Регион
AP: Голем политички пресврт на Србија, ќе ја намали зависноста од рускиот гас

Србија ќе ја прифати сугестијата од САД да ја намли зависноста од рускиот гас, така што ќе му се придружи на гасоводот кој има американска поддршка, изјавил српскиот премиер Александар Вучиќ, пренесуваат српските медиуми.
Како што напоменал српскиот премиер, се работи за гасоводот кој ќе спроведува гас од Азербејџан во Европа. Во интервју за американската агенција AP, дадено за време на посетата на Тирана, Вучиќ навел дека Србија по прашањето за енергетската безбедност е подготвена да користи гас од повеќе извори, бидејќи како што потенцирал, „тоа е важно и за американските пријатели на Србија исто така“.
Како што наведува AP, САД веќе извесно време работи на тоа да ги поттикне балканските земји да се свртат кон алтернативните извори на гас, пред да почнат да се надеваат на изградбата на гасоводот кој преку Турција би донел руски гас на Балканот.
Американската агенција, преку објавувањето на првиот цитат од интервјуто со Вучиќ, навела дека поддршката за гасоводот под покровителството на САД претставува голем политички пресврт на Србија, која е традиционален сојузник на Русија.
„Западот ја обвинува Русија дека го користи гасот како средство за политичко влијание врз земјите кои се, како на пример Србија, енергетски зависни од рускиот гас“, пишува AP.
Вучиќ и американскиот потпретседател Џозеф Бајден на почетокот на февруари имаа средба на маргините на безбедносната конференција во Минхен, каде според пишувањата на медиумите, Бајден на Вучиќ му понудил алтернативи за сега веќе пропаднатиот проект „Јужен тек“.
Како што наведуваат медиумите, тогаш биле претставени две нови можности за снабдување со гас, од САД или пак од Азербејџан. Во српската јавност по овие објави се полемизираше околу потенцијалната цена за едно сценарио. Инаку Вучиќ наскоро ќе има и официјална посета на САД, каде ќе претстојува од почетокот на јуни./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трета жртва од тешката сообраќајка во Сремска Митровица – почина за време на операцијата

Уште едно лице загинало по сообраќајната несреќа што се случи денес во Сремска Митровица, кога автобус се преврте и излета од патот. Ова е третата жртва на ужасната сообраќајна несреќа.
Како што објави „Н1“, лицето загинало за време на операцијата.
Како што претходно беше објавено, возачот на автобусот е приведен и во притвор до 48 часа.
Повредени се околу 80 лица. Причините за несреќата засега не се познати.
Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.
Регион
Возачот на автобусот приведен по тешката несреќа кај Сремска Митровица: две жртви и 80 повредени

Возачот на автобусот кој денеска се преврте кај Сремска Митровица е приведен и му е одредено задржување до 48 часа, соопшти српското Министерство за внатрешни работи (МУП), пренесе „Н1“.
Во несреќата загинаа две лица, а околу 80 се повредени. 35 повредени лица се згрижени во Општата болница во Сремска Митровица, една личност е пренесена во Клиничкиот центар на Војводина, а уште една е во операциона сала. За останатите се врши дијагностика.
Автобусот на компанијата „Сирмиум бус“, кој превезувал работници од фирмата „Хелткеар“, излета од патот и се преврте на кров од засега непознати причини. Несреќата се случи околу 14:45 часот.
Полицијата го затвори патот и не дозволува пристап до местото на несреќата, а на лице место излезен е и јавен обвинител за да ја утврди причината за трагедијата.