Црна хроника
Кривична пријава против четири физички и едно правно лице поради злоупотреба на службена должност и пустошење шума
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп до Основнотo јавно обвинителство во Прилеп поднесе кривична пријава против три лица од Крушево, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „пустошење шума“ во врска со кривично дело „помагање“. Како и против едно лице, исто така од Крушево и правното лице „МЕР– БИЛ“ ДООЕЛ од Крушево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „пустошење шума“.
Од полицијата велат дека станува збор за лица на возраст од околу 50 години, дел биле вработени во Шумско-стопанска единица „Бирино Селце“, дел во „МЕР-БИЛ“ ДООЕЛ Крушево.
„Т.З., Ј.М. и Д.Д. од Крушево, сите вработени во Шумско стопанска единица ‘Бирино Селце’, со пречекорување на службените овластувања и со неизвршување на службената должност, во периодот од 6.06 до 21.06.2018 година овозможиле непланска – бесправна сеча на 648,9 метри кубни дрвна маса во оддел 18а во Шумско-стопанска единица ‘Бирино Селце’. Сечата била извршена од четвртопријавениот Б.С. од Крушево, во својство на овластено лице во петтопријавеното правно лице ‘МЕР-БИЛ’ ДООЕЛ Крушево“, се наведува во соопштението на МВР.
ОД полицијата додаваат дека лицата на тој начин на Јавното претпријатие „Македонски шуми“ му нанеле штета од 4.542.300 денари.
Бесправната сеча била откриена по вонредната ревизија во оддел 18а во Шумско-стопанска единица „Бирино Селце“, која била извршена по овластување од директорот на Јавното претпријатие „Македонски шуми“ во подружницата „Липа“ од Крушево, велат од МВР и додаваат дека при извршениот теренски увид било утврдено дека има поголема количина на исечена дрвна маса, а во моментот на контролата за оддел 18а немало важечки договори за сеча и дотур со надворешни извршители, ниту, пак, подружницата располагала со сопствени секачи и дотурачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Благајничка во „Комуналец“ Кавадарци украла над 500.000 денари, парите за платени сметки си ги ставала в џеб
Полицијата поднесе кривична пријава против вработена во Јавно претпријатие за комунални работи Кавадарци за „проневера во службата” и „затајување”.
Полицијата, до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против В.Д.(48) од Кавадарци поради постоење на основано сомнение дека сторила кривични дела „проневера во службата” и „затајување”.
Според информациите од МВР, пријавената В.Д., вработена како благајник во Јавно претпријатие за комунални работи Кавадарци, во периодот од 22.09.2025 до 31.10.2025 одзела 568.684 денари од претпријатието.
Имено, дел од парите од дневниот промет од наплатните пунктови по основ на платени сметки за водоснабдување и комуналии, кои и биле доверени во службата, не ги внесувала на банкарска сметка на претпријатието, односно дел задржувала за себе, а останатиот дел го внесувала на сметката и на тој начин што го оштетила јавното претпријатие за наведената сума.
Црна хроника
Полицаец од Скопје крадел бакарни кабли од плац на поранешна фабрика
Полицаец доби 30-дневен притвор за кражба на бакарни кабли – јавни инсталации кои содржат бакар од објекти на Акционерско друштво од Скопје, сместени во кругот на поранешна фабрика од Скопје.
Според информациите на МВР, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Н.А., вработен во Полициската станица од општа надлежност Аеродром при СВР Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“.
Пријавениот, во повеќе наврати во периодот од 05.01.2025 до 07.05.2025 во претходен меѓусебен договор и со заедничко дејствување со три лица од Скопје, противправно одзеле туѓи подвижни предмети бакарни кабли – јавни инсталации кои содржат бакар од објекти на Акционерско друштво од Скопје, сместени во кругот на поранешна фабрика од Скопје.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против Н.А. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе изрече задолжителна мерка отстранување од работното место – суспензија.
Црна хроника
Жена тврди дека поранешниот партнер ја натерал да земе кредити за него, а потоа не ги плаќал ратите и ѝ се заканувал, полицијата во Охрид постапува
Во Охрид, полицијата спровела службен разговор со 40-годишен маж од Гевгелија, по пријава на неговата поранешна 47-годишна партнерка, која тврди дека тој се однесувал агресивно кон неа и ѝ упатувал закани.
Жената во пријавата навела и дека поранешниот партнер ја измамил, убедувајќи ја да земе кредити на нејзино име за него, а потоа одбивал да ги плаќа ратите.
Од МВР соопштуваат дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава против мажот.

