Европа
Двајца натпреварувачи починаа на полумаратон во Велс

За време на полумаратон во Кардиф, Велс, двајца мажи учесници во трката починаа, објавија организаторите на маратонот.
Како што објави агенцијата АП, тие починале поради срцева слабост по завршувањето на трката, која се одржа во неделата. Меѓутоа, засега нема официјални инфомрации од организаторите за причините поради кои починале двајцата натпреварувачи.
Според информациите на тамошните медиуми, 32-годишен човек паднал кога ја минал целта, и тоа пред својата сопруга и едногодишното дете, а седум години помладиот натпреварувач починал трчајќи во друштво на девојката.
Локалните медиуми објавија дека другите натпреварувачи, како и медицинскиот тим, веднаш се упатиле да им укажат помош на двајцата мажи, но тие итно биле упатени на Универзитетската болница во Кардиф, каде што починале.
Двајцата, најверојатно, починале поради проблеми со срцето.
По немилиот настан, организаторите на маратонот изјавија дека ова се први смртни случаи во 15-годишната историја на одржување на оваа трка.
„Тоа е ужасна трагедија за семејствата на починатите. Ние го искажуваме нашето најдлабоко сочувство за нивната загуба. Службите за итни случаи реагираа брзо и професионално, а сите ние што сме вклучени во организацијата на полумаратонот сме ужасно потресени“, изјави извршниот директор на трката, Мет Њуман.
Полумаратонот во Кардиф е втор по големина натпревар што се организира во Велика Британија, а оваа година учествуваа речиси 25.000 натпреварувачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Идниот германски канцелар за падот на берзите: Драматично е, а може да биде и полошо

Фридрих Мерц, шефот на германската ЦДУ, кој се очекува да ја преземе функцијата германски канцелар, предупреди дека ситуацијата на светските пазари на акции и обврзници може дополнително да се влоши.
„Пазарите се во драматична состојба, што се заканува со понатамошна дестабилизација“, рече Мерц во изјава за „Ројтерс“.
Тој нагласи дека сега „е поважно од кога било Германија што побргу да ја врати меѓународната конкурентност“, а ова прашање треба да биде во центарот на коалициските преговори на неговата конзервативна опција со социјалдемократите.
Мерц се залага за пониски даноци, намалување на бирократијата и пониски цени на енергијата.
Утрово продолжи насилниот пад на светските берзи. Кон средината на минатата недела американскиот претседател Доналд Трамп ги потресе објавувајќи повисоки царини на увозот од очекуваното.
Додека Кина возврати со контрамерки, инвеститорите стравуваат од ескалација на царинската војна, нарушувања во меѓународната трговија, зголемување на инфлацијата и забавување на растот на најголемите економии, па дури и рецесија.
Поради тоа, цените на акциите утринава остро паднаа на азиските берзи, но и на европските.
Европа
Тинејџер избоден до смрт во Лондон, уапсени двајца 16-годишници

Двајца тинејџери се уапсени кога 17-годишник беше избоден до смрт во саботата во западен Лондон.
Полицијата била повикана околу 13.10 часот по пријава за напад со нож на улицата Ерконвалд во Шепердс Буш. На местото на настанот биле пронајдени две млади момчиња со убодни рани.
Еден од нив, 17-годишниот Кеирон Чарлс, починал на самото место, потврди лондонската полиција.
Уште едно 16-годишно момче е пренесено во болница со повреди што не се опасни за животот. По лекувањето, тој бил отпуштен и уапсен поради сомнение за убиство. Тој моментно е во притвор.
Третиот осомничен, исто така 16-годишен, го напуштил местото на настанот, но бил уапсен вчера рано наутро и исто така е во притвор, соопшти лондонската полиција. Истрагата за убиството е во тек.
Европа
Шефот на НАТО за мировниот договор: Топката е јасно на теренот на Русија

Русија веројатно нема да може да им диктира услови на САД за прекин на огнот во војната во Украина, но руското раководство навистина треба да стори повеќе за „да стави крај на оваа војна“, рече генералниот секретар на НАТО Марк Руте во интервју за „Си-би-ес Њуз“.
Според него, по неодамнешните преговори во Вашингтон, на кои учествуваше пратеникот на Кремљ, Дмитриев, „топката очигледно е на теренот на Русија“.
„Тие не се движат доволно брзо. Мојот впечаток, вклучително и впечатокот што го добивам од моите американски соговорници, е дека Русија навистина треба да направи повеќе за да стави крај на оваа војна“, рече Руте.
Во исто време, тој истакна дека поради американскиот претседател Доналд Трамп „се преселивме од мртва точка“ во однос на војната во Украина.
„И јас сум му благодарен за тоа. Морам да кажам дека сојузниците овде, во последните неколку дена на средби со министрите за надворешни работи, целосно ги поддржуваат напорите на САД да ја доведат оваа војна до праведен и траен крај“, нагласи генералниот секретар на НАТО.
Сепак, Руте не е сигурен дека рускиот претседател Владимир Путин сериозно размислува да стави крај на неговата голема воена агресија против Украина. „Мислам дека ова сега е тест“, заклучи Руте.