Македонија
Единствена Македонија до Заев: Отфрли го договорот со Грција и ајде сите на избори
Единствена Македонија го подржува предлогот со кој се бара Зоран Заев да го отфрли договорот со Грција како единствено можнo решение за надминување на актуелната кризна состојба преку распишување вонредни парламентарни избори, соопшти партијата.
„Истовремено, изразуваме силна загриженост доколку СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ државата повторно ја доведат недозволиво во очите на демократските држави да се претставува како незрела демократија, која не може да обезбеди излезни решенија, без меѓународно туторство.
За Единствена Македонија и македонскиот народ, нема дилема. Во однос на надминувањето на оваа најнова криза со немањето двотретинско мнозинство за уставните измени, најдобро е тоа самите да го направиме.
Дотолку повеќе, со распишувањето нови избори Зоран Заев ќе има можност да води кампања во која отворено ќе се залага за договорот со Грција, па народот да одлучи врз основа на искрени понуди земајќи предвид дека на претходните избори Заев го измами народот оти не вети дека доколку победи, ќе се залага за промена на името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ.
Значи, на потег сега е Зоран Заев. Ако е искрен и не блефира, нека го отфрли дговорот со Грција и ајде да се соочиме со народот на избори“, порачаа од Единствена Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дедо Мраз од Лапонија ќе дојде со волшебен воз на Железничка во Скопје
Специјална новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ ќе се одржува од денеска 30 декември на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Претставата ја организираат Училиштето за театар „Од игра до претстава“, Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници АД Транспорт.
Публиката ќе може да го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации: музејската постановка на Македонски железници, театарска претстава во салон и посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот.
– Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „Шпанец“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата. Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата, се вели во соопштението од „Од игра до претстава“, ЈП Македонски Железници – Инфраструктура Македонски Железници АД Транспорт.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски. Вклучени се и 40-тина учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: локомотива создадена во 1942 година, серија 33 и вагон што е изработен во 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70-те години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „шпанец“ серија 712/714.

Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот. Резервација на [email protected] и на телефонскиот број 075 295 905.
Македонија
Скопје повторно ќе пулсира во ритамот на виното со Винодонија 2025
Винодонија 2025 – најпрестижниот вински настан во Македонија и годинава ветува незаборавно искуство за сите љубители на виното. Деветтото издание на салонот ќе се одржува денеска и утре во Скопје, а посетителите ќе имаат можност да ги вкусат најдобрите вина од земјата и од странство, додека 15 гастро-изложувачи ќе ги надополнат елегантните вински моменти со ексклузивни деликатеси.
-Салонот ќе биде винска сцена за споделување на вкусови, емоции и моменти, идеално место за уживање во најдоброто од виното пред крајот на годината. Со внимателно одбран амбиент, богата програма и вински ритуали што ги слават сетилата, Винодонија 2025 воедно е и покана за достоинствено затворање на годината – со чаша вино во рака и со друштво што знае да препознае вкус и вредност. Со повеќе од 75 вински брендови кои ќе изложат над 500 вински етикети, Винодонија 2025 ветува незаборавно винско патување, најавуваат организаторите.
Интернационалниот карактер на Винодонија 2025 се огледува во присуството на винари и експерти од различни земји, кои ќе ги споделат своите најдобрите вина и најнови трендови во светското винарство. Оваа година, покрај македонските вина кои ја раскажуваат приказната на нашите лозја, посетителите ќе имаат можност да дегустираат и врвни вина од регионот и пошироко.
Водечкиот карактер на Винодонија 2025 ќе дојде до израз и преку едукативните работилници и предавања. Еминентни експерти од винската индустрија ќе споделат свои знаења на специјални мастер-клас дегустации и интерактивни сесии, кои се наменети за сите – од искусни вински познавачи до оние кои сакаат да ја продлабочат својата љубов и разбирање за виното.
Македонија
Магла кај Ресен и Удово, видливоста е намалена
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла до 50 метри има кај Ресен и Удово, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

