Македонија
(Видео) Поплава во Тафталиџе: Се чувствуваме како во Стајковци за време на поплавите
Третпат во десет дена половина од населбите Козле и Тафталиџе 2 немаат вода поради пукната цевка. Дефектот настанал откако се приклучил нов објект на старата водоводна мрежа, чии цевки не го издржале притисокот. Откако вчера повторно пукнала истата цевка, се поплавиле дворовите и подрумите на локалните жители со што е причинета материјална штета за која никој не презема обврска да ја надомести, вели Игор Апостолски, кој живее веднаш до новата зграда. ЈП „Водовод и канализација“ грешката ја гледа во приватната фирма што го градела објектот. Од фирмата „Формлад“ велат дека сè извршиле според процедурите.
„Се чувствувам како во поплавата што беше во Стајковци, а ова е во сред Тафталиџе. Проблемот е што нестручни луѓе од приватна компанија добиле дозвола од ‘Водовод’ да се приклучат. Поради нестручност, цевката нон-стоп пука. Објаснувањето е кревање раменици од сите страни, ние бараме кој е виновникот, каде да се обратиме. ‘Водовод’ вели дека треба да се обратиме во приватната фирма што го изведува, приватната фирма вика дека треба во “Водовод” бидејќи тоа е нивна надлежност и не можеме да дојдеме до заклучок кој е виновникот“, вели Игор Апостолски, чиј двор бил поплавен.
ЈП „Водовод и канализација“ тврди дека фирмата „Формлад“ нестручно постапила при затрупувањето на цевката каде што се наоѓа приклучокот. Според нив, од тежината на земјата дошло до прекршување на цевката. На обвинувањата, од фирмата „Формлад“ велат дека проблемот е во цевката, која е премногу слаба да го издржи притисокот.
„Не е точно дека грешката е кај нас. Затрупувањето е направено по нивни насоки. Сè е направено како што е наложено од ‘Водовод’. Ние се понудивме да ја надоместиме штетата на соседот, но тој не сакаше. Тој рече дека ќе го тужи ‘Водовод’. Ние стоиме на располагање. Притоа, освен овој приклучок, направени се и други два на истата цевка со кои нема проблем. Како може да нема таму проблем, а тука да има? Ние побаравме тие да го изведат целиот приклучок, но тие одбија. Наспротив тврдењата на “Водовод“, уверуваме дека цевката е потпрена од долната страна според нивните насоки, притоа е одобрено од нив. Затрупувањето беше постепено во мали слоеви, а не од еднаш како што тврдат од претпријатието“, вели Виктор Јовановски од фирмата „Формлад“.
Цевката ќе биде санирана до крајот на денот, најавија од „Водовод“. Со оглед дека третпат во десет дена овие две населби остануваат без вода, а јавното претпријатие ја санира цевката на ист начин како претходниот, жителите се сомневаат дека ова е долгорочно решение. Апостолски вели дека кога се вратил дома, видел 20 сантими кал во дворот, а се сомнева во тоа дека цевката нема да пукне и по третпат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Алжир, Абделмаџид Наaмун
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Алжир, со седиште во Букурешт, Абделмаџид Наaмун.
Неговото именување, како што рече претседателката, е уште една потврда за добрите македонско-алжирски односи, втемелени на заемно разбирање и почит.
За неа, посветениот и професионален ангажман на амбасадорот Наамун ќе придонесе кон продлабочување на пријателските и партнерски односи на билатерален и мултилатерален план.
Истакнувајќи дека обете држави имаат богата историја и вредно културно наследство, Сиљановска-Давкова очекува интензивирање на соработката во културата, образованието и туризмот, како и во рамките на ООН и другите меѓународни организации.
На церемонијата, новоименуваниот амбасадор Абделмаџид Наaмун ја истакна својата желба да гради нови мостови на пријателство и меѓусебно разбирање.
Двајцата изразија загриженост за геополитичките предизвици со коишто се соочени сите држави и народи, без оглед на географската положба и големина. Тие ја потенцираа потребата од мултилатерализам како соодветен одговор и механизам за решавање на проблемите.
Сиљановска-Давкова и амбасадорот Наамун се согласија дека донесувањето правна рамка за регулирање на меѓусебните односи, како и размената на посети на највисоко ниво ќе ја поттикат соработката.
Соговорниците имаа усогласен став и во однос на потребата од реформи во Обединетите нации, како и за неопходноста од назначување на жена на највисоката позиција – генерален секретар.
Македонија
Петрушевски: Оставката на Љупчо Коцевски е значајна победа за правната држава
За првпат и самиот обвинител го признава тоа што целата јавност го кажуваше: дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт. Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот“, вели тој.
Според Петрушевски, оставката е јасен сигнал за крајот на практиките на заштита на поранешната власт на СДС и ДУИ и почеток на процесот на департизација и европеизација на јавнообвинителската дејност.
„Оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение. Ова е јасна порака дека никој не е недопирлив“, вели Петрушевски.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.

