Македонија
Коалиција „Маргини“: Игнорирањето на училишните служби, причина за случајот со девојчето
Коалицијата „Маргини“ со згрозеност и загриженост реагира во однос на вчерашните информации споделени во медиумите за насилството врз и повредите со кои се здобило 14-годишно девојче во едно основно училиште во Скопје, откако била фрлена преку прозорец од своите (машки) соученици.
„Со жалење можеме да констатираме дека овој застрашувачки настан е резултат на долгогодишното и континуирано игнорирање на насилството во училиштата и помеѓу младите, особено насилството засновано на род, родов идентитет и сексуална ориентација. Коалицијата долго време укажува на проблемите во образованието како: премолчувањето пред неретките случаи на насилство во најразлични форми, отсуството на соодветни наставни програми и механизми за спречување и заштита од врсничкото насилство во училиштата, игнорирањето на гласот и искуствата на младите. Низ годините сме нуделе предлог-мерки за справување со овие проблеми, но незаинтересираноста е став и на претходната и на актуалната власт“, велат од коалицијата.
Особено загрижувачки е, како што додаваат, што во овој немил настан многу лесно може да се препознае родовата компонента, односно постоењето на силни индиции дека станува збор за родово засновано насилство.
„Во текот на изминатите години нашите истражувања потврдуваат дека степенот на родово засновано насилство и булинг/ силеџиство во училишните средини, и надвор од нив, помеѓу врсниците, е исклучително висок и загрижувачки, и се појавува во сите различни форми, почнувајќи од физичкото насилство, преку психилошкото и сексуално вознемирување, па сé до сајбер-насилството и вознемирување што го искусуваат девојчињата и родово ненормативните момчиња. Ваквата слика и состојба во училиштата е рефлексија на веќе етаблираната култура на насилство, традиционалните родови норми и стереотипи во општеството, и широката распространетост, непрепознавање и игнорирање на родовото насилство во нашето општество. Токму затоа одговорноста на училиштата е исклучително висока и тешка, но истовремено и можност за трансформација на насилните шеми и родова нееднаквост во нашето општество“, наведе коалицијата.
Според коалицијата, особено алармантни во оваа ситуација се односот на директорот и дел од наставниот кадар во училиштето, чиишто изјави се обидуваат да го минимизираат овој насилен чин, да ги порамнат сите страни во настанот како подеднакво жртви и да ја минимизираат сериозност на проблемот за насилно однесување на момчињата преку посочување на нивните добри постигнување и оценки.
„Вчудовидени сме од леснотијата со која повредите на телото на девојчето се оправдуваат од страна на погоренаведените со нејзиното (и на други девојчиња) свесно и ‘доброволно’ учество во овие ‘игри’. Уште пострашно за нас е дека овие ‘игри’” се случувале веќе извесен период во училиштето, а притоа нејасно е каде биле и каква е одговорноста на училишните служби, наставниците и директорот за сето ова време.
Имајќи го сето ова предвид, го повикуваме училиштето и надлежните служби итно да го расветлат целиот случај, земајќи ја предвид нееднаквоста на страните, и потребата од сензитивен однос со фокус на жртвата“, посочуваат од коалицијата.
Државниот просветен инспекторат, според нив, мора, исто така, итно да спроведе вондреден надзор и согласно со постојните законски прописи и правилници, да побара одговорност и примени санкции врз одговорните во случајот.
Тие го повикуваат Министерството за образование и наука да почне неодложно со развивање механизми за заштита и превенција од насилство со измена на законите за основно и средно образование, да донесе и да спроведе стратегија против насилство во училиштата со вклучување на родот, сексуалната оринтација и родовиот идентитет и итно да ги измени наставните програми и учебниците со вметнување релевантни и современи содржини со кои ќе се превенира насилното однесување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.

