Македонија
(Видео) Потпишани договорите за проекти за прекугранична соработка со Грција
Денеска, во Владата, министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, и подносителите на проекти потпишаа договори за кофинансирање на проектите од првиот јавен повик во рамките на Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција.
Меѓу носителите на проектите се и јавни здравствени установи, Царинската управа, Центарот за управување со кризи, општини, Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион, граѓански организации. Индиректни корисници се граѓаните од четири плански региони во Република Македонија и од пет региони од Грција.
Во своето обраќање министерот за локална самоуправа рече дека до 2020 година за проекти за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција од страна на Европската Унија се обезбедени 45,5 милиони евра, од кои 50 отсто за проекти што ќе бидат имплементирани во Македонија.
Средствата за национално кофинансирање ги обезбедува Министерството за локална самоуправа од буџетот на државата.
„Во овој повик имаме на располагање 15 милиoни евра од Европската Унија и 2,4 милиона евра обезбедени од буџетот на државата преку Министерството за локална самоуправа за национално кофинансирање. На овој начин државата им помага и ги охрабрува потенцијалните апликанти: општини, граѓански организации, училишта, детски градинки, универзитети, болници, асоцијации и други непрофитни субјекти, да подготват проекти, да влезат во конкуренција и да обезбедат средства од Европската Унија. Сите апликанти што обезбедија средства за финансирање на проектите си помагаат сами на себе и на локалната заедница. Во исто време се реализираат приоритетни прашања, без да се трошат средства од општинските буџети“, изјави Фазлиу.

Министерот за здравство, Венко Филипче, ја истакна поддршката која преку овие проекти Европската Унија им ја дава на институциите и на граѓаните на Македонија.
„Конкретно, станува збор за опремување со апарати и за подигнување на јавната свест за превенција од малигни заболувања во согласност со европските стандарди. Ќе се обезбедат подобри услови за скрининг на дојка во Општата болница во Битола, што значи навремено дијагностицирање и лекување, а исто така ќе бидат мапирани сите даватели на услуги од двете страни на границата“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков, изјави дека Општина Гевгелија досега има реализирано 10 проекти од Програмата за прекугранична соработка со Грција, во вредност од 2 милиона евра.
Со реализација на проектите Царинската управа ќе добие нова опрема, со која ќе ги подобрува функционалноста и ефикасноста на граничните премини, а ќе се обезбеди енергетска ефикасност во училиштето во Валандово и во детската градинка во Радовиш.
Во општина Ново Село ќе се подобрат здравствената грижа и социјалните услуги за возрасните лица, исто така ќе се работи на создавање нови работни места преку развивање на винскиот туризам, техничка поддршка и управување со хуманитарни кризи и природни катастрофи во прекуграничниот регион, а исто така ќе се подобри и заедничката грижа за животната средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Градско – Прилеп
Денеска во 20:25 час, сообраќајот на регионалниот пат Градско – Прилеп кај клучката Манастирец кој беше пренасочен по регионален пат Р1107 кон Кавадарци поради случена сообраќајна незгода помеѓу патнички автомобил и трактор е пуштен за сообраќај во целост.
Македонија
Сообраќајка меѓу патничко возило и трактор на регионалниот пат Градско – Прилеп, сообраќајот пренасочен
Денеска околу 19:00 часот поради случена сообраќајна незгода помеѓу патнички автомобил и трактор, регионалниот пат Градско – Прилеп кај клучка Манастирец е пренасочен по регионален пат Р1107 кон Кавадарци, соопшти АМСМ.
Македонија
МВР: Шалтер за „Безбеден град“, граѓаните од утре ќе можат да ги променат контакт-податоците
Од Министерството за внатрешни работи известуваат дека граѓаните од утре (17.12.2025), на посебен шалтер во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ (приземје) во Скопје, кој ќе работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот ќе можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците кои ги доставиле при регистрација на возилата, доколку има настаната промена или во случај да имаат добиено известување со неточни податоци.
„Истото, ќе може да се изврши и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде што е распореден деташиран референт на МВР.
Исто така, граѓаните по електронска пошта на [email protected] ќе можат да достават писмена забелешка доколку имаат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со функционирањето и примената на системот „Безбеден град“, при што сите доставени забелешки ќе бидат евидентирани и разгледани согласно утврдените процедури, со цел унапредување на работењето и поефикасна комуникација со граѓаните“, соопшти МВР.

