Македонија
(Видео) Лашкоска, Пемова и Ласовска: Сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ сплотено ќе гласаат против уставните измени
Пратениците од редовите на ВМРО-ДПМЕ, по средбата со партискиот лидер Христијан Мицкоски во Собранието, се собраа во еден од рестораните на кејот на Вардар. Пратеничката Весна Пемова во изјава за „Макфакс“ вели дека сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против уставните промени што ги налага договорот со Грција.
„Сите ќе гласаме против. Единствени сме како никогаш досега“, изјави пратеничката Пемова.
Пратеничката Ане Лашкоска потврди дека попладнево имале средба со Мицкоски и рече дека тоа е редовна координација. Таа одби да открие за што разговарале. Неофицијално, ставот што лидерот го споделил со пратениците е дека партијата сака да побара формирање техничка влада, која ќе функционира една година, а меѓу неколкуте цели, таа ќе треба да почне нови преговори со Грција. Лашкоска одби да потврди, но не негира.
„Ќе бидете информирани, состанокот на ИК е вечерва, не знаеме за што ќе се разговара“, рече Лашкоска на прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ би прифатило предвремени парламентарни избори.
Пратеничкатата Благица Ласовска исто така не сакаше да открие за што разговарале со партискиот лидер, а за сплотеноста со колегите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ рече: „Апсолутно, никој нема да гласа за уставните измени“.
Меѓу присутните пратенички беа Жаклина Пешевска, Весна Дамчевска-Илиевска, Невенка Стаменковска и други. Вечерва, ВМРО-ДПМНЕ има закажано состанок со Извршниот комитет на партијата, на кој ќе се разговара за тоа како опозицијата ќе постапува понатаму во однос на уставните промени и евентуалните предвремени парламентарни избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со швајцарскиот претседател Пармелан во Дубаи
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Швајцарската конфедерација, Ги Пармелан.
„На средбата беше реафирмирано високото ниво на партнерство меѓу двете држави, што се основа на пријателство, заемна доверба и почит. Претседателката изрази уверување за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог на највисоко ниво. Во таа насока, претседателката упати покана за официјална посета на претседателот Пармелан“, соопштија од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Таа се заблагодарила за проектната помош во различни области, со што Швајцарија е меѓу најголемите билатерални донатори во нашата држава.
Посочила на важноста на поддршката што Швајцарија ја дава за стратешките определби на нашата држава, што според неа ја демонстрира швајцарската посветеност за стабилност, развој и европска иднина на нашиот регион.
Соговорниците го споделиле мислењето за важноста на бројната македонска заедница во Швајцарија како важна нишка во развојот на односите меѓу двете држави.
Претседателката повикала на натамошно интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена, вклучително и зголемување на швајцарските директни инвестиции.
Сиљановска-Давкова изразила сочувство за трагедијата во ноќниот клуб во Кран Монтана на новогодишната ноќ и загубата на човечки животи, како ужасен потсетник на трагедијата во Кочани, што остави трајни рани во македонското општество.
Двајцата претседатели размениле мислења и за актуелните случувања на глобален план.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Од утре следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на утрешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Министерот – глумец контра правата на културните работници, велат од Левицата
Министерот за култура, Зоран Љутков е тотално отсутен и очигледно незаинтересиран за условите и правата на своите довчерашни колеги – културните работници. Веднаш по стапување на функција, тој го сврте грбот на сѐ што значи култура во Република Македонија, реагираат од Левица.
„Министерот очигледно не ги разликува колективните договори, нивната важност и примена. Му укажуваме дека Колективниот договор за култура не е еден од најдобрите во Република Македонија, напротив далеку од тоа. Истовремено, Општиот Колективен договор за јавниот сектор, кој е донесен подоцна, важи за сите вработени во културните институции и неговите одредби задолжително се применуваат.
За на јавноста да и биде појасно, најголем проблем со испразнетите буџети произлегува од членот во Општиот колективен договор кој предвиде зголемување на платите на културните работници од 10 проценти, почнувајќи од септември 2023 година. Министерството за култура најпрвин го имплементираше ова право и ги зголеми платите за подоцна да донесе решенија со кои истотот зголемување го суспендираше..
За да биде поуверлив во своите настапи, министерот-глумец дури сам си ги спонзорира на социјалните мрежи своите настапи од собраниската говорница, нешто налик на самопромоција, имајќи во предвид декана културните работници повеќе не им се интересни неговите улоги“.
Ароганцијата, додават од оваа партија, оди дотаму што министерот јавно коментира судски одлуки од собраниска говорница и тоа, како што велат, на неправосилни пресуди кои културните работници ги добија во прв степен. „
Но, познавајќи го карактерот на владеачката партија и нејзините тесни врски со судството, сосем е можно повисоките судови да ги укинат првостепените пресуди, а не да ги поништат како што тврди неинформираниот министер.
Но, самиот факт што министерот за култура ги изложи своите колеги на судски процеси треба да му биде јасена слика дека води политика спорот на интересите на културата и културните работници. Да не заборавиме и дека министерот ги остави културните работници без плата за време на празниците, без никакво соопштение или објаснување“.
Левица го повикува министерот, како што истакнуваат, да се вразуми и конечно да ги заштити стекнатите права на културните работници.

