Европа
Над 80 лица од обезбедувањето на ЕУРО2016 во базата потенцијални терористи
Осумдесет и две лица кои се ангажирани да обезбедување на настаните од претстојното европско фудбалско првенство во Франција се наоѓаат во базите податоци на граѓани кои се претставуваат потенцијална закана за безбедноста на турнирот, а германски новинари го пробија безбедносните мерки за време на пријателскиот натпревар меѓу Франција и Камерун.
Францускиот магазин Le Point објави, повикувајќи се на извештај на Главната управа за безбедноста на Франција, дека повеќе десетици лица ангажирани за одржување на редот за време на натпреварите или други настани кои ќе го придружуваат ЕУРО2016 се на листата потенцијално ризични лица од аспект на тероризмот.
Се истакнува дека безбедносните служби спровеле анализа на податоците за 3.500 обезбедувачи и агенции, кои може да бидат вклучени во безбедноста на натпреварите. Биле идентификувани 82 лица, кои минуваат низ специјалната база лица кои претставуваат потенцијална закана за националната безбедност или се способни да извршат терористички чин. Во истата база се внесуваат имињата на оние лица кои се поврзани со екстремни организации од различна провиниенција.
Истовремено новинарите на германската телевизија ARD тестирајќи ги безбедносните мерки на француските стадиони, успеале да прошверцуваат неколку шишиња со кечап на стадионот во Нант за време на пријателскиот натпревар Франција – Камерун. Обезбедувањето на стадионот одземало едно шише, но другите три не успеале да ги откријат.
Еден од организаторите на турнирот, Мартен Кален, не беше одушевен од резултатите од експериментот спроведен од германските новинари. „Ова не е добро“, коментираше кусо Кален додавајќи дека, сепак, стадионот во Нант не е еден од десетте на коишто ќе се играат официјалните натпревари од шампионатот.
Еден од водечките германски експерти за тероризам, Михаел Гетшенберг, предупреди на опасноста од терористички напади за време на ЕУРО2016. „Доколку постои и најмала можност за удар, терористите тоа ќе се обидат и да го искористат“, вели Гетшенберг.
Низа безбедносни пропусти беа регистрирани и на неодамнешното финале на францускиот фудбалски куп во Париз. И покрај големиот број полицајци, војници и обезбедувачи, навивачите на ПСЖ и на Марсеј на парискиот „Stade de France “ успеаја да внесат петарди, чадни бомби, факели, шишиња и други опасни предмети. Дури и камења беа фрлани во меѓусебните пресметки. Се случија и големи проблеми при влегувањето на стадионот кога се создаде блокада со повеќе илјади луѓе, па се закануваше опасност некој да биде прегазен.
Француската јавност беше гневна, споменувајќи си на 130-те жртви и 400-те ранети во џихадистичките напади од ланскиот 13-ти ноември. Притоа тогаш првата цел на бомбашите самоубијци беше токму стадионот „Stade de France“ во париското предградие Сен Дени, на кој ќе се играат воведниот и финалниот натпревар од ЕУРО2016.
Како што беше објавено, со цел да се осигури целосната безбедност на европскиот фудбалски шампионат кој ќе се одржува од 10-ти јуни до 10-ти јули, ќе бидат ангажирани 90.000 полицајци, војници, како и вработени во приватни фирми за обезбедување./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Папата го критикува планот на Трамп: „Срамота“
Папата Франциско ја критикува најавата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека ќе почне построго спроведување на антиимиграциските мерки, вклучително и депортации, по преземањето на функцијата.
Во интервју за италијанската телевизија „Канал 9“, папата рече дека би било срамота доколку Трамп продолжи со најавениот план, објави „Ројтерс“ во понеделникот додавајќи дека користењето остри зборови е невообичаен начин на комуникација за поглаварот на Католичката црква.
Франциско, духовниот водач на 1,4 милијарда католици, обично внимателно ги избира зборовите кога зборува за политички прашања.
Тој смета дека со овој план „мигрантите, кои немаат ништо, ќе ја платат неплатената сметка“.
„Тоа не функционира. Така не го решавате проблемот“, рече папата.
Европа
Се судрија два брода на реката Елба, 11 повредени
Единаесет лица се повредени кога транспортен брод се судри со траект на реката Елба во северниот германски пристаништен град Хамбург, соопштија денеска пожарникарите.
Едно лице добило повреди опасни за животот, изјави портпаролот во близина на местото на несреќата. Бродовите се судрија рано утрото во близина на мостот „Колбранд“ во југозападниот дел на Хамбург.
Причините за несреќата сè уште не се познати.
Европа
Украински командант: Русите загубија најмногу војници во 2024 година од почетокот на војната
Руските сили ги претрпеа најтешките загуби во 2024 година од почетокот на војната. Вкупните воени загуби достигнаа 434.000 војници, вклучително и приближно 150.000 загинати во борбите во текот на изминатата година, изјави врховниот командант Олександр Сирски во вчерашното интервју за украинскиот медиум ТСН, пренесува Гардијан.
„Путин загуби повеќе во 2024 година отколку во претходните две години војна заедно“, рече Сирски.
До вчерашниот ден Русија загубила вкупно 818.740 војници од почетокот на инвазијата, се наведува во извештајот на украинскиот Генералштаб. Проценката се совпаѓа со проценките на западните разузнавачки агенции и веројатно ги вклучува убиените, заробените, ранетите и исчезнатите. Русија постигна напредок во источна Украина и во регионот Курск во текот на изминатата година, но со големи загуби.
Руските загуби достигнаа рекордни нивоа во ноември и декември, со дневен максимум од 2.030 изгубени војници во ноември, што е највисока дневна загуба од почетокот на руската инвазија во 2022 година. Москва не го открива бројот на своите жртви, иако официјален претставник на Министерството за одбрана неодамна откри дека одделот примил 48.000 барања за идентификација на исчезнатите војници.
Според заедничката истрага на руско Би-би-си и „Медиазоне“, новинарите ги идентификувале имињата на 88.726 руски војници кои загинале за време на инвазијата на Украина. Според овие извори, 2024 година би можела да биде најсмртоносната година на војната, со во моментов повеќе од 20.000 потврдени смртни случаи во изминатите 12 месеци, иако конечните бројки сè уште се собираат.
Во декември, украинскиот претседател Володимир Зеленски откри дека Украина изгубила 43.000 војници на бојното поле од почетокот на инвазијата, тема за која често не разговара. Олександр Сирски на прашањето за украинските загуби генерално одговори, само рече дека тие се многу помали од руските. Доколку продолжи ваквото темпо на руски загуби, се очекува во следните шест месеци да бидат изгубени над еден милион војници.