генерал застрелан во Москва
Висок руски воен функционер, генерал-потполковник Владимир Алексеев, беше застрелан во Москва во петокот и итно префрлен во болница. Државните медиуми ја објавија веста, повикувајќи се на истражители, пренесува Ројтерс.
Според официјални информации, непознато лице испукало неколку куршуми кон Алексеев во станбена зграда во северозападна Москва во петокот, а потоа избегало од местото на нападот. Ранетиот генерал бил итно префрлен во московска болница, а неговата состојба сè уште не е официјално објавена, објавија руските медиуми. Истражниот комитет соопшти дека е отворена кривична постапка за обид за убиство и нелегално поседување огнено оружје.
Истражителите и форензичките експерти се на местото на пукањето, ги прегледуваат снимките од надзорните камери и ги испрашуваат сведоците, додека потрагата по напаѓачот или напаѓачите продолжува. Информациите за пукањето брзо се проширија на руските и украинските канали на Телеграм.
Алексеев е заменик-началник на Главната дирекција на Генералштабот на Министерството за одбрана. Тој беше еден од високите функционери испратени да преговараат со водачот на платениците Евгениј Пригожин за време на неговиот краткотраен бунт во јуни 2023 година.
Европа
„Старлинк“ е блокиран за Русите, Украина: Бројот на напади веднаш се намали
Руските сили го намалија бројот на напади на фронтот откако Украина и SpaceX постигнаа договор за блокирање на нерегистрираните сателитски интернет терминали на Starlink. Извори од Генералштабот на вооружените сили на Украина потврдија дека бројот на руски напади во некои области е намален, додека во други сектори тие целосно престанале, пишува Украинска правда.
Според извештајот на Генералштабот објавен вчера во 16 часот, украинските сили регистрирале 56 борбени ангажмани по должината на фронтовската линија од почетокот на денот. Намалувањето на руската активност следува по мерките преземени за ограничување на неовластената употреба на технологијата Starlink.
Експертот за воена радиотехнологија Серхиј „Флеш“ Бескрестнов објави дека руските сили вчера се соочиле со масовен прекин на терминалите на Starlink.
Според него, Русите се жалат дека не можат повторно да ја воспостават врската, што ќе влијае на координацијата на нивните дејства по целиот фронт.
Проблемот стана јавен на 25 јануари, кога Бескрестнов, кој оттогаш стана советник за технологија на министерот за одбрана Михаил Федоров, изјави дека руските сили веројатно го користат Starlink на беспилотните летала Шахид.
Американскиот претприемач Илон Маск одговори на барањето на Федоров за помош во решавањето на проблемот, по што SpaceX презеде контрамерки. Маск на 1 февруари објави дека мерките се чини дека дале резултати.
Федоров потоа извести за постепеното воведување на систем што ќе им овозможи само на овластени терминали на Starlink да работат на украинска територија.
Украинската влада донесе декрет за воведување на таканаречена „бела листа“, што значи дека само потврдени и регистрирани терминали наскоро ќе можат да работат во Украина, додека сите други ќе бидат исклучени.
Европа
Започна вториот ден од разговорите во Абу Даби, Рубио: Има добри и лоши вести
Вториот ден од трилатералните разговори меѓу Украина, Русија и САД, насочени кон решавање на војната, започна во главниот град на Обединетите Арапски Емирати. Ова го објави Рустем Умеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, пренесува Украинска правда.
„Вториот ден од преговорите во Абу Даби започна. Работиме во истите формати како и вчера: трилатерални консултации, работа во групи, а потоа усогласување на ставовите. Резултатите ќе следат“, објави Умеров на Фејсбук.
Коментирајќи го напредокот на разговорите во Абу Даби на 4 февруари, американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека има и добри и лоши вести. Според Рубио, добрата вест е дека списокот на нерешени прашања што постоеја меѓу Украина и Русија е значително стеснет. Украинската делегација подготвува извештај до претседателот Володимир Зеленски за резултатите од првиот ден од преговорите.

Украинската делегација во Абу Даби ја сочинуваат секретарот Рустем Умјеров, шефот на кабинетот на Зеленски, Кирило Буданов, и неговиот прв заменик Серхиј Кислица, лидерот на парламентарната фракција „Слуга на народот“ Давид Арахамија, началникот на Генералштабот на вооружените сили на Украина, Андриј Хнатов, и советникот на кабинетот на претседателот, Олександр Бевз.
Според Умјеров, украинскиот тим во Абу Даби планирал и билатерален состанок со американската страна, претставена од специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер. Тие требало да разговараат за документ за безбедносни гаранции и план за просперитет.

Трилатералните разговори во Обединетите Арапски Емирати се одржуваат по големиот руски напад врз Украина. По последниот напад, претседателот Володимир Зеленски во вторникот изјави дека работата на украинскиот преговарачки тим ќе биде „прилагодена“.

