Македонија
Градоначалникот шверцер нема да оди во затвор за проневера во службата
Кривичиот совет при Основниот суд во Струмица го одби барањето на Обвинителството Струмица, градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, да се упати на издржување казна затвор од две години за кривично дело, за кое бил осуден во 2015 година.
Барањето е отфрлено како недозволено, бидејќи не постоела посебна постапка за отповикување на ново дело. Тоа можело да се направи само за време на постапката која се водела против него за кривичното дело обид за шверц на цигари, информираат од струмичкиот суд.
На одлуката на Кривичниот совет на Основниот суд во Струмица, Основното јавно обвинителство има право на жалба до Апелацискиот суд во Штип во рок од три дена.
Пред неколку денови досегашниот градоначалник на Ново Село поднесе оставка од функцијата. Стојчев е осуден за кривично дело „проневера во службата“ сторено во 2010 година. Во 2015 година бил осуден на условна затворска казна од две години, доколку не го повтори делото во наредните четири години. За стореното кривично дело условната казна му истекува на 30 април следната година.
Боро Стојчев на 10. јули годинава беше фатен во обид за шверц на цигари. За ова кривично дело Основниот суд во Струмица му изрече казна затвор во траење од 18 месеци. По жалбата на одбраната, Апелацискиот суд во Штип ја намали казната на шест месеци затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода дел од Карпош
ЈП Водовод и канализација Скопје известува дека денеска поради промена на шибер од ф 100мм на улицата Драгиша Мишовиќ бб без вода ќе бидат корисниците од улицата Драгиша Мишовиќ.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на санацијата на дефектот.
Македонија
Променливо облачно и тивко со појава на магла
Променливо облачно со сончеви периоди. По одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник преку денот ќе се задржи стабилно време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Кон крајот на денот и во следните денови под влијание на серија влажни воздушни бранови ќе има повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Поради спуштање на постуден воздух од север на планините и на некои од повисоките места врнежите ќе преминуваат во снег.
Македонија
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека планот за управување со квалитетот на воздухот во Скопје ќе го спремаат докажани експерти
Имплементацијата на мерки кои ќе бидат предвидени во План за управување со квалитетот на воздухот во Скопје ќе го спремаат експерти со докажано искуство и успешни проекти позади нив, а не ПР кампањџии, се вели во соопштението од Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на Град Скопје.
Мерките од овој план ќе бидат поддржани од градските власти и ќе се бара мерливост на резултатите и отчетност во реализацијата.
За дел од мерките ќе бараме помош при финансирањето, а дел од мерките од овој план ќе се финансираат од пари на граѓаните и тие не смее веќе да се трошат како до сега, во проекти со сомнителен квалитет, без мерливи резултати и подготвувани од аматери.
Прашањето на чистиот воздух е прашање на нашето здравје. А нашето здравје и здравјето на нашите деца нема да им го довериме на оние кои својот успех го мерат само во бројот на лајкови кои ловат во матното поле на паниката која ја создаваат кај граѓаните, туку во мерливи резултати.
Прашањата поврзани со квалитетот на воздухот ќе ги решаваме со вклученост на вистински стручњаци, затоа што се работи за здравјето на нашите деца, а не на кариерата на некој опозициски советник.
Светските примери на градови кои влегле во борбата со аерозагадувањето и успешно се борат, покажуваат дека посветената борба трае долги години и не започнува со ПР акции на денот кога воздухот е најзагаден, туку со систематски поставен План за управување со квалитетот на воздухот и имплементација на неговите мерки.

