Македонија
Ги уценувале со илјадници евра за да не објават текстови за Драган Даравелски и Минчо Јорданов
Во кривичниот суд во Скопје, повторно, од почеток почна судењето за случајот „Шпион“, кое го застапува специјалното јавно обвинителство. Во предметот првично беа опфатени 19 лица. На почетокот на судењето обвинителката од СЈО, Елизабета Јосифоска, рече дека обвинетиот, Зоран Божиновски, нема да го гони за оддавање државна тајна бидејќи тоа кривично дело не било наведено во барањето за негова екстрадиција и дека тој ќе одговара за останатите кривични дела.
Обвинителката Јосифоска рече дека СЈО останува на обвинението поднесено од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Во една од точките на обвинението, обвинителката рече дека Зоран Божиновски и Марјан Ефремов му се заканиле на Драган Даравелски дека доколку не им исплати 200 илјади евра, ќе објават податоци за него во повеќе весници, со што ќе му ги нарушат честа и угледот. Тоа најпрво било направено преку посредници. Ефремов, според обвинението, бил и во Белград, каде што се сретнал со Даравелски. Откако не успеале да му извлечат пари на Даравелски, Зоран Божиновски почнал да објавува текстови за Даравелски на порталот „Буревесник“ и на други портали.
На минатото рочиште судијата Владимир Туфегџиќ најави дека Даравелски преку конференциска врска ќе сведочи во предметот, а за тоа ќе ја употреби спогодбата потпишана помеѓу Македонија и Србија за правна помош.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече обвинителката, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и октуп на акциите во АД „Бетон и други фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
Според СЈО, секој во криминалната група ја знаел точно неговата улога. Судењето продолжува со распит на обвинетите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

