Надворешна политика
Попоски: Вишеградската група е инспиративен модел на соработка
Во понеделник во просториите на МНР се одржа промотивен настан за можностите за учество на субјекти од Македонија во програмите на Меѓународниот Вишеградски Фонд за соработка со земјите од Балканот наменети за невладините организации и администрацијата.
Настанот со свои обраќања го отворија министерот за надворешни работи, Никола Попоски, амбасадорот на Словачка, Мартин Безак и извршната директорка на Меѓународниот Вишеградски Фонд, Карла Вурстерова.
Mеѓународниот Вишеградски Фонд е институција на Вишеградската група која ја сочинуваат Полска, Чешка, Словачка и Унгарија. Фондот е алатката на Вишеградската четворка за регионална соработка. Преку Фондот се финансираат тнр. меки проекти – проекти за јакнење на внатре – регионалната кохезија, за поголема интеракција на луѓето и идеите, за размена на студенти, за развивање на граѓанското општество, но и за соработка со соседните региони – Балканот и Источното Партнерство. Воедно беше најавено формирањето и на Фонд за западен Балкан кој што би се етаблирал следејќи го примерот на Вишеградскиот Фонд.
Попоски во обраќањето, меѓу другото истакна, дека Вишеградската група е инспиративен модел на соработка, применлив и во нашиот регион.
„Формулата за градење заедништво засновано на принципи и заеднички интереси, овозможува напредок за сите земји во остварувањето на стратешките цели и во совладувањето на предизвиците кои ги носи современиот свет“, изјави Попоски.
Попоски подвлече дека Македонија ја споделува визијата на Вишеградската група и ќе продолжи активно да работи и придонесува во градењето на стабилна, безбедна и просперитетна Европа.
„Нашата врвна цел останува да биде полноправното членство во НАТО и во Европската Унија. На овој пат, државите од Вишеградската група продолжуваат активно да ни помагаат и да нė поддржуваат. Им благодариме за партнерскиот однос и искрената ангажираност во полза на нашата заедничка европска иднина“, порача македонскиот министер./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.