Економија
(Видео) Анѓушев: Младите лица ќе стекнуваат практични вештини преку платена работа, а компаниите ќе добијат соодветен кадар

Со законот за практиканство ќе се дефинираат правата и обврските на практикантите, млади лица од 15 до 29 години, како и на компаниите што имаат потреба од ваков вид кадар, порача вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев. Тој потенцира дека со овој закон, кој првпат се воведува во правната регулатива на Република Македонија, се пополнува една празнина и на одреден начин се решава јазот помеѓу знаењата и вештините и понудата и побарувачката на пазарот на трудот.
„Еден од најголемите проблеми за компаниите е обезбедување соодветен кадар за нивните потреби. Практично, преку законското решение помагаме и олеснуваме младите луѓе да ги добијат потребните вештини за работа како надополнување на нивното теоретско знаење, а на компаниите им даваме шанса и можност младите кадри да ги профилираат во согласност со потребите на реалната економија, со што се олеснува и вработувањето на младите лица“, додаде Анѓушев.
Платеното практично и професионално искуство ќе треба да ја подобри вработливоста и да се помогне периодот кон редовно вработување, што се потврдува и преку имплементацијата на мерката практикантство, која е дел од оперативниот план и се спроведува преку Агенцијата за вработување. Имено, преку оваа мерка, од 902 лица вклучени во проектот, дури 50о отсто или 455 лица се веќе вработени, нагласи министерката за труд социјална политика, Мила Царовска.
„Периодот во кој лицата може да бидат ангажирани како практиканти е од 1 до 6 месеци. За ангажирањето до 3 месеци дефинирано е дека компаниите треба да надоместуваат 5.000 денари месечно, а сите што ќе останат на практикантска работа над 3 месеци, ќе добиваат надоместок во висина на законски утврдената минимална плата“, дополни Царовска.
Практикантството е добар модел што се спроведува во сите развиени општества, смета Татјана Марковска од УСАИД.
„Анкетите направени на примерок од 800 ученици во основното и средното образование покажуваат дека тие сметаат оти спроведената пракса е предност во случај на можност за вработување“, истакна Марковска.
Носител на предлог-законот за практикантство е Министерството за труд и социјална политика, а тој е изработен со поддршка на УСАИД како дел од проектот „Партнерство преку подобра бизнис-регулатива“, кој се спроведува во соработка со стопанските комори. Во изработката на законот беа вклучени сите социјални партнери и претставници на невладиниот сектор, а е резулатат од барањата и предлозите на работадавците и невработените лица. На днешената расправа се поканети и присуствуваат сите социјални партнери што учествуваа во изработката на текстот на законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Министерство за енергетика: Стабилни инвестиции во обновливи извори, започна подготовката за воведување на CfD механизам во Македонија

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), го започна процесот за воведување на механизмот „договори за разлика“ (Contract-for-Difference – CfD) како нов модел за поддршка на инвестициите во обновливи извори на енергија.
Моделот CfD, веќе докажан низ ЕУ, ќе ги забрза инвестициите во капацитети за обновливи извори на енергија, а истовремено ќе ги заштити потрошувачите од нестабилноста на пазарот.
На денешниот кик-оф состанок, министерката Сања Божиновска истакна дека CfD не е само финансиски инструмент, туку системска промена што обезбедува стабилност за инвеститорите и заштита за потрошувачите.
„Со оваа реформа поставуваме предвидливи и одржливи услови за инвестиции во соларни и ветерни капацитети, со што ги забрзуваме нашите амбициозни цели – 1.7 GW обновлива енергија до 2030 година. CfD механизмот создава сигурност, пониски трошоци и конкурентен пазар, што е клучно за забрзаната транзиција кон чиста енергија.“ изјави министерката Божиновска.
Со поддршка на ЕБОР и експертиза од меѓународни партнери, Македонија ќе го приспособи овој механизам на локалниот енергетски пазар, отворајќи нови можности за инвеститорите. Очекувањата се дека ова ќе доведе до забрзан развој на обновливите извори и стабилни долгорочни цени за потрошувачите.
Процесот на подготовка продолжува во наредните месеци, со детална анализа на регулативата и финансиските аспекти, со цел да се создаде модел што ќе донесе реални и одржливи резултати за македонската енергетика.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,84% во однос на одлуката од 24.3.2025 година.
Од 2.4.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 76,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,00 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 69,00 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 69,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 41,705 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, се зголемуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), се зголемуваат за 1,00 ден/лит
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се зголемува за 0,950 ден/кг и сега ќе изнесува 41,705 /кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 3,381%, кај дизелот зголемувањето е во просек за 1,884%, кај екстра лесното масло зголемувањето е во просек за 1,987% и кај мазутот зголемување во просек за околу 2,396%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7218%.
Економија
Николоски: Креираме нов едношалтерски систем и поефикасни постапки за увоз, извоз и транзит на стока

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска претседаваше со Комитетот за управување со Националниот едношалтерски систем.
Комитетот го усови предлог на Законот за едношалтерска околина, нов закон со кој ќе се обезбеди збир на едношалтерски услуги кои ги обезбедуваат 15 институции во делот на увозот, извозот и транзитот на стока.
Целта на оваа регулатива е да се олесни трговијата преку рационализација на процесите при апликација и издавање на дозволи, нивната обработка и процесот на царинење на стоките при увоз, извоз и транзит низ државата.
Исто така со Законот се постигнува интероперабилност, односно размена на податоци меѓу сите инститиуции на национално ниво, подобра соработка како и координирани активности во рамки на овој систем.
Законот има за цел да направи и услогласување со европската регулатива, како и целосно усогласување со нецаринските системи во земјите од ЦЕФТА.
Република Македонија е дел од проектот за олеснување на транспортот и трговијата во земјите од Западен Балкан каде една од компонентите е имплементацијатa на овој Нов Национален Едношалтерски Систем што подразбира целосна замена на тековниот систем за управување со дозволи за увоз, извоз и транзит на стоки со нов систем.
Во рамките на оваа активност, Министерството за транспорт преку Проектната единица во рамки на самото министерство е во фаза на подготовна на тендерска документација за нова електронска “Платформа за дозволи” како и хардверска опрема, која се очекува да се распише во месец мај оваа година.
Овoj софтвер подразбира дека во иднина сите дозволи за увоз, извоз и транзит како и плаќањето, ќе се одвива по електронски пат на една точка.