Манифестации
Таксират ги пречекува шведските хеви-метал херои Сабатон
Таксират, во рамки на главната фестивалска вечер, на 7-ми декември во Метрополис Арена ќе го пречака и еден од денес најатрактивните светски метал бендови Сабатон.
Шведската power/heavy метал атракција доаѓа на Таксират да го претстави актуелниот албум „Heroes“, кој Сабатон го промовира со големата европска турнеја „Heroes On Tour Europe 2015“. Ова ќе биде прва средба на „Сабатон“ со македонската публика, а токму поради овој факт групата го изрази своето огромно задоволство и настапот на „Таксират“ го вклучи како специјален концерт надвор од рутата на турнејата.„По 150 концерти годинава, решивме да паузираме и да се посветиме на нови песни! Но, знаете дека сме бенд кој најмногу ги сака настапите во живо и едвај чекаме ‘Сабатон’ да закрстари и да одржи уште едно шоу. Кога ја добивме поканата од Македонија, земја во која никогаш досега не сме настапувале веднаш потврдивме дека мора да го направиме ова! Македонија, доаѓаме!“ – велат „Сабатон“ во најавата за концертот на нивната официјална „фан“ страница.Развивајќи се постојано во својата кариера, „Сабатон“ денес е еден од најголемите метал бендови на денешницата, кои редовно настапува како хедлајнер на светските метал фестивали. Од нивните настапи, секако ќе останат запаметени бројните стадионски концерти кои „Сабатон“ ги одржа со легендарните „Ајрон Мејдн“ (Iron Maiden), а како најголем концерт со сигурност е оној на полскиот фестивал „Вудсток“ (Przystanek Woodstock Festival), каде настапија пред половина милион луѓе. Тој концерт беше снимен и објавен на ДВД изданието „Swedish Empire Live“. Добитници се на многу музички награди вклучувајќи ги и престижните „Метал Хамер“ награди (Metal Hammer UK’s Golden Gods Award for Best Breakthrough Artist), а претпоследниот албум „Carolus Rex“ (2012) достигна платинест тираж.Предводени од моќниот баритон на Јоаким Броден, „Сабатон“ од 1999 година до денес се искачија на високите позиции на метал музиката и стекнаа огромна фан база во светот, а пред сѐ благодарение на феноменалните концерти со кои постојано ја воодушевуваат публиката. Првиот албум во форма на компилација, „Fist For Fight“ го објавија во 2000. година, а вистинските поголеми успеси почнаа да ги нижат со „Primo Victoria“ (2005.). Глобалната „Сабатон епидемија“ продолжи да се шири и со албумите „Attero Dominatus“ (2006.), „The Art Of War“ (2008.) и „Coat Of Arms“ (2010.).Минатата година го објавија својот нов, седми студиски албум „Heroes“, кој повторно има единствен концепт, секоја песна да раскажува посебна сторија за ветераните од Втората светска војна, и на кој „Сабатон“ ги задржа својот звук и борбеност. Групата овој албум го претстави на турнејата во чии рамки досега се одржаа 150 концерти ширум светот, а конечно за прв пат „Сабатон“ ќе настапат и пред македонската публика, на главната вечер на Таксират Фестивал.Покрај „Сабатон“, на Таксират, на 7. декември во Метрополис Арена, потврдени се и настапите на великаните на авангардата „Лајбах“ (Laibach), диџеј составот на извонредната лондонска дабстеп група „Моудстеп“ (Modestep), жестоките каталонци „Ла Пегатина“ (La Pegatina), култниот хип хоп состав „САФ“ и Тони Китановски Little Big Band! Наскоро очекувајте и нови изведувачи кои ќе се приклучат во програмата за главната вечер на Таксират со која фестивалот ќе го прослави своето 17. издание.
Во понеделник, 9. Ноември почнува продажбата на првите, промотивни влезници за главната вечер на Таксират! Во рамки на овој дел од продажбата билетите ќе бидат достапни со промотивна цена 499 денари и во строго ограничен број! Овие влезници наменети за најверните и најбрзите „таксиратлии“ ќе се продаваат преку продажната мрежа на МКтикетс, како и онлајн./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Полска вечер на „Охридско лето“ со концертот на гудачкото дуо Салвадор
Полската вечер во рамките на годинешното издание на „Охридско лето“ го носи концертот на гудачкото дуо Емануел и Емилија Салвадор.
За виолинистот Емануел Салвадор специјализираниот магазин „Страд“ пишува дека е еден од најдобрите виолинисти од неговата генерација. Студирал и на Кралскиот колеџ за музика во Лондон. Емануел Салвадор има снимено неколку албуми и реализирано успешни концертни турнеи во Југоисточна Азија, Кина, Јапонија и САД.
Емилија Гох Салвадор како уметник на виола има дипломирано со највисоки оценки на музичката академија „Јан Падеревски“ во Познан во класата на проф. Доминик Рутовски. Во 2008 година го основа гудачкиот оркестар „Балтик Неополис“.
Култура
Утре, во Трпејца, почнува 12. издание на манифестацијата „На зајдисонце“
Во организација на здружението „За Трпејца со љубов“ и под покровителство на Општина Охрид, од утре до 28 јули, 12. пат оваа туристичка населба и гостите ќе дишат во ритамот на новото издание на културно-забавната манифестација „На зајдисонце“.
Утре, четврток, на отворената сцена во Трпејца, од 20.30 часот, во името на покровителот, Општина Охрид, манифестацијата за отворена ќе ја прогласи заменик-градоначалникот Перчо Божиноски.
Приустните ќе може да ја видат изложбата на дела од Интернационалната уметничка колонија, која се одржува во Трпејца, а во музичкиот дел ќе настапат Влатко Броз и диџеј Марама.
В петок во истиот термин публиката ќе може да се запознае со минатото на дел од околината на Трпејца. Младиот Петар Симоноски ќе прикаже видеопрезентација на тема: „Тврдина Осој од VI век“.
Викендот е резервиран за документарни филмови. В сабота навечер публиката ќе го гледа документарно-туристичкиот филм „Трпејца на дланка“, работен по сценарио на Милчо Јованоски.
Следната вечер од 20.30 часот публиката ќе се запознае со Љупчо Паункоски и неговиот документарен филм „Охридските пливачки легенди“.
Неделното утро е резервирано за традиционалната прошетка на домаќините и гостите по патеката Чоколско.
В понеделник, на 24 јули, во Трпејца ќе гостува бендот „3.0“ (три промили), а денот потоа е резервиран за традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“ и натпреварот во пливање.
Вечерта е резервирана за прошетката „Со кајче по езерото“.
В среда, на 26 јули, од 19.30 часот, посетителите на манифестацијата „На зајдисонце“ ќе може да учествуваат на атрактивната трка со куфери по скалинадата во Трпејца.
Час подоцна, ќе следува интересната видеопрезентација „Пчелите ќе го спасат светот“ од Петар Стојаноски од фирмата „Органски природен мед“ од Трпејца.
Претпоследната вечер од културното лето во Трпејца е резервирана за драмското студио „Цвет 75 “ од Охрид, под раководство на Драгана Боцевска. Младите актери ќе ја одиграат претставата „Пепелашка од Охрид“.
На крајот од дванаесеттото издание на „Зајдисонцето“, охридскиот сликар, фотограф и филмофил Ѓоко Симјаноски ќе гостува со изложбата на портрети „Беше еднаш Холивуд“.
Летото во свој стил со пародијата „Дојдете во Трпејца“ ќе го затворат познатата македонска актерка Марија Кондовска и угостителот Марјан Митрески-Мац.
Култура
Заврши 57. фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп: „…Медеја“ е најдобра претстава
Синоќа со врачувањето на наградата за претставата „Се викам Медеја“ (My Name is Medeja) на Народниот театар од Битола за најдобро уметничко остварување во целина заврши 57. фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Награда за најдобра режија доби Себастијан Хорват, за најдобра главна женска улога – Илина Чоревска, за најдобра музика – Драго Ивануша и за најдобар рекламен материјал – Сашо Илковски.
Скопскиот Драмски театар и претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ освои 5 награди, меѓу кои и за главна машка улога за Дамјан Цветановски и за најдобра женска епизодна улога за Емилија Мицевска.
Наградени беа и Турскиот театар за претставата „Човек перница“, како и Прилепскиот театар за „Мистерија Буфо“ и на Театарот за деца и младинци, за „Роња, ќерката на ограбувачот“.
Наградата за современа сценска драматизација ја доби Лидија Митоска-Ѓоргиевска за „Мистерија Буфо“.
Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Хакан Даци за улогата на Катуриан во претставата „Човек перница“ во изведба на Турскиот театар од Скопје, копродукција со „Машина продакшн“ и „Пик продукција“. За истата претстава, за улогата на Микаил, актерот Дин Ибрахим ја доби наградата за најдобра машка епизодна улога. Наградата за млада актерка ја доби Матеа Јанковска за Роња во „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театар за деца и младинци од Скопје.
Со свечената вечер со наградените на финалето на „Черондрински“ и со изведбата на „Последниот балкански вампир“ на Дејан Дуковски и Александар Поповски, на Српското народно позориште од Нови Сад, се спушти завесата на годинешниот МТФ „Војдан Чернодрински“, со најава за нова свежина и афирмација на македонската драма вгодина.