Свет
Во лимузина во Њујорк загинаа четири сестри и нивни сопрузи

Четири сестри, како и сопрузите на три од нив, загинаа додека оделе да го прослават роденденот на најмладата, пишува „Њујорк пост“.
Четирите сестри се меѓу 20-те загинати во страшната несреќа што вчера се случи во САД. Трагичната незгода се случи во државата Њујорк во саботата во попладневните часови кога лимузина со 18 луѓе со голема брзина минала на крстосница по што удрила во паркиран автомобил и потоа собрала двајца пешаци кога излетала од улицата. Двајцата пешаци загинаа, како и сите 18 патници во лимузината.
„Едната од нив само што се венча“, изјавила вујната на сестрите, Барбара Даглас.
Нивниот брат, 35-годишниот Том Кинг, рекол дека четирите сестри биле прилично блиски.
„Беа како четири мускетари“, изјавил Кинг додавајќи дека сè уште е во шок.
„Ние сме единствените што останавме, а бевме седуммина. Пет сестри и двајца браќа“, кажал тој за медиумите.
Ејми Данлоп Џонсон, која е роднински поврзана со некои од жртвите, за Си-би-ес изјавила дека тие посетувале винарница во околината.
Изнајмената лимузина, во која можеле да се сместат 18 патници и возач, преминала низ крстосница на која имало обврска за сопирање при брзина поголема од 80 километри на час. Потоа луксузното возило се забило во паркиран автомобил.
Четирите сестри што загинале во несреќата се Абигејл Џексон, Мери Дајсон, Алисон Кинг и Ејми Стинбург. Биле на возраст меѓу 30 и 35 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Стејт департмент: Претседателот е задоволен од прекинот на огнот

Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп е задоволен од прекинот на огнот меѓу Израел и Иран.
„Мислам дека кога ќе се погледне начинот на кој се одвиваше денот, имаше одредена активност од двете страни, но тоа сега престана и прекинот на огнот е на сила“, рече таа.
„Претседателот е задоволен. Затоа мислам дека можеме да го земеме тоа како показател за неговите чувства во овој момент“, додаде Брус.
Свет
Нетанјаху: Постигнавме историска победа

Постигнавме историска победа, објави во видео порака, израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Тој рече дека победата ќе се памети со генерации, додавајќи дека Израел никогаш немал подобар пријател во Белата куќа од Доналд Трамп.
„Елиминиравме две непосредни егзистенцијални закани – нуклеарната закана и заканата од балистички ракети. Доколку не дејствувавме, наскоро ќе се соочевме со опасноста од уништување“, додаде тој.
Свртувајќи го своето внимание кон „иранската оска“, тој рече дека Израел „мора да ја заврши кампањата“.
„Тоа значи поразување на Хамас и враќање дома на сите израелски заложници што остануваат во Газа, мртви или живи“, рече тој.
Свет
Иран објави крај на војната

Иранскиот претседател, Масуд Песекијан, денес објави крај на 12-дневната војна со Израел во порака до нацијата и рече дека не сака да се здобие со нуклеарно оружје, туку да ги реши сите несогласувања на преговарачката маса, објави новинската агенција ИРНА.
„Денес, по херојскиот отпор на нашата голема нација, која со решителност пишува историја, сме сведоци на стапувањето во сила на прекинот на огнот и крајот на таа 12-дневна војна наметната од авантуризмот и провокацијата на Израел“, напиша Песекијан.
Тој повтори дека неговата земја не се обидува да се здобие со нуклеарно оружје, но дека ќе продолжи да го брани своето легитимно право да развива цивилна нуклеарна програма.
Во телефонски разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Мохамед бин Зајед, Песекијан рече дека „со оглед на нивните односи со САД, тој очекува ОАЕ да им објасни дека Иран сака само да ги оствари своите легитимни права“, додаде ИРНА.
Израел го нападна Иран на 13 јуни, обвинувајќи го теократскиот исламистички режим дека се обидува да се здобие со атомско оружје, уништувајќи стотици воени и нуклеарни објекти. Исламската Република одговори со лансирање стотици ракети и беспилотни летала кон Израел.
Во неделата, САД извршија невидени напади врз три ирански нуклеарни објекти. Двете страни остануваат длабоко поделени околу прашањето за збогатување на ураниум. Иран тврди дека тоа е право за кое не може да се преговара, додека Вашингтон го смета за „црвена линија“. Иран вчера испука ракети врз американската воена база во Катар.