Македонија
(Видео) „Уа корумпирани” и „оставка” извикуваат дваесетина граѓани на протестот пред Собрание

Мала група граѓани утринава пред Собранието протестираат против промена на Уставот и името на државата. Тие со транспаренти „Не ве гласавме за да менувате име”, „Оставка”, „Бојкотирам” бараат пратениците да не ги поддржат уставните промени.
Тие на улицата пред Собрание поставија шатор и го блокираа сообраќајот. Главно, на протестот се излезени постари граѓани, а пред Собрание има и полициско обезбедување.
„Би им препорачал на сите пратеници да бидат херои, да не гласаат за промена на името. Мислам дека опозицијата нема да даде поддршка, а се надевам дека пратениците на СДСМ нема да гласаат, ќе им проработи совеста. Нема полошо од ова. Од овие предавници, утре децата ќе страдаат“, изјави Слободан Анастасовски, граѓанин кој излезе на протест пред Собранието.
Демонстрантите од паркот Жена-борец, кој се наоѓа веднаш спроти Собранието, на улицата пред Законодавниот дом, ги извадија и клупите. „Уа корумпирани” и „оставка” извикуваат околу 20-тина граѓани на протестот пред Собранието.
„Вам ви е местото во Идризово, да лупате камења. Со 57 гласа изгласавте терорист за претседател на Собрание”, извикуваат присутните.
„Започнуваме со мораториумски акции со блокади, поради притисокот и насилието на македонскиот народ и држава. Насилно сакаат да ја внесат Македонија во ЕУ и НАТО, со антицивилизациски политики. Со народна граѓанска непослушност ќе се обратиме против штетните политики на нелегитимната власт. Ги поставуваме блокадите на улицата пред Собранието, секој ден се до оставката на власта. Тоа е барање кое е доставено до Владата и Собранието. Националниот морсториум е уште една од мерките, зад која застануваме. Антимакедонското парламентарно мнозинство со нелегитимен претседател на Собрание, Талат Џафери и на Влада, Зоран Заев да постапст по нашите протесни барања. Ставаме мораторум, Собранието да не постапува по барањето на Владата за промена на Уставот. Мораторумските акции ќе ги шириме низ цела Македонија и државите низ светот каде живеат наши граѓани, со масовно учество“ посочи Ана Бобинкова-Мијаковска, организатор на протестот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Царините на Трамп стапија во сила, стапката за Македонија е 15 отсто, како и за земјите од ЕУ

Царините на американскиот претседател Доналд Трамп за увоз од десетици земји, кои се движат од 10 до 50 проценти, стапија ВО сила и ја ставија на тест стратегијата на републиканците за намалување на трговскиот дефицит.
Царинската и граничната заштита на САД (CBP) започна со собирање повеќе царини во 00:01 часот по источно време, по недели неизвесност околу конечниот процент на мерките на Трамп и забрзаните преговори со земјите од целиот свет кои сакаа да ги намалат.
Основен процент од 10 проценти претходно беше воведен за увоз од многу земји откако Трамп ги паузираше повисоките царини објавени на почетокот на април. Но, американскиот претседател оттогаш често ги менуваше своите планови, па затоа воведе повисоки стапки за некои земји.
Ова вклучува 50 проценти увоз од Бразил, 39 проценти од Швајцарија, 35 проценти од Канада, Србија, и 25 проценти од Индија. Во среда, тој објави дополнителна царина од 25 проценти за увозот на руски енергетски производи од Индија, која ќе стапи во сила за 20 дена.
Во пресрет на стартот на царините, Трамп зборуваше за милијарди долари што ќе се влеат во САД, главно од земји за кои тврди дека ги искористиле САД.
Осум големи трговски партнери кои сочинуваат 40 проценти од трговијата со САД постигнаа рамковни договори со Вашингтон, вклучувајќи ја Европската Унија, Јапонија и Јужна Кореја. Тие обезбедија основна каматна стапка од 15 проценти. Велика Британија се согласи на 10 проценти, а Виетнам, Индонезија и Филипините помеѓу 19 и 20 проценти. Стапката за Македонија, како што претходно беше објавено, изнесува 15 проценти.
Македонија
Сончево време, попладне со услови за нестабилност

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност.
Попладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието. Максималната температура ќе биде во интервал од 28 до 36 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 35 степени.
Македонија
Без вода делови од скопски Карпош

Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека денеска ( четврток) поради дефект на затварач од ф – 100 мм на ул. Драгиша Мишовиќ бр. 7, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Драгиша Мишовиќ, Роберт Кох и Трифун Пановски, како и корисниците од ул. Бледски Договор лоцирани на потегот од бул. Илинден до ул. Карпошево Востание. ( општина Карпош )