Надворешна политика
Oдржани билатерални одбранбени консултации меѓу Македонија и САД
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/11/Bil20Nelson202.jpg)
Интеграција во НАТО, реформски процеси во одбраната, билатерална соработка и ангажман во мировни операции предводени од НАТО и Обединетите Нации, беа темите на кои во Пентагон разговараа делегации од Министерството за одбрана и од американскиот Департман за одбрана, предводени од министерот Зоран Јолевски и Евелин Фаркаш, заменик-помошник на Секретарот за одбрана за Русија, Украина и Евроазија.
Министерот Јолевски на средбата посочи дека стратегиски приоритет на Македонија е полноправното членство во Алијансата. Тоа, рече министерот е поддржано од македонското собрание, политичките партии, но и најважно граѓаните на Македонија. Во контекст на реформските зафати и идните чекори, министерот Јолевски посочи дека станува збор за процес кој тече во континуитет. „Дел од тој процес е и процесот на модернизација на Армијата, која е планирано да се одвива согласно НАТО стандардите“, рече министерот Јолевски на одбранбените консултации.Како една од можните идни насоки на развој на соработката, споменато беше и трилатералното партнерство со Националната Гарда на Вермонт и Сенегал. Во тој контекст, министерот Јолевски посочи дека Македонија ја разгледува можноста за идно учество во мировни операции на Обединетите Нации, особено со земји партнери како САД и Италија.Заменик-помошникот на секретарот за одбрана, Фаркаш уште еднаш ја потврди недвосмислената поддршка за Македонија кон достигнувањето на нејзината цел – членство во НАТО. „Горда сум на нашето партнерство. Македонија нè поддржа уште од самите почетоци на мисијата ИСАФ, во моментов е дел од Одлучна поддршка, а беше дел и од мисијата Слобода за Ирак. Тоа ние многу го цениме“, рече Фаркаш за време на консултациите.Министерот Јолевски се сретна и со главниот заменик потсекретар за одбрана, Брајан МекКијан, при што беа разменети мислења за геополитичката состојба и нејзиното влијание врз безбедноста на регионот, Европа и светот. „Влезот на Македонија и на Црна Гора во НАТО во голема мера ќе влијае врз зацврстувањето на безбедноста и стабилноста на регионално ниво“, додаде министерот.
Потсекретарот МекКијан рече дека САД го цени учеството на припадниците на АРМ во Авганистан, каде дел од македонскиот контингент е на задача за обезбедување на главниот штаб на командата во Кабул.Министерот Јолевски оствари средба и со сенаторот Бил Нелсон, при што зборуваа за меѓусебните билатерални односи, начините и модалитетите за нејзино унапредување во иднина. Воедно, министерот укажа и на аргументите зашто Македонија заслужува да биде дел од НАТО-алијансата./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2017/02/mucunski-viena.jpg)
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/mucunski-varheji.jpg)
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/02/Ukraina-1.jpg)
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.